„Пинокио“, „Офицер и шпион“ и „Проксима“ на викенд програмата на A1 драјв-ин

Објавено на 03.10.2020 во Новости



„Пинокио“, „Офицер и шпион“ и „Проксима“ на викенд програмата на A1 драјв-ин

Возбудлива програма ќе има овој викенд на А1 драјв-ин (Drive-in) киното. По проекциите на оскаровецот „Паразит", семејната драма „Вистина" и данскиот „Уште една тура", овој викенд, почнувајќи од вечерва, посетителите ќе може да уживаат во уште три големи филмски наслови кои собраа повеќе десетици награди на голем број реномирани филмски фестивали.

Вечерва ќе се прикажува адаптацијата на класичната приказна за добропознатиот „Пинокио“ (Pinocchio) од 2019-та година, за најпознатата жива кукла на светот. Режисер е Матео Гароне, а во улога на Џепето е неповторливиот оскаровец Роберто Бенини.

Филмот „Пинокио“ има собрано 14 награди и 16 номинации на повеќе врвни филмски фестивали, меѓу кои и награди за режија, адаптирано сценарио, продукција, споредна улога за Роберто Бенини, но и за шминка, костимографија, визуелни ефекти итн.

 Утре и в недела, пак, A1 драјв-ин киното е резервирано за два одлични француски филма. Возбудливиот историски трилер „Офицер и шпион“ (An Officer and a Spy или J'accuse во оригинал, 2019), кој е најновото филмско остварување на еден од најдобрите режисери Роман Полански.

Филмот раскажува приказна од 1894 година за францускиот капетан Алфред Драјфус кој е неосновано осуден за предавство и осуден на доживотен затвор. Овој филм, исто како и „Вистина“ кој се прикажа на 30 септември беше во главната кокуренција за Златен лав на 76. Венециски филмски фестивал, а пак Роман Полански ја понесе наградата од главното жири, како и награда за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.

В недела на репертоарот е акционата драма „Проксима“ (Proxima, 2019) од англиско-француско говорно подрачје. Тој ја следи приказната на астронаутката Сара (во улога на Ева Грин), која се подготвува за едногодишна мисија на Меѓународната вселенска станица и бурата од емоции кога таа треба ја напушти својата 8-годишна ќерка Стела. Искрен, интимен, приземен филм со неверојатна приказна која ќе ви ја пренесе пораката дека иако луѓето се стремат да ги достигнат ѕвездите, главните „ѕвезди“ што треба да се достигнат се токму луѓето и нештата на Земјата.

Проекциите на A1 драјв-ин киното се на паркингот на А1 Арената (СЦ Борис Трајковски), а проекциите почнуваат точно во 21 часот.