Анализа: Samsung победува и кога губи

Објавено на 21.01.2015 во Новости



Анализа: Samsung победува и кога губи

Според најновите анализи Samsung е прогласен за најголемиот лузер во последните две години бидејќи опадна уделот на пазарот од 32.5% на 28.%, но овие „голи“ бројки не треба да ве лажат бидејќи Samsung и понатаму е прилично успешен, а за тоа има неколку причини.
 
 
Ако го замислиме Samsung во 2013-та и Samsung денес ќе видиме сосема различни компании. Samsung најпрво се избори за врвот со продажба на разновиден вид на смартфони, за потоа да се наметне во премиум класата. Ако се погледне и нивната понуда во поевтините категории ќе видиме пред се лоши и некреативни телефони кои тешко ни е да замислиме дека се продаваат како алва, со што ќе си земам слобода да заклучам дека поголемиот дел од продажбата се должи на Samsung Galaxy S4/S5, Galaxy Note 3/4 и релативно добар успех на серијата на таблети Galaxy Tab S.
 
 
Тоа значи дека и со помал број на продадени смартфони Samsung се уште има успех во премиум класата каде се прават и најголемите профити, односно во истата шема на iPhone кој доминира во понудата на телефони со цена од над 600 долари. 
 
 
Главниот пад на Samsung се должи на кинеските брендови кои предизвикаа „пожар“ во Азија со атрактивната понуда, но нивното делување повеќе личи на надуван балон бидејќи се уште немаме конкретни бројки колку телефони продале во премиум сегментот. 
 
 
Нивниот успех секако, не може да го негираме во средната и основната класа бидејќи со многу ниски цени лесно е да се освои огромниот кинески пазар кој сега едноставно процветува и има голема побарувачка, што не значи дека ќе се одржи на долги патеки.
 
 
Samsung е доминантен кога е во прашање понудата на Android и лесно се издвои и од многу поинтересните во моментот HTC и Motorola, додека пак LG, Sony и големата кинеска тројка Lenovo, Huawei и ZTE допрва го градат својот меѓународен имиџ. Секако, Samsung ќе треба напорно да работи во 2015 и тоа веќе го најави со новата Galaxy A серија која ќе донесе екстра квалитет во средната и основната класа, додека пак Samsung Galaxy S6 како премиум смартфон може да предизвика голем пресврт на пазарот кој во 2014 година веќе е заситен со iPhone 6.
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ
Автор: Aleksandar Stankov