Surface Book - тепачка за првиот лаптоп на Microsoft

Објавено на 15.10.2015 во Новости



Surface Book - тепачка за првиот лаптоп на Microsoft

Новиот лаптоп Surface хибрид на Microsoft со новата верзија на Windows се потроши како алва. Surface Book би можел да биде најинтересниот производ што Microsoft го претставил последниве години.

Екранот на лаптопот може да се извади и посебно да се употребува како таблет. Има дисплеј со дијагонала од 13,5 инчи, резолуција од 3,000x2,000 пиксели, задна камера со 8MP и поддршка за Full HD видео и предна камера 5MP со поддршка Windows Hello за автентификација. Опремен е под хауба со Intel Core i5, а има и помоќна верзија со Core i7 процесори и Nvidia GeForce графика, достапен со 8 и 16GB внатрешна меморија, при што корисниците може да одберат SSD хард диск од 128GB или 1TB, што влијае и врз цената на уредот. 

Почетната цена за верзијата со 128GB SSD изнесува 1,500 долари, без Nvidiа графика, а цената на оној со 1TB изнесува 2,700 долари. Surface Book започнува со официјална продажба на 26 ноември, а преднарачките започнаа уште од минатата среда на страницата на Microsoft. Компанијата вели дека за само една недела сите модели се достапни за преднарачка, при што сите примероци од Surface Book се веќе распродадени. Surface Book очигледно има намера да го размрда пазарот, затоа што ги користи сите предности на Windows 10, а со дизајнот и опциите ќе привлече огромен број на корисници. Ќе биде интересно да се следи како најтенкиот и најсилниот компјутер ќе се снајде на пазарот.