Одличен старт на Apple со моќниот iPad Pro и убави Apple Watch дизајни

Објавено на 09.09.2015 во Новости



Одличен старт на Apple со моќниот iPad Pro и убави Apple Watch дизајни

Hey Siri шоуто на Apple започна со воведот на Тим Кук кој истакна дека изгубил десетина килограми користејќи го смарт часовникот Apple Watch како неверојатен уред за следење на фитнес активностите.

Затоа и првата најава е поврзана со WatchOS системот кој сега ќе може да работи и со апликации од надворешни соработници со што ќе се зголеми софтверската понуда. Меѓу нив ќе бидат апликациите на Go Pro, Facebook Messenger и iTranslate. 

Часовникот преку дизајнерскиот бренд Hermes ќе добие нови ременчиња за богат стилски израз, а главниот додаток е новата Rose Gold боја. Сите новитети на Apple Watch 2 доаѓаат на 16 септември.

Промотивното шоу продолжи со таблетот iPad кој во последните години има пад на продажбата, па затоа иновациите секогаш се спас за Apple. Сега е најавен најголемиот iPad Pro кој го чекавме речиси три години со огромен 12.9 инчен дисплеј со резолуција од  2732 x 2048 пиксели со што се напушта визијата на Стив Џобс, но овие промени сигурно ќе и донесат успех на компанијата. 

Честа да го претстави новиот таблет ја имаше токму главниот директор Тим Кук и добро знаеме дека iPad Pro е негова визија. Таблетот работи со нов А9Х процесор кој е речиси двојно побрз, а маската е изработена од оксидиран TFT материјал. 

iPad Pro ќе има врвна функционалност со дополнителната смарт тастатура која ќе служи и како заштитна прекривка, додека за поедноставни команди тука е и Stylus пенкалото наречена Apple Pencil кое се сеќавате дека беше незамисливо за Стив Џобс.

Цените на iPad Pro ќе изнесуваат од 700 до 1000 долари, а пристигнува на почетокот на октомври.
 

Автор: Aleksandar Stankov