Android 5.0 Lollipop - Најслатка надградба

img
Android 5.0 Lollipop е најголемата надградба на оперативниот систем на Google во последните три години со целосно нов Material дизајн и повеќе новитети кои се применети за поголема функционалност и ефикасност.
 
 
 
Најпрво да објасниме дека оваа рецензија ја правиме според тестот на Nexus 4 кој неодамна ја доби надградбата со Android 5.0 Lollipop во Македонија и дел од новитетите нема целосно да се пренесат и на останатите смартфони.
 
 
Причината лежи во големите кустумизации што ги прават Samsung, LG, HTC, Sony и останатите, но основните функции треба да се пренесат во сите кориснички интерфејси. Визуелно Android 5.0 Lollipop изгледа прекрасно благодарение на Material дизајнот, а „под хаубата“ се наоѓаат неколку нови опции кои досега не беа дел од платформата, па да видиме дали вреди надградбата и што е добро, а што лошо сработено.
 
 
Material дизајн
 
Material дизајнот е сосема нова философија во склопување на сите елементи од интерфејост, од нов изглед на иконите кои се повпечатливи, потоа има промени во менито на апликациите со јасно изразени бои, примена на сенки за да се активираат прилагодувањата, како и приказ на функционално мени директно поврзано со вашата корисничка сметка на Google каде може да извршите синхронизација на фајлови, контакти, документи и апликации.
 
 
Промени има во сите основни Google апликации кои низ изминатиот период детално ги опишавме, а на листата како највпечатливи се измените во Google Chrome, Google Calendar, Contacts и Gmail со поголем степен на функционалност и прегледност. Сосема нови апликации од Google се Messenger која е одлична за испраќање на пораки и допишување, како и Inbox апликацијата која ги пронаоѓа сите важни пораки, настани, покани од контакти и потсетници од календарот.
 
 
Заклучен екран
 
Целата идеја на Android 5.0 Lollipop е да се добие еден синхорнизиран и „рамен“ интерфејс со чистење на сите непотребни додатоци. Тоа најмногу се забележува во заклучениот екран кој е целосно променет и сведен на три функции, првата е приказ на часот и датумот, десно се активира камерата, а лево се активира повикувачот од каде може да воспоставите телефонски повик. Овој распоред на многумина ќе им се допадне, но наша забелешка е недостигот на функционални виџети и икони кои беа дел од KitKat.
 
 
Тогаш можеше да поставите повеќе кратенки за e-mail, SMS пораки, настани закажани во календарот и многу други, но Google смета дека не се повеќе потребни. Доколку ви недостигаат препорачуваме да инсталирате замена за lock screen од Play Store. Заклучениот екран се отклучува многу едноставно со лизгање на екранот кон врвот, а втора дубиоза на Google е вторстепеното заклучување со шема на екранот, лозинка или PIN кои треба да ги внесете отпосле. Добро би било да се користи само еден метод на отклучување или со swype гестот или пак со внес на безбедносната комбинација.
 
 
Главно мени
 
Главното мени на Android 5.0 Lollipop е речиси идентично како и кај KitKat со напомена дека виџетите се ставени во втор план што повторно го бележиме како недостаток, но барем тука може да го преуредите распоредот на панелите и од менито на скратени икони (widgets) може да изберете се што ви е по мерак, како на пример виџетот за Play Music, приказ на временска и новости и многу други. Трите функционални копчиња за навигација имаат нови дизајн, стрелката за back има облик на мал триаголник чиј врв се менува во зависност од правецот на активација, home копчето има облик на круг, а recent копчето е заменето со мал квадрат кој кога ќе го притиснете активира посебно мени за последно активираните апликации. Google лаунчерот не е премногу изменот и на централниот панел стои Google фолдерот со неколку основни апликации, а на дното се сместени четири икони кои најчесто ќе ги користите, па тука препорачуваме да ги сместите повикувачот, апликацијата за SMS пораки и допишување, интернет прелистувачот и камерата. 
 
 
Recent мени
 
Добро познатото Recent мени добива нов приказ на последно активираните апликации во картички кои може да ги прелистувате и на нив се прикажани повеќе информации од претходно, но проблемот е што постојано се трупаат бидејќи со Android 5.0 Lollipop не се бришат автоматски откако смартфонот ќе се рестарира, па затоа ќе треба рачно една по една картичка да ги бришете. Сосема непотребно е што и секоја страна отворена во Google Chrome се зачувува во Recent, наместо да биде прикажана само една картичка со последно отворената веб страна.
 
 
Центар за нотификации
 
Промените во центарот на нотификации се на прв поглед одлични бидејќи се подобро прикажани и со едно копче може сите да ги отстраните од екранот. Проблемот е што дополнителното мени за брза активација треба да го активирате со две лизгања по екранот. Тука е додадена нова икона за активирање на светилка, што е инспирано од повеќе популарни Android лаунчери, како и опција за промена на боите за лица со оштетен вид. 
 
 
Guest режим на работа
 
„Гостинскиот “ режим на работа за прв пат беше претставен кај Nexus таблетите и сега истата опција е вклучена и во сите Android 5.0 Lollipop смартфони. Со Guest режимот може да креирате посебен профил за друг корисник кој нема да има пристап до вашите апликации и податоци и ќе може да се најави со своја корисничка сметка на Google од каде ќе може да инсталира свои апликации.
 
 
Do not disturb режим
 
Во претходната верзија на Android 4.4 KitKat „тивкиот“ режим на работа многу лесно се активираше со притискање на копето за намалување на тон при што сите звуци од известувања, пораки, повици и аларми се стишуваа целосно. Сега работите се малку посложени бидејќи воведен е режимот Do not disturb кој исто така се активира со притискање на копчето за звук и нуди три модели на работа со намалување на тонот на сите сервиси, потоа апликации и сервиси кои ќе имаат приоритет, како и целосно исклучување на нотификациите при што нема да се активира ниту LED сијаличката.
 
 
Battery Saver
 
Google посвети и големо внимание на поефикасно искористување на батеријата која ќе се подобри со новиот начин на активирање и подготвување на апликациите кој нема да одзема премногу енергија. Дополнителна предност е и софтверската алатка Volta која работи во позадина и ги елиминира сите непотребни процеси.
 
 
Battery Saver е всушност највидливата промена бидејќи ви овозможува да активирате посебен режим на работа со исклучиување активностите кои премногу ја трошат батеријата. Овој додаток не е ништо ново и различни Battery Saver апликации може да се најдат и во Google Play.
 
 
Заклучок
 
Android 5.0 Lollipop изгледа одлично со новиот Material дизајн кој донесе поголема суптилност, подобри транзиции и побрз процес на работа, а основните елементи се надградени во сите Google апликации чиј чекор ќе го следат и сите Android програмери. Визуелните и функционалните подобрувања на основните Google апликации се за пофалба и ќе бидете мошне задоволни од новите верзии на Chrome, YouTube, Gmail и останатите апликации. Тоа што не ни се допаѓа во Android 5.0 Lollipop е изоставувањето на апликацијата Gallery која даваше одлична организација на сите слики, без оглед дали се направени со камерата или се превземени. Сега за преглед на слики може да ја користите само апликацијата Photos за која е неопходен профил на Google +.
 
 
Целта е да се поврзат сите Android сервиси и полесно да ги закачувате вашите слики на cloud сервери за да ги складирате и сочувате, слично како во iOs 8 со префрлање на сликите во iCloud. Како за Apple така и за Google во овој дел нема да дадеме позитивен коментар, бидејќи оваа опција нема секој да ја користи, а недостасува обичната галерија која одлично служеше за категоризација и споделување на сликите.
 
 
Забелешки имаме и на натрупаноста на Recent менито, новиот принцип на активирање на центарот за известувања и брзи команди, како и на отстранувањето на виџети од почетниот екран. Овие недостатоци може да бидат надминати во следната надградба на Android 5.0 Lollipop, доколку корисниците не ги прифатат така лесно како што се надеваше Google. Во принцип Android 5.0 Lollipop е одлична визуелна надградба, но повеќето новитети се позајмени од повеќе популарни Android апликации со што Google сака корисниците да се префрлат на stock или однапред инсталираните апликации. 
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ

Мобилна верзија | Целосна верзија

https://telefoni.mk/