Sony Xperia XZ3 – Најдобар кога е најпотребно

Објавено на 14.09.2018 во Рецензија


Sony Xperia XZ3 – Најдобар кога е најпотребно

Оцени

usability
9.0


Перформанси
9.0


Цена
8.8


Камера
8.8


резултат
8.9


Наши забелешки

Positives:

 

- Обновен и свеж дизајн

- Голем број на адути

- Не е прескап во премиум класата

 

Negatives:

 

- Нема дуо камера

- Нема 3,5 mm влез



Целата рецензија

Sony Mobile направи голема реорганизација во својата понуда на смартфони и се впушти во нов обид за освојување на купувачите со обновена естетика на дизајнот, иновативни концепти на модерна технологија, функционалност и не така пресолени цени за премиум класата. Најдобар пример за оваа нова стратегија на јапонскиот гигант е склопот кој го носи најтазе моделот Sony Xperia XZ3, смартфон кој уште на прв поглед зрачи со свежина, јасен стил и карактер, додека пак под хаубата има голем број на моќни компоненти наменети за најстрогите корисници кои сакаат да оперираат само со врвниот потенцијал. Затоа во продолжение ви ги пренесуваме нашите импресии од Sony Xperia XZ3.

Дизајн

Sony Mobile кога силно навлезе во смартфон ерата понуди сопствен уникатен дизајн кој речиси пет години беше еден од најсимпатичните. Сепак, овој изглед веќе не во мода, па така јапонците мораа нешто да менуваат и да понудат смартфон кој ќе изгледа совршено, склопен според новите стандарди. Sony Xperia XZ3 одлично се вклопува во оваа нова визија, бидејќи ги исполнува новите визуелни критериуми, а истовремено непогрешливо има печат на Sony смартфон со што обезбедува континуитет за фановите на овој бренд.

Со големина од шест инчи и Full дисплеј, Sony Xperia XZ3 нема простор за повеќе црти во маската кои би биле карактеристични, па затоа оди на картата целата форма да биде убаво заоблена, со тенки профили во висина и ширина, како и со понуда на врвни материјали на изработка со многу компактно тело од метал и стакло. Меѓу адутите на XZ3 сигурно е и водоотпорното тело со IP65/IP68 сертификатот со можност за потопување во вода на длабочина до 1,5 метри во времетраење до 30 минути.

Дисплеј

Sony секогаш имал големи адути во визуелните перформанси на дисплеите со сопствено развиени технологии. Таа традиција продолжува и кај Sony Xperia XZ3 кој е еден од најмодерните смартфони со прилично голем 6 инчен дисплеј, но одлично склопен во предната страна со целосна искористеност на површината со минимални рамки одоколу. Смартфонот има размер од 18:9, а тоа му овозможува поголема прегледност и подобра ергономија на дизајнот. Sony Xperia XZ3 доаѓа со P-OLED дисплеј со импресивна резолуција од 1440 x 2880 пиксели и неверојатна густина на сликата од дури 537 ppi.

Исто така Sony Xperia XZ3 може да се пофали и со поддршката за напредните видео стандарди како HDR10. Дисплејот има и мала заобленост на рабовите па така, многу полесно се управува и држи во раката и покрај неговата големина. На дното е испишано логото на Sony, а на врвот се наоѓа звучникот и селфи камерата, но тие зафаќаат навистина минимален простор од целокупната предна површина.

Перформанси

Sony Xperia XZ3 е сериозен кандидат за еден од најмоќните смартфони оваа пост-летна сезона, со тоа што е управуван од засега најмоќниот осум-јадрен Qualcomm Snapdragon 845 процесор со четири Kryo 385 Gold јадра со потенцијал од 2.7 GHz & и четири Kryo 385 Silver јадра со работен потенцијал од 1.7 GHz.

Хардверот е надополнет и со 4 GB RAM за врвен мултитастинг и инстантно повикување на процесите, додека пак за сите податоци на корисникот обезбедени се 64 GB вградена меморија, секако со дополнителн слот за micrSD мемориска картичка за максимална меморија од 512 GB. Со ваква машинска моќ на Sony Xperia XZ3 му треба и одличен „акумулатор“. За тоа се грижи поголемата батерија со капацитет од 3300 mAh која може брзо да се полни преку Power Delivery технологијата и USB Type C конекторот.

Мултимедија

Sony Xperia XZ3 нема стандарден аудио 3,5 милиметарски влез за слушалки, па така ќе треба да барате безжични решенија или конектори, но смартфонот може да се пофали со одличен 24-bit/192kHz звук и поддршка за стерео и Dynamic vibration system.

Интересно е што Sony Xperia XZ3 за разлика од повеќето нови смартфони нема дуо камера, туку единечна со сензор од 13 мегапиксели, со супер широка леќа од f/1.9, 23mm, со големина на пиксел од 1/3 инчи и 1.12µm.

Сликано со Sony Xperia XZ3

 

Сликано со Sony Xperia XZ3

Камерата има HDR режим и голем број на можности за прилагодување на сцената без оглед на самото осветлување и динамиката. Исто така меѓу бројните адути на Sony Xperia XZ3 е и примената на најновата и „најтазе“ верзија на оперативниот систем Android 9.0 Pie.

Сликано со Sony Xperia XZ3

Заклучок

Sony Xperia XZ3 доаѓа во вистинско време за јапонскиот бренд кога требаше да донесе тешка одлука како ќе продолжи понатаму во борбата со смартфон конкурентите. Sony Xperia XZ3 е модел од висок квалитет со голем број на предности и адути, има модерни технологии, имресивна градба и цврсто тело со одлична ергономија и практичност, а не заостанува ни во новите софтверски и хардверски трендови.

Sony Mobile со цената од околу 800 евра за Sony Xperia XZ3, покажува дека не е алчен за висока профитна маржа бидејќи сосема е јасно дека слични конкуренти на овој уред се продаваат за цени од над 1000 евра. Што мислите вие за Sony Xperia XZ3?

Автор: Х.С.

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар


За авторот

Христијан Станоевиќ
Author Image
Дипломиран новинар



 
Најнови телефони
 
  • Watch Edition Series 3
  • Watch Series 3
  • Watch Series 3 Aluminum
  • Watch Edition Series 2 42mm
  • Watch Series 2 42mm
  • Watch Edition Series 2 38mm
  • Watch Series 2 38mm
  • Watch Series 2 Aluminum 42mm
  • Watch Series 1 Aluminum 42mm
  • Watch Series 2 Aluminum 38mm