GfK: Еден од седум продадени смартфони во Европа имал 5G конекција

Објавено на 15.03.2021 во Новости



GfK: Еден од седум продадени смартфони во Европа имал 5G конекција

Повеќе од десет милиони смартфони со 5G конекција биле продадени во Европа минатата година, и покрај постојаните предизвици за ширење на мрежата, соопшти Институтот за истражување на пазарот GfK.
 
Во четвртиот квартал од 2020 година, еден од седум продадени паметни телефони во Европа имал можност за 5G, наведува GfK.
„Новиот 5G стандард за мобилни комуникации е веќе распространет на азиските пазари, a сега примерот го следат и европските пазари“, забележа GfK.
 
Во четвртиот квартал од минатата година, 19 проценти од сите паметни телефони во Германија имале 5G конекција, што е малку над европскиот просек, наведува GfK. Сепак, во Велика Британија и Скандинавија, оваа бројка веќе надминала 30 проценти на крајот од 2020 година.
 
„Иако ширењето на 5G инфраструктурата во Германија значително се забрза во 2020 година, на многу потрошувачи сè уште им недостасуваат јасни придобивки што ја оправдуваат повисоката цена за купување на 5G моделите“, истакна Кристијан Ридл, експерт за мобилни уреди во GfK.
 
Германската влада во јануари забележа дека во последните години е постигнат „голем напредок“ во мобилното покривање. Според Федералната мрежна агенција, 96,5 проценти од површината во Германија била снабдена со 4G од барем еден оператор на мобилни мрежи.
 
Со цел да ги затвори празнините на покриеноста во земјата, германската влада планира да инвестира околу 1,1 милијарда евра (1,3 милијарди американски долари) за изградба на околу 5.000 јарболи за мобилни телефони во областите, во кои не се очекува проширување на приватниот сектор во блиска иднина.
Германската влада во 2019 година ја усвои стратегијата за мобилни комуникации, која предвидува значително зголемување на бројот на нови јарболи за мобилни телефони. Гигабит мрежата во земјата порасна за 22 проценти во последните неколку години.
GfK проценува дека до 50 милиони смартфони со 5G конекција би можеле да бидат продадени во Европа во 2021 година и дека 5G може во целост да биде воспоставен како нов стандард најдоцна до 2022 година.
 
„Очекуваме 5G технологијата оваа година да направи поголем влез во средниот ценовен опсег низ цела Европа и на тој начин да привлече дополнителни типови потрошувачи“, рече Ридл.