LG DoublePlay - два екрани и две тастатури

Објавено на 13.01.2012 во Рецензија



LG DoublePlay - два екрани и две тастатури

Вовед
 
Не е тајна дека Android е моментално најпопуларна платформа, поради фактот што има премногу телефони кои работат на неа. Но, не е само оперативниот систем, телефонот треба да има инетересен дизајн, софтвер, компактност итн.
 
Досега се имале можност да видиме најразлични смартфони, на преклоп, на лизгање, разни тастатури и сл. Така, му дојде редот и на DoublePlay – смартфон со два екрани и поделена тастатура за полесно и ефикасно типкање.
 
Со тоа DoublePlay, несомнено, е уникатен. Но, дали е доволно моќен покрај изгледот да ви го задржи вниманието и со перформанси, проверете сами.
 
Предности
 
Поддршка за Quad-band GSM и tri-band 3G
3,5 инчен LCD екран со резолуција од 320 x 480 пиксели
Android OS, v2.3
Едно-јадрен процесор на 1GHz и 512MB RAM меморија
QWERTY тастатура
Камера од 5 мегапиксели со автофокус, блиц и резолуција од 2592x1944 пиксели
microUSB port (плус полнење) и Bluetooth 
FM радио
MicroSD мемориска картичка од 2GB 
Wi-Fi 802.11 b/g/n
Стандарден 3,5 мм аудио
GPS приемник
microUSB приклучок

 
Недостатоци
 
Лош главен дисплеј
Нема паметно бирање
Нема втора камера за видео повици
Нема прегледувач на документи

 
Што добивате од кутијата
 
Како и при секој пакет, освен самиот телефон, добивате microUSB кабел, полнач и прирачник.  Се, разбира сè тоа е збогатено со многу документација.
 
Хардвер
 
Под сивата маска се наоѓа истиот едно-јадрен Qualcomm MSM8255 процесор на 1GHz и 512MB RAM меморија кој се наоѓа под HTC Radar, истите стандарди за поврзување од типот WiFi, GPS и Bluetooth 3.0.

 
DoublePlay доаѓа со два дисплеи, еден главен и друг помал. Главниот е со големина од 3,5 инчен 320 x 480 пиксели. Иако LG важи за бренд чии телефони имаат одличен дисплеј, сепак за жал тоа не му е силна страна на DoublePlay. Боите изгледаат малку матно, а истото важи и за аглите на гледање. Независно која апликација да ја вклучите, се познаваат пикселите. 
 
Овие работи се делумно средени кај помалиот екран со резолуција од 240 x 320 пиксели, кој можеби поради тоа што е помал овозможува подобра слика.
 
Тастатура и втор екран
 
Но, доста за екранот. Ајде да ја разгледаме најинтересната работа тука – двојната  и поделена тастатура како и вториот дисплеј помеѓу неа.


 
Ако сте навикнати на софтверските тастатури, хардверските, особено од овој вид, може да бидат голем предизвик и потешки за промени. Копчињата се малку поситни, така што може да не му излезат во пресрет на некој со поголеми раце. Тие се меки и добро реагираат.
 
Помеѓу двата дела на тастатурата се наоѓа вториот 2 инчен дисплеј. Бидејќи има поголема густина на екранот отколку главниот дисплеј, иконите и текстот изгледаат појасни, иако и тука се забележуваат проблемите со сатурација на боите. Сепак, тука барем сте поштедени од препознавањето на пикселите.

 
Камера
 
Со камера од 5 мегапиксели и автофокус не очекувавме некои чуда од неа, што и така се испостави. Боите се матни, а сликите некаде беа преосветлени, особено кога сликате во средина со ниско осветлување. Сепак, при вообичаена средина, сликите се просечни.
 
Апликацијата за камерата нуди многу опции. На располагање ги имате повеќето опции за прилагодување како бирање различни сцени, но и разни опции како white balance, различни ефекти и начини на сликање.
 
Кога сме кај камерата, повторно ќе го споменеме недостатокот на втора камера што би дошло многу интересно со двата екрани.
 
Видео
 
DoublePlay е способен и за снимање на видео клипови до 720p, но штом камерата ќе ве разочара, која е поентата видеото да биде нешто подобро, затоа и тука ќе наидете на лошите бои.

 
Издржливост на батерија
 
Батеријата кај DoublePlay има моќност од 1,500mAh, во превод тоа  би значело шест часа и 40 минути при постојано „чачкање“ на телефонот како пуштање видео клипови, сурфање (значи вклучен WiFi ), вклучен GPS и пишување маил или SMS порака.
 
Е сега, земе предвид дека ретко кој од нас ги прави сите овие работи заедно, сигурно дека нема потреба да работи Bluethooth или GPS приемникот, додека вие сурфате на интернет, или која било друга опција додека пишувате порака или сл. Што значи, доколку бидете попретпазливи сигурно дека ќе имате можност батеријата да ви издржи повеќе време.

 
Софтвер
 
LG DoublePlay доаѓа со Android 2.3.4 и Swype софтверска тастатура, иако ретко кој би ја користел покрај дво-делната хардверска QWERTY тастатура.
 
Софтверот во Android 2.3.4 сме го прегледале премногу пати и ќе се задржиме на најважното. Значи, освен основните Android апликации, тука има интересни апликации како TeleNav GPS, читачот на електронски книги Blio e-reader, софтверскиот пакет Polaris Office и сл. 
 
Меѓу покорисните апликации е "Car Home," која овозможува директен пристап до гласовното бирање, навигација, контакти, листа со повици, музика и бирачот на броеви со големи копчиња на екранот за полесно бирање, додека сте во движење.

 
Апликациите на вториот екран работат во комбинација со главниот дисплеј. Тука имате на располагање девет апликации (иако на екранот има место само за 8). Тие се Пораки, Музика, Пребарувач, Емаил, Социјални мрежи, Календар, Richnote (апликација за запишување забелешки) и Bobsled –апликација за групно пишување. Интересно е што секоја апликација има повеќе намени.
 
На пример, аплиакцијата за пребарувачот ви дава пристап до вашите одбележувачи во вертикална колона, емаил апликацијата ви дава листа на пораки во инбокс, апликацијата за соц. Мрежи ви ги листа најновите твитови и статуси на Facebook, додека календарот ќе ви покаже што задачи имате за тековниот ден.

 
Емаил пораките, постовите и веб-страните се отвораат на примарниот дисплеј, затоа за овие апликации, помалиот екртан служи само за навигација. Сепак, Пораките, Музиката и Richnote се функционални на двата екрани.
 
Исто така, вториот екран може да ви се најде во голема мера кога, на пример, си играте и среде игра ви пристигнала порака на која мора да одговорите. Тогаш, играта автоматски се става на пауза, додека пораката можете да ја напишете на помалиот екран – ова е само една од многуте намени и предности на вториот дисплеј.
 
Заклучок
 
Кога на прв поглед ќе го видите DoublePlay со неговите два дисплеи ќе помислите дека вториот екран нема некоја функција и служи само за привлекување внимание или маркетиншки трик.

 
Но, кога ќе земете да го користите ќе ја видите неговата вистинска функција. Дури, вториот екран е оној кој ќе помогне да се подобри оценката за телефонот, која ја расипа еден од главните елементи кај еден телефон – неговиот екран.
 
Навистина лош екран, а како капак на сè, ниту камерата не успеа да го поправи значително впечатокот. 
 
Но, ако сте од оние кои постојано пишуваат пораки и имате потреба од хардверска тастатура, тогаш DoublePlay  е вашиот телефон.
 
Кажете ни што мислите ТУКА.
 
Владимир Ѓуров




Прочитајте повеќе: