Sony Xperia C3 - Најдобриот селфи смартфон

Објавено на 08.07.2014 во Новости



Sony Xperia C3 - Најдобриот селфи смартфон

Sony Mobile официјално го претстави Sony Xperia C3 кој ќе го носи епитетот најдобриот селфи смартфон во светот поради квалитетната предна камера од 5 мегапиксели. Sony секако, го занемарува фактот што веќе на пазарот има вакви модели како HTC One M8, HTC One mini 2 и уште неколку смартфони на кинески бренодви кои имаат високо квалитетни 5 мегапикселни камери.
 
 
Сега, да се задржиме на Sony Xperia C3 и да видиме што има тој да понуди. Предната камера има широк агол кој опфаќа 80 степени што значи дека може да опфатите поголема сцена која ќе добие подобра перспектива и на страничните објекти, а доколку сакате да се сликате навечер или пак во слабо осветлени ноќни клубови добро ќе ви послужи и специјалниот LED блиц.
 
 
Sony Xperia C3 има и солидна главна камера од 8 мегапиксели со Sony Exmor RS со сите стандардни опции, додека пак хардверот го сместува смартфонот во средната класа. Sony Xperia C3 доаѓа со 5.5 инчен Triluminous 720p HD дисплеј, работи на четири-јадрен Snapdragon процесор со 1 GB RAM, 8 GB меморија и батерија од 2500 mAh, додека пак за софтверот е искористен Android 4.4 KitKat. 

Sony Xperia C3 има речиси идентичен дизајн како и останатите Xperia модели од 2014 година и ќе има три бои на маската и тоа бела, црна и светло зелена. Смартфонот најпрво ќе биде лансиран во Кина кон крајот на август, а потоа се очекува и негов интернационален пласман по цена која нема да надмине 400 долари.