Телеком ги доби 5G радио фреквенциите: Првата 5G мрежа во Македонија сега и со гигабитни брзини

Објавено на 12.07.2022 во Новости



Телеком ги доби 5G радио фреквенциите: Првата 5G мрежа во Македонија сега и со гигабитни брзини

АЕК ги додели радио фреквенциите за радио опсезите на 700MHz и 3.6GHz и отсега корисниците на 5G услуги на Телеком во сите поголеми градови низ државата ќе имаат гигабитни брзини.

5G мрежата на Телеком е веќе достапна во 16градови и нивните региони, а веќе од денес компанијата ќе започне со овозможување гигабитни брзини во центарот на Скопје, по што ќе следат централните подрачја на Битола, Прилеп, Охрид, Струга, Тетово, Гостивар, Штип, Струмица, а до крајот на септември и Куманово и Кичево. Македонски Телеком и понатаму продолжува да ја шири мрежата од најновата генерација, а до крајот на оваа година 26 градови ќе бидат покриени со технологија од петтата генерација.

Првата 5G мрежа во Македонија започна со комерцијална работа во февруари годинава, сонапредна технологија за динамично користење на постојните радио фреквенции, паралелно и во комбинација со 4G. Со доделувањето на 5G радио фреквенциите, оваа технологија ќе го исполни својот потенцијал и ќе овозможи десет пати поголеми брзини од досегашните, а со тоа и можности за досега невидени услуги и производи.

„Со големи инвестиции и посветеност на терен од 2018, кога започна нашата 5G приказната, овозможивме технологијата на новата генерација да биде  достапна за нашите корисници. Денес, со доделувањето на радио фреквенциите од страна на Агенцијата за електронски комуникации, ќе ја овозможиме супериорноста на новата технологија – гигабитните брзини.

Примената на инфраструктура и технологија од најновата генерација е во корист на целото општество, а пред сè на корисниците. Оттука, ја цениме одлуката на АЕК да ни ги додели 5G фреквенциите.“ – изјави Никола Љушев, Главен извршен директор на Македонски Телеком. 

Речиси сите уреди во портфолиото на Телеком се 5G сертифицирани, а 5G услугите со тарифите се достапни на следниот линк.

Големите брзини и капацитети на новата 5G мрежа ќе донесат револуција во корисничкото искуство, молскавично брзо споделување содржини и ниска латенција во комуникацијата. Оваа технологија ќе биде движечка сила за развојот на нови функционалности коишто ќе ни го поедностават и подобрат животот во сите сфери.