Еве како работи 3D смартфонот на Google

Објавено на 15.03.2014 во Новости



Еве како работи 3D смартфонот на Google

Google неодамна објави промотивно видео за нивниот 3D смартфон кој се уште е во развој и го води посебен оддел за напредни технологии и проекти. Целта на Project Tango е смартфонот да создава 3D мапи од внатрешноста на објектите и да ги бележи сите податоци, предмети, интеракции во просторот на начинот на кој ги гледа човековото око.

Сепак, Google не објасни точно на кој принцип работи овој 3D смартфон, па еве дел од магијата. Најпрво Tango смартфонот има 4 камери кои не само што снимаат туку ги бележат и сите движења. Сетот е составен од стандардна 4 мегапикселна камера во боја, потоа камера со широк агол од 180 степени позната и како Fish Eye, камера за „длабочински“ снимања која дава одреден 3D ефект, и предна камера со преглед на 120 степени широчина.

Кога ќе се комбинираат снимките од сите четири камера се добива уникатна перспектива на просторот, а потоа забележаните информации се обработуваат преку специјален софтвер кој може да ги преточи во повеќе облици, зависно од потребите на Project Tango, што во конкретниот случај е креирање на мапи, но во иднина ќе се отворат можности и за друг вид на примени во навигацијата, дизајнот, поврзувањето со сервиси и продукти и многу други можности. Токму затоа ова е еден од највредните проекти на Google.

Автор

Христијан Станоевиќ