Samsung Galaxy S4 vs Apple iPhone 5

Објавено на 14.05.2013 во Рецензија



Samsung Galaxy S4 vs Apple iPhone 5

Најновиот и најмодерниот смартфон на корејската компанија Samsung - Galaxy S4, пристигна кај сите мобилни оператори во Македонија. Паметниот телефон Galaxy S4 се соочува со силна конкуренција на Android пазарот со HTC One и Sony Xperia Z, но исто така сериозен конкурент е и последниот претставник на Apple - iPhone 5.



И покрај тоа што iPhone 5 е неколку месеци постар од Galaxy S4, сепак неговите спецификации од високата класа и постојаното привлекување на корисници за смартфонот, го прави iPhone еден од најсилните ривали на Galaxy S4.
Новата верзија на iPhone ја очекуваме за неколку месеци со надградени перформанси и поконкурентен софтвер, а сега во оваа рецензија можете да ги видите карактеристиките на двата телефони.


 
Дизајн
И покрај критиките  кои ги доби Samsung за стратегијата за дизајн која ја воведе минатата година со Galaxy S3, компанијата повторно претстави пластичен смартфон кој што се чувствува доста ‘евтино’ во рака. Сепак, Galaxy S4 е прилично цврст уред со заштитна покривка која го штити телефонот при пад и гребење. Друга позитивна работа кај претставникот на Samsung е неговата големина, уред кој има димензии од 137х71х8.6mm и покрај големиот екран од 5 инчи.



Од друга страна пак, iPhone 5 има алуминиумска покривка која изгледа доста луксузно, но со помали димензии и многу помал екран. Galaxy S4 и покрај големиот екран сепак успеа да направи компактен телефон кој е потенок и од iPhone 5 за 0.1mm. Во однос пак на тежината, S4 има 130g, додека iPhone 5 тежи 112g. И двата уреди може да се најдат во две бои: црна и бела.


Погледнете го видеото во кое е направен тест на издржливост при пад на овие два телефони:
 


Екран
Galaxy S4 има екран кој е за цел инч поголем од оној на iPhone 5 – тоа е голема разлика во светот на паметните телефони. Споредбата меѓу овие два уреди е 5 наспроти 4 инчи последователно.



Згора на тоа, Galaxy S4 има подобра резолуција со Full HD 1080x1920 пиксели, како и 441рpi густина на пиксел. За разлика пак, дисплејот на iPhone 5 кој има Retina квалитет има резолуција од 640х1136, со густина на пиксел од 326ppi.


 
Хардвер и меморија
Кога станува збор за карактеристиките на хардверот, очигледна е супериорноста на Galaxy S4 во однос на своите вградени компоненти. Galaxy S4 има 4-јадрен процесор Qualcomm Snapdragon 600 (во САД S4 има процесор Exynos 5 Octa) со брзина од 1.9GHz и 2GB RAM меморија. За разлика пак, Apple iPhone 5 има 2-јадрен процесор A6 кој работи со брзина од 1.3GHz, и RAM меморија од 1GB.



Во однос на вградената меморија, телефоните на Samsung и Apple имаат исти модели од 16GB, 32GВ и 64GB. Згора на ова, меморијата на Galaxy S4 може да се надгради со microSD кратичка и тоа до 64GB.
 
Камера
Двата најдобри претставници на своите брендови се разликуваат и по својата камера. iPhone 5  има прекрасна камера од 8МР со LED блиц и видео од 1080p, додека Galaxy S4 има повисока резолуција на задната камера од 13МР исто со LED блиц и видео снимање од 1080p. Двата смартфона имаат одлични додатни опции кои прават неверојатни слики.



Заклучокот е дека Galaxy S4 прави малку подобри слики при неосветлени услови, давајќи повеќе боја и живост на сликите во затворени простории. При надворешни ситуации, Galaxy S4 покажа светли слики но сепак малку нејасни.



Смартфонот Galaxy S4 има можност да прави 16:9 слики за разлика од iPhone 5, а има и одлични опции како Dual Camera, Eraser Shot и HRD видео.   
Предната камера на Galaxy S4 е со 2МР во споредба со онаа на iPhone 5 од 1.2МР.
 




Софтвер
Двата телефони се разликуваат многу во однос на нивните оперативни системи. Apple го користи својот софтвер iOS 6 за iPhone 5, додека Samsung работи на оперативниот систем на Google - Android 4.2 Jelly Bean за Galaxy S4.



Овие два мобилни оперативни системи се најпопуларните во класата, така да секој од нив си има свои предности. И двата имаат свои онлајн продавници од каде може да симнат и купат апликации, игри, музика, филмови и списанија.


 
Батерија
iPhone 5 има батерија од 1440mAh која држи околу 8 часа постојан разговор, додека Galaxy S4 има поголема батерија од 2600mAh која може да трае до 14 часа разговор. Батеријата на Galaxy S4 се вади, за разлика од онаа на iPhone која не се менува.


 
Заклучок
Претставувајќи ги сите главни перформанси на овие два моќни телефони на пазарот, веруваме дека веќе си имате свој фаворит. Според рангирањето, најновиот смартфон на Samsung - Galaxy S4 покажува повеќе предности во однос на iPhone 5. Сепак, мораме да имаме предвид дека уредот на Apple е веќе неколку месеци на пазарот, па кога ќе биде објавен следниот iPhone 5S тогаш навистина би била интересна споредба во која не се знае победникот се уште.



Знаеме дека одлуката меѓу овие телефони ќе ја направите врз основа на вашите склоности кон брендот, екранот и софтверот. Па затоа, ако преферирате прекрасен дизајн заедно со едноставен и јасен интерфејс, тогаш одберете го iPhone 5, следниот iPhone или било кој модел на iPhone. Доколку пак, сакате моќен уред, со голем дисплеј и одлична батерија, како и различно искуство со софтверот, тогаш Galaxy S4 е вашиот избор.




Прочитајте повеќе: