Sony Xperia L - Лидер на ниската класа

Објавено на 07.07.2013 во Рецензија



Sony Xperia L - Лидер на ниската класа

Sony на многумина корисници им е омилен бренд, а за тоа има повеќе причини. Како прво секогаш може да бидете сигурни во квалитетот кој го обезбедува јапонската компанија, а кај нивните уреди секогаш ќе ја добиете најновата технологија надополнета со бројни сервиси на Sony. Еден од најдобрите избори на оваа компанија е најновиот смартфон Sony Xperia L кој е сместен во ниската класа, што значи дека ќе биде достапен за повеќето купувачи. Како најдобри страни се издвојуваат новиот софтвер, добриот дизајн и 8 мегапикселната камера. Во продолжение ќе направиме детална анализа за да ви го пренесеме во целост Sony Xperia L и неговите карактеристики.
 
 
Дизајн
 
Sony Xperia L го поседува карактеристичниот дизајн на јапонската компанија кој е препознатлив уште на прв поглед и изобилува со елеганција. Овој смартфон е изработен од пластика но, дава чуство на висок квалитет. Негова најголема предност е компактноста бидејќи се работи за смартфон со средни димензии благодарение на екранот со големина од 4.3 инчи што би требало да е доволно за повеќето корисници.
 
 
Задната страна има мала длавбнатина за подобар фат со раката што го прави смартфонот многу удобен за држење. Понатаму може да се каже дека Sony Xperia L е практичен уред чии главни физички копчиња се сместени од двете страни, меѓу кои и копчето за вклучување/заклучување кое има необична кружна форма. Под него се наоѓа и специјално копче за брза активација на камерата. Димензиите на смартфонот се добро комбинирани и изнесуваат 128.7 x 65 со дебелина од 9.7 милиметри, што е речиси карактеристика на повеќето евтини Sony смартфони. Бојата на маската има три различни бои и тоа ѕвездено црна, дијамантско бела и црвена. 

 
Екран
 
Доколку новите смартфони кои имаат огромни димензии и екрани со големина од 5 инчи не ве привлекуваат, тогаш Sony Xperia L со својот 4.3 инчен екран ќе ви биде вистинско освежување. Неговиот дисплеј има просечна резолуција од 480 x 854 пиксели и густина на сликата од  228ppi што и не е така лошо, но секако е под така наречениот Retina стандард од најмалку 300ppi. И со овој степен на резолуција ќе имате добра глетка на екранот со сите видови на содржини. Неговата осветленост е на високо ниво така што нема да имате проблеми со видливоста на отворено, додека пак послаби резултати има со погледот од различни агли каде се губи острината на сликата.
 
 
Софтвер
 
Sony Xperia L работи на поновиот оперативен систем Android 4.1 Jelly Bean во комбинација со дополнителниот интерфејс на Sony кој овој пат не направил премногу интервенции. Додатоците на Sony се повеќе визуелни и се многу слични како и кај нивниот најдобар смартфон за годинава Sony Xperia Z. Промени има во почетниот екран каде може да поставите неколку брзи кратенки меѓу кои за камерата и алармот. Во делот на центарот или лентата за брз пристап до менито исто така има додадено неколку опции за брза активација како алатката за управување и заштедување на батеријата. 
 
 
Хардвер
 
Sony Xperia L има сосема очекувани компоненти за смартфон од ниската класа. Тој е опремен со дво-јадрен Qualcomm Snapdragon S4 процесор со брзина од 1GHz, Adreno 305 графика и 1GB RAM кои се сосема доволни за обезбедување на солиден перформанс и извршување на сите задачи и операции. Секако четири-јадрен процесор ќе ја заврши работата многу побрзо, но добро е што процесорот на Sony Xperia L е од поновата генерација што значи дека не троши премногу енергија и е доста ефикасен. Најголем недостасок кај овој смартфон е вградената меморија од само еден гигабајт, што значи дека неизбежно е да користите мемориска картичка. 


Камера и мултимедиа
 
Камерата на овој смартфон го има најновиот Exmor RS сензор кој може да се најде и кај Sony Xperia Z, а во овој случај се работи за камера со 8 мегапиксели, LED блиц и бројни додатоци во интерфејсот. Тие служат за подесување на сцената и одбирање на најдобриот сетап на светлина и фокус. Како што наведува Sony многу е подобрено и сликањето при слаба осветленост. Сепак сликите не се премногу детални и квалитетни, но со оглед на цената и примената на најновата технологија нема никакви причини за жалби. Со камерата може да снимате и HD видеа со 30 фрејма во секунда, но со резолуција која достигнува само до 720p. За мултимедијалните содржини е употребен познатиот плеер Sony Walkman кој голем број на опции и ги подржува речиси сите најкористени аудио и видео формати.

 
Заклучок
 
Најголемата предност на Sony Xperia L е што се работи за нов смартфон кој ги содржи сите модерни технологии и е голем напредок во однос на ниската класа каде често сретнуваме уреди кои имаат направено многу компромиси за да остане цената што е можно пониска. Кај Sony Xperia L речиси и да нема големи недостатоци што значи дека за тие пари добивате целосно функционален смартфон, со добар екран, хардвер кој ги завршува задачи без поголеми проблеми и камера со нова технологија која има висок квалитет во споредба со многу други конкуренти во класата. Sony Xperia L е компактен телефон со екран од 4.3 инчи кој не зафаќа многу простор во вашиот џеб. 


 
Автор
 
Христијан Станоевиќ
Автор: Aleksandar Stankov




Прочитајте повеќе: