АЕК ги смирува граѓаните - 5G мрежата нема штетни зрачења

Објавено на 03.12.2019 во Новости



АЕК ги смирува граѓаните - 5G мрежата нема штетни зрачења

Нема простор за загриженост за штетност од зрачењето на новите технологии во електронските комуникации, како и идната примена на 5Г технологијата, порача денеска директорот на Агенцијата за електронски комуникации АЕК Сашо Димитријоски.

Споредбената анализа на АЕК за тоа дали новите технологии го зголемуваат нејонизирачкото зрачење, според најновите мерења извршени кај 149 градинки покажале дека вредностите на нејонизирачкото зрачење се многупати помали од дозволените гранични вредности од претходниот период. Нејонизирачкото зрачење е намалено на повеќе мерни точки.

-Анализите покажуваат дека сме далеку под границите кои се светски параметар за зрачењето. Во медиумите може да прочитате разни вести дека 5Г технологијата е забранета заради штетноста итн.. Се тоа се шпекулации и апсолутно нема основа граѓаните да се грижат од таквите нови технологии, изјави Димитријоски, пред денешната втора јавна расправа на АЕК.

Во последниот период добиле многу барања да вршат мерења на разни подрачја во државата за да детектираат која е штетноста на зрачењата, а шпекулациите, како што вели, придонеле кај граѓаните да се создаде несигурност дури и за постоечките базни станици.

– Постојано се бара да се дислоцират итн., што дополнително прави проблем кај операторите, значи отпорот сега е многу поголем во имплементирањето на новата технологија и базните станици.  За примената на 5Г ќе треба да се зголеми бројот на базни станици за десет до 100 пати повеќе од постоечкиот и тогаш веќе ќе се судриме со реални проблеми на отпор.  Сакаме да покажеме дека зрачењата се далеку далеку под рамките на дозволеното, потенцира Димитријоски.

Телекомуникацискиот оператор Македонски Телеком неодамна во центарот на главниот град изврши тестирање на 5Г на фрекфенции што ги побара од АЕК за времено користење. Телеком постави предавател и тогаш можеа да се видат само брзините, а за реална имплементација, според Димитријоски, ќе мора да се почека.  Како што најави, до крајот на следната година АЕК ќе ги објави тендерите за 5Г спектрите и потоа останува на операторите кога ќе бидат подготвени да го применат сето тоа.