Пристигнаа iPhone 6 и iPhone 6 Plus - Започна новата ера на Apple

Објавено на 09.09.2014 во Новости



Пристигнаа iPhone 6 и iPhone 6 Plus - Започна новата ера на Apple

Apple повторно е на врвот. Тоа е наједноставниот начин да се опише моќта на најпопуларниот бренд на планетата, три години по смртта на Стив Џобс. Се прашувате каква врска има тоа, па очиледно секаква бидејќи компанијата во изминатиот период не сакаше да ја наруши визијата на нејзиниот основач и наследството кое го остави, но сега Apple конечно е подготвен да оди напред и тоа со целосно изменетите смартфони iPhone 6 и iPhone 6 Plus и смарт часовникот iWatch кој доаѓа нешто подоцна.
 
 
Досега речиси сите знаат што ќе донесе новиот iPhone 6, а тоа е поголем 4.7 инчен HD Retina дисплеј, додека пак најголема значајна промена сепак се наоѓа во софтверот, преку новата верзија на iOs 8. Спецификациите на iPhone 6 и не се така важни бидејќи Apple не дозволи да влезе во трка со конкурентите од Android кои на секои три месеци лансираат се подобри и побрзи процесори и хардверски компоненти со повеќе гигабајти, мегахерци и мегапиксели.
 
 
Суштината на iPhone 6 сепак лежи во обраќањето до корисникот и пораката дека токму ова е најдобриот можен производ на пазарот, смартфон кој не е само парче технологија, туку израз на стилот, модата, престижот. iPhone 6 е доволно иновативен за да се нарече нов модел бидејќи работи на 64 битен А8 процесор кој Apple го оцени како двојно побрз од првиот процесор на iPhone. А8 чипсетот има и засилена графика која ќе подржува повисока резолуција и подобри перформанси дури и од најновите гејмерски конзоли, за што се предвидени голем број на нови ексклузивни игри за iPhone 6.
 
 
iPhone 6 Plus е речиси идентичен но, има уште поголем 5.5 инчен HD дисплеј и на него ќе се гледа како на главниот конкурент на фаблетот Samsung Galaxy Note кој е омилен кај напредните корисници. iPhone 6 Plus ќе им овозможи на корисниците прекрасен поглед со приказот во портрет модот, односно екранот ќе ротира и содржината ќе може да ја гледате и во хоризонтална положба на фаблетот. iPhone 6 Plus има и посебен интерфејс кој повеќе наликува на функциите кои ги има таблетот iPad. 
 
 
iPhone 6 има 8MP iSight камера , со широчина на пикселот од 1.5µ микрони, ƒ/2.2 широчина на леќата и целосно редизајнирана апаратура, како што е примената на сензор со Focus Pixels технологија која ја имаат само дигиталните апарати, а камерата е засилена и со оптичка стабилизација на сликата.
 
 
Сепак, поседувањето на производи со знакчето на Apple не е евтино, па за новите модели ќе треба да издвоите 199 долари за основниот модел на iPhone 6 со 16 GB меморија и тоа важи за склучен двегодишен договор, што значи дека цената во Европа најверојатно ќе достигне околу 700 до 800 евра. iPhone 6 со 64 GB чини 299 долари, додека најскап е моделот со 128 GB кој ќе чини 399 долари.
 
 
Поголемиот iPhone 6 Plus е уште поскап и основниот модел со 16 GB ќе се продава по цена од 299 долари, со 64 GB ќе чини 399 долари, додека најскап е моделот со рекордни 128 GB со цена од 499 долари. Основната верзија на iPhone 6 Plus во Европа најверојатно ќе се движи меѓу 800 и 900 евра.
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: