Како онлајн да пресметате колку данок ќе платите за купување на возило?

Објавено на 15.01.2020 во Новости



Како онлајн да пресметате колку данок ќе платите за купување на возило?

Царинската управа постави онлајн калкулатор со кој може да пресметате колкав данок ќе треба да платите за купување на половно или ново моторно возило. Оваа дигитална алатка е лансирана откако на сила стапи новиот Закон за моторни возила со кој се предвидени повисоки давачки за автомобилите кои имаат поголема емисија на штетни гасови, односно се помалку еколошки.

На калкулаторот на Царина најпрво треба да го одберете статусот на возилото, односно дали е ново или се купува на старо. Потоа се одбира видот на возилото согласно неговата класа. Во следните полиња треба да ги внесете вредностите за цена на автомобилот во евра, потекло на возилото, просечна емисија на CO2 и типот на гориво го користи, односно дали има мотор на бензин, на дизел или има хибриден мотор како и мотор на целосен електричен погон.

Со новиот закон колку возилото е повеќе еколошко, толку помал данок ќе платите. За возила до 10.000 евра вредност, износот на данок ќе се пресметува само според емисијата на CO2. Разликата во еколошката категорија на возилата ќе се отслика во висината на данокот и кога станува збор за возила со дизел и бензински мотори.

Возило со иста вредност и иста емисија на CO2, ако е со бензински мотор ќе плати помал данок. На пример, за сите возила со вредност до 10.000 евра и емисија на CO2 од 130 грама на километар, ако се со бензински мотор данокот ќе изнесува 6.500 денари а ако моторот е дизел – двојно повеќе.

Според возниот парк во државата, процена е дека просечната емисија на CO2 е околу 170 гр./км. Границата која е поставена за производителите на нови возила за 2020 година во ЕУ е 95 гр./км CO2. Во моментов просекот во земјите на ЕУ е 130-140 гр./км CO2. На ниво на ЕУ, автомобилите се одговорни за околу 12 проценти од вкупните емисии на јаглерод диоксид, главен стакленички гас.