Немаат своја валута, а први во светот го воведоа bitcoin како средство за плаќање

Објавено на 10.06.2021 во Новости



Немаат своја валута, а први во светот го воведоа bitcoin како средство за плаќање

Ел Салвадор е земјата што прва во светот го воведе bitcoin како законско средство за плаќање, по што Конгресот во средата го усвои предлогот на претседателот Најиб Букеле за прифаќање на криптовалутата. Со 62 гласови од вкупно 84 луѓе за гласање, законодавците го изгласаа донесувањето на законот за прифаќање на bitcoin, и покрај можното влошување на односите меѓу Ел Салвадор и Меѓународниот монетарен фонд (MMF).

Претседателот Букеле инсистира да се користи bitcoin, затоа што тоа би можело да ги заштити девизните дознаки на иселениците од екстремно високи провизии во доларски трансфери. Американскиот долар и понатаму би бил легално средство за плаќање таму. „Тоа ќе донесе финансиска инволвираност, вложување, туризам, иновации и стопански развој на нашата земја“, вели Букеле. 

Ел Салвадор е земја со голема емиграција, се проценува дека од САД доаѓаат околу 6 милијарди долари на дознаки, кои ги испраќаат околу 2 милиона иселеници, што е еднакво на една петина од БДП. Тие дознаки од САД доаѓаат до жителите на Ел Салвадор преку повеќе финансиски посредници со плаќање на провизија до 20%, додека кај криптовалутите нема провизија за трансакции. Финансиските регулатори предупредуваат дека bitcoin го олеснува перењето на пари и многу незаконски активности. Инаку, вредноста на bitcoin во последниве неколку недели се движи од 30 до 40 илјади долари.

Автор: Aleksandar Stankov