Google Nexus 7 vs Amazon Kindle Fire

Објавено на 30.07.2012 во Рецензија



Google Nexus 7 vs Amazon Kindle Fire

Вовед

Пред осум месеци, во светот на таблетите се појави Amazon Kindle Fire кој тогаш наметна екстремно ниска цена за која дотогаш не беше „нормално“ да биде.

Сепак, за сè постои конкуренција, па така и Kindle Fire ја доби во форма на Google Nexus 7  кој доаѓа со цена од 200 долари и одлични перформанси – што ќе ве натера воопшто дали да помислите на iPad 3 или Kindle Fire.

Дизајн

Во однос на дизајнот, овие два уреди и не можеле да бидат послични. И двата го имаат истиот заоблен дизајн, но поради меките, но цврсти материјали од кои е направен, може да се избере Nexus 7 како попријатен за држење. На тоа придонесува и фактот што Nexus 7 е за нијанса повисок и полесен од Amazon Kindle Fire.



Наклонетоста кон Nexus 7 продолжува и поради функционалноста на копчињата. Чист пример за тоа се копчињата за контрола на звук кај Nexus 7, кои едноставно не постојат кај противникот. Значи ако сакате да го регулирате звукот кај Kindle Fire, тоа ќе треба да го направите преку самиот софтвер што е голем недостаток.

Дисплеј

За да не станам досаден и да не го повторувам истото име сто пати, само ќе споменам дека иако и двата таблети доаѓаат со 7 инчни IPS LCD дисплеи, претставникот на Google нуди резолуција од 1280 x 800 пиксели, наспроти неговиот противник кој за истата големина на екранот нуди нешто помала резолуција од 1024 x 600 пиксели – зошто е тоа така, не знаеме.



Од друга страна пак, дисплејот на Kindle Fire нуди за нијанса потопли бои од Nexus 7. Но, пред да избрзате и да кажете резултатот е 1-1, знајте дека повторно Nexus 7 е во предност поради одличното ниво на контраст и правилните агли на гледање наспроти таблетот на Amazon.

Интерфејс

Пред да навлеземе во каква било дискусија да расчистиме една работа. Нема човек кој не сака да ја има најновата верзија на оперативниот систем со кој му доаѓа таблетот. Што значи, што би сакале да имате вие на вашиот нов таблет - Android 4.1 Jelly Bean или слабо модифицирана верзија на Android 2.3 Gingerbread?


Интерфејс на Nexus 7

Мислам дека сите го знаеме одговорот. Не само што Kindle Fire (со својот Android 2.3 Gingerbread) не ја нуди таа функционалност како својот ривал, како што е новиот центар за известување или некои сервиси како Google Now, туку и е значително побавен од Android 4.1.

Тоа слично се преведува и во однос на бројот на апликации кои ги нуди оперативниот систем. Ако на новиот Android 4.1 му се достапни еден куп најнови апликации, Android 2.3 е заглавен во времето со тоа што го имало тогаш.


Интерфејс на Kindle Fire

Исто така, да ги разгледаме и емаил апликациите. Нема сомнеж дека најобичната апликација за емаил, која ја има кај сите таблети, може да се носи со изворниот Gmail клиент поврзан со десктопот на Google Nexus 7.


виртуелна тастатура кај Nexus 7

Виртуелната тастатура, особено кога ќе го свртите таблетот хоризонтално, е одлична за пишување пораки или емаил. На прв поглед тастатурите и кај двата таблети се слични, исто реагираат, но можеби кај Nexus 7 е за нијанса подобра поради поголемиот простор помеѓу копчињата што ви овозможува подобро да типкате.


виртуелна тастатура кај Kindle Fire

Процесор и меморија

Ново си е ново, нели? Google Nexus 7 доаѓа со четири-јадрен NVIDIA Tegra 3 процесор на 1.3GHz и 1GB RAM додека Kindle доаѓа со дво-јадрен TI OMAP4 процесор на 1GHz и двојно помалку RAM меморија.

Во реалноста не е толкава разликата, бидејќи освен со повремени закочувања кај Kindle Fire, работењето и кај двата таблети се одвива релативно брзо.

За жал, ниту еден од двата таблети немаат можност за проширување на меморијата од 8GB – до душа кај Nexus 7 е можна верзија од 16GB.

Инернет

Кога се работи за отворање на веб-страници со многу содржина (слики и анимации) и двата таблети работат беспрекорно. Разликата се забележува само при некои операции како зголемување со допир, што кај Kindle Fire знае да не ви „фане“ од прва, и при освежување на зголемен текст или слики.

Камера

Според некои, тоа што Nexus 7 нема главна задна камера, туку само предна за видео повици е голем минус. Но, во секој случај е доста подобро отколку ништо. А кај Kindle Fire е баш таква ситуацијата. Овој таблет не доаѓа со каква било камера – што значи, подобро нешто, отколку ништо.

Мултимедија

Тука и нема некои посериозни разлики, бидејќи и двата таблети доаѓаат со слични плеери. Единствен недостаток кај Kindle Fire е поради застарената верзија на Android, за некои формати како треба да се преземат некои апликации, што е автоматски поддржано тоа кај Android 4.1.

Сума сумарум

Не треба да сте магионичар за да сфатите кој е тука победникот.

Од една страна, Google Nexus 7 е подобар бидејќи е и понов, значи понов хардвер и софтвер, наспроти веќе застарениот Kindle Fire. Тука некаде е и неговата ниска цена.

Но, не треба да заборавиме дека токму Kindle Fire беше првиот таблет кој жртвуваше помоќен хардвер и функционалност за да ја отвори категоријата „ниска цена“.

Што значи, ова не значи дека доколку имате Kindle Fire треба да го фрлите во ѓубре моментално, тоа е сепак добар таблет од кој може да извлечете многу.

Само, немојте (за ваше добро) да го споредувате со нови таблети како што е Google Nexus 7.

Што мислите вие? Коментирајте тука.

Владимир Ѓуров