Nokia Lumia 925 - Нова Lumia стар хардвер

Објавено на 06.06.2013 во Рецензија



Nokia Lumia 925 - Нова Lumia стар хардвер

Nokia Lumia 925 е најновиот смартфон на финската компанија по подолго време кој може да се смести во врвот односно во премиум класата. Тоа што Nokia ја прави поопуштена од своите конкуренти од Android е што нема потреба постојано да се трка за најновите компоненти и да ги брои скапоцените мегахерци, гигабајти и пиксели. Во таа смисла Nokia Lumia 925 не е некое големо изненадување, па немојте да бидете однапред разочарани кога ќе ја погледнете комплетната листа на спецификации во која нема големи промени во однос на неговиот претходник Lumia 920.

 

Дизајн

Финците овој пат најмногу внимание посветиле на дизајнот преку новиот метален концепт. Lumia 920 ги освои сите симпатии за функционалност и издржливост, но најмногу критики доби за гломазноста на телото од поликарбонат. Овој пат Nokia Lumia 925 оди чекор напред со делумно метален дизајн кој го задржува истото ниво на издржливост, а истовремено има многу помали димезнии со што конечно имаме врвен Windows смартфон кој лесно може да се смести во џебот и да се држи во раката. Смартофнот не е целосно изработен од алуминиум како HTC One или iPhone 5 бидејќи задниот панел е од поликарбонат, но тоа не значи и дека е помалку квалитетен. Nokia Lumia 925 тежи 140 грама и има дебелина на маската од само 8.5 милиметри што е голем напредок во однос на гломазниот Nokia Lumia 920.

 

Екран

Nokia Lumia 925 има стандарден HD екран со големина од 4.5 инчи и резолуција од 1.280 x 768 пиксели што е идентично како и кај ланскиот Nokia Lumia 920, како и неговата неодамнешна надградба Nokia Lumia 928. Разликата кај овој смартфон е што екранот е од видот AMOLED кој во однос на LСD екраните треба постојано да ја осветлува позадината со што се јавуваат одредени потешкотии со видливоста, а има и далеку послабо изразени бои и понизок степен на деталност. Сепак може да се каже дека Nokia Lumia 925 има нешто поквалитетен екран иако има исто ниво на резолуција како и кај другите Lumia смартфони. 



Хардвер

Во делот на хардверот не може да забележиме апсолутнo никаква промена. Nokia Lumia 925 има стандарден дво-јадрен Qualcomm Snapdragon процесор со брзина од 1.5 GHz и 1 GB RAM, како и 16 GB вградена меморија. Речиси сите ќе се сложат дека ова не се компоненти кои треба да го красат еден премиум смартфон од 2013-та година, особено што конкурентите од Android веќе ги рушат сите бариери со користење на најновите хардверски делови. Смартфонот нема големи проблеми со брзината и извршување на задачите, но сепак се забележува послабиот перформанс во сите категории. Неговата Li-Ion батерија со капаците од 2000 mAh е сосема доволна за подолго користење, но разочарува фактот што Nokia Lumia 925 е без безжично полнење што се смета за чекор назад. На смартфонот ќе најдете стандардни влезови и портови како microUSB v2.0, 3.5mm за слушалки, а за поврзување се достапни Wi-Fi 802.11 a/b/g/n, DLNA, GPRS и Bluetooth.

 

Камера

Nokia секогаш обожува да се фали на цел глас дека ги прави најквалитетните мобилни камери на пазарот и според досегашните перформанси лесно е да се поверува на ваквото тврдење. Така и овој пат има одреден напредок кај 8.7 мегапикселната камера на Nokia Lumia 925 која има подобрена оптика, нови пластични леќи кои се многу полесни и со тоа се добива многу повисок степен на оптичка стабилизација на сликата каде несомнено шампион е финската компанија. Камерата кај Lumia 925 има и подобрувања во делот на софтверот каде се додадени неколку корисни опции а, забележан е повисок степен на квалитет кај сликите со слаба осветленост, а тоа беше и еден од слоганите на Nokia со кој се најави Lumia 925 (The best low light camera phone.)




Една од најкорисните алатки во софтверот е Smart Camera со која може да правите многу ефекти како action shots при што се прават 10 слики истовремено од кои може да ја одберете таа што ви се допаѓа најмногу. Сепак, голема забелешка оди на адреса на бавноста со која се извршуваат операциите на камерата за која ќе ви треба големо трпение ако сакате да ги искористите сите расположливи опции за уредување на сликите.



Софтвер

Nokia Lumia 925 работи на веќе добро познатиот оперативен систем Windows Phone 8. Nokia како и сите останати производители немаат голем простор за измени на корисничкиот интерфејс, па стандардно ќе го користите новото почетно мени live tiles, на кое во реално време пристигнуваат сите известувања од различни апликации, социјални мрежи и сервиси. Благодарение на Nokia пак ќе ги добиете додатните сервиси како Nokia Here, Maps и Drive со GPS навигација. Од мултимедијалните алатки може да ги користите Nokia Music и Video кои ги подржуваат речиси сите формати.



Заклучок

Nokia Lumia 925 е квалитетен смартфон во кој се споени сите поволности кои гу нуди Nokia. Како позитивни страни може да се издвојат камерата, софтверот, екранот и компактниот дизајн, но една работа никако не може да им се прости на Nokia и Mircosoft. Изговорот дека оперативниот систем Windows Phone 8 има најдобра оптималност и затоа нема потреба од ѕверски хардверси компоненти веќе не проаѓа. Особено што кај Nokia Lumia 925 има само 16 GB вградена меморија без слот за мемориска картичка.



Исто така смартфонот има послаб перформанс при користење на интернет, гејминг и работа со апликации, па веќе не проаѓаат овие клише изговори. Затоа Nokia Lumia 925 треба да се оцени како преоден уред до вистинскиот наследник на Nokia Lumia 920 кој ќе може со сета моќ да се вмеша во самиот врв меѓу Galaxy S4, iPhone 5, HTC One, Sony Xperia Z и останатите. Овој смартфон е добар избор само доколку сакате најдобри пероформанси во делот на камерата и ако досега не сте поседувале Windows Phone 8 уред.

Автор

Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: