Соња Минчева ги демантира наводите за измами со криптовалути

Објавено на 27.03.2021 во Новости



Соња Минчева ги демантира наводите за измами со криптовалути

До редакцијата на телефони.мк е испратен демант од страна на Соња Минчева за објавениот текст во кој се пренесуваат информации за наводна измама со криптовалути. Телефони.мк го почитува правото на објективно информирање, и ќе ги пренесува сите релевантни информации, без да зазема страни. Затоа во продолжение во целост ви го пренесуваме демантот кој го упати Соња Минчева. 

- Јас, Соња Минчева најостро реагирам до редакцијата на интернет страницата Телефони.мк за текстот со наслов „Големи измами со криптовалути, ниту Македонија не е одбегната“, објавен на 23.3. 2021 година. Сите наводи во текстот се невистинити.

Неточна е информацијата дека јас, Соња Минчева, сум по потекло од Скопје, а со државјанство во Велика Британија. Одговорно тврдам, а истото може и да се провери, дека сум државјанин само на РС Македонија.

Неточна е информацијата за учество во измамничка шема при што се проневерени пари од инвеститори за сума од неверојатни 7 милиони евра. Со ваквите информации се нарушува угледот и мојот интегритет, а воедно ваквото валкање на моето име со изнесување лаги и измислици значи само едно – обид за рекет, односно изнуда на средства.

Неточна е информацијата за постоење на мои партнери во Србија со кои, наводно, а на сметка на моите клиенти се тргувало со валути, а на инвеститорите им се нудени каматни стапки на месечно ниво во износ од 12 %.Правата вистина е дека тука може да се збори само за евентуални клиенти на компанијата но по ни еден основ за мои клиенти. Целата приказна е комплетна измислица и безобразен напад на личност, која освен што се бави со едукација на повеќе фирми кои ја ангажираат за тоа, нема никакви ингеренции за располагање со нивните бизниси и капитали, па сосема е логично да се заклучи дека сето е тотална небулоза оти сум можела да исплаќам средства во име на компаниите кои што ме ангажирале како добар едукатор да ги презентирам нивните проекти.

Неточна е информацијата која ја објавувате, а се повикувате на текстот објавен во MinaReport, за измами на илјадници граѓани, како и за објавената фотографија од наводно измамен инвеститор кој платил 2700 евра на мое име – Да, постои уплатница, но извршената трансакција нема никаква врска со наведеното. За дополнителни информации и објаснување ви стојам на располагање.

Не се точни ниту изнесените информации кои се однесуваат на сопственоста, местото каде што е регистрирана страницата - јас како едукатор немам пристап до податоците на компанијата, бидејќи како едукатор ангажиран на нивните проекти, имам само една задача – да едуцирам. Повторувам, не се бавам со активностите на компанијата, иако нормално дека сум информирана кој ме ангажира и како се одвива процесот на работа, но тоа не е во описот на мојот ангажман.

Тајноста за менаџментот на компанијата, кој го сочинува тимот на експерти, непостоењето електронска пошта, телефон или детали за седиштето си е политика на компанијата. Податокот дека сепак станува збор за криптовалута, а сите знаеме дека криптовалутата сè уште се наоѓа во сивата зона и нема регулатива за неа, доволно говори за сето.

Доколку некому му е потребна каква било информација или појаснување, јас стојам на располагање. Мојот телефонски број е постојано активен и достапна сум во кое било време.

И конечно, апсолутно неточно е дека сум била повикана во полициска станица на информативен разговор, напротив, јас бев принудена да појдам до најблиската станица и целиот овој случај да го пријавам, бидејќи освен што се нарушува мојот углед, во прашање е доведена мојата, но и безбедноста на моето семејство. Сите докази веќе се предадени пред надлежните инстанции, па во интерес на понатамошната постапка нема да изнесувам повеќе детали по ова прашање.  

Одговорно тврдам дека мојот ангажман во целиот овој процес е исклучиво како едукатор, а, исто така, и одговорно тврдам дека е лага еден обичен едукатор да е задолжен да прима пари, што е апсолутно невозможно бидејќи во споменатата компанија уплата може да се изврши исклучиво со криптовалута.

Ви стојам на располагање за какво било појаснување или одговор во секое време, и тоа пред да се пласираат неточни информации во јавноста, кои внесуваат забуна и се на штета на мојата личност и работата како едукатор.

Со почит,

Соња Минчева