Nokia Lumia 1020 - Револуција на камерата

Објавено на 01.08.2013 во Рецензија



Nokia Lumia 1020 - Револуција на камерата

Nokia конечно го лансираше долго очекуваниот камера телефон кој има моќен сензор од 41 мегапиксел, идентично како и претходниот рекордер Nokia 808 PureView, но разликата овој пат е што е употребен оперативниот систем Windows Phone 8. Финската компанија навремено успеа да се спротистави на сличен смартфон од големиот конкурент Samsung кој го употреби брендот на Galaxy S4 за нова верзија со камера од 21 мегапиксел. 


 
И двата смартфона се фантастични, но Nokia Lumia 1020 има свои предности, прво како и секогаш Nokia има речиси совршена технологија за камерата овој пат надополнета со нов софтвер и второ се работи за многу попрактичен уред кој повеќе наликува на смартфон отколку Samsung Galaxy S4 Zoom кој пак повеќе личи на дигитална камера со телефонски функции.



Компактно тело

Кај Nokia Lumia 1020 е употребен истиот материјал како и кај останатите врвни Lumia уреди, а тоа е цврстата пластика од поликарбонат која овозможува целото тело на сматрфонот да има унифицирана форма. Добро е што Nokia ги има земено во предвид забелешките за функционалноста на еден ваков хибриден уред кој треба да биде што е можно потенок и полесен.



Nokia Lumia 1020 успева во таа намера бидејќи има „скромни“ димензии во оваа категорија со тежина од 158 грама, дебелина од 10.2 милиметри, додека пак сензорот на камерата на задната страна воопшто не се издвојува од дизајнот и има минимално издолжување. Под екранот се наоѓаат вградените функционални Windows копчиња, додека пак од страните се сместени влезовите за USB кабелот/полначот, слушалките, влез за microSIM картичката и посебно копче со два елемента за брзо активирање на камерата



Моќна 41 мегапикселна камера
 
Lumia 1020 најмногу внимание привлекува со рекордната камера од 41 мегапиксел, но досега многумина се уверија дека поголемиот број на пиксели не значи и поквалитетни слики. Предноста на оваа камера е што има одлична градба со употреба на широки леќи кои апсорбираат големо количество на светлина, а токму тука лежи успехот на Nokia. Како надополнување е употребен напредниот Xenon блиц, технологијата за оптичка стабилизација на сликата OIS и ZEISS оптика. 


 
Камерата може да прави слики со различна резолуција додека пак видео снимањето има опции за HD видеа со 720p и 1080p со 24, 25 и 30 фрејма во секунда што ви дава мини професионална камера сместена во добар смартфон. Од квалитетот на сликите ќе бидете апсолутно задоволни бидејќи се богати со многу детали, острина, силна изразеност на боите, а најдобри резултати споредбено со останатите смартфони се добиваат во ситуациите со слабата осветленост. Видеата исто така воодушевуваат со својата прецизна и стабилна слика бидејќи тоа го овозможува оптичката стабилизација и ќе им биде многу од корист на тие што сакаат да го документираат своето опкружување.


 
Nokia Smart Cam - Револуција на мобилната камера
 
Ова е една од најдобрите апликации за уредување на сликите благодарение на огромниот број на фантастични опции. Меѓу нив се можностите за остранување на поединечни објекти на сликата кои не ги сакате слично како во Photoshop, но многу поедноставно, понатаму давање на 3D ефект на сликте направени во забавено движење или популарно наречен Матрикс ефект. Со апликацијата ќе може да ја подесувате сцената со избор на различни ефекти како Best Shot, Action Shot и Perfect Shot, секоја со своја намена при слкикањето како истакнување на лицата и одбирање на најдобрата поза, фаќање на повеќе секвенци во низа и можност за нивно преклопување во една атрактивна слика.



Просечен екран и хардвер
 
Во овој дел Nokia не може да биде критикувана за ниското ниво на резолуција бидејќи тоа е политика на Microsoft затоа што оперативниот систем Windows Phone 8 сеуште не подржува екрани со висока Full HD резолуција или пак четири-јадрени процесори. Nokia Lumia 1020 има екран со средна големина од 4.5 инчи и идентична резолуција од 768 x 1280 пиксели како и кај најновите Lumia 925 и Lumia 928. Секако ова не е на нивото на еден екран со резолуција од 1080 пиксели, но обезбедува пристојно ниво на видливост, со добра изразеност на боите и деталите.


 
Хардверот пак исто така нема премногу да ве воодушеви, но како што констатиравме и претходно тоа е веќе стара песна за Nokia. Овој смартфон работи на дво-јадрениот Qualcomm Snapdragon S4 Plus процесор со брзина од 1.5 GHz, со 2GB RAM и Adreno 225 GPU графички чип. Сето тоа овозможува брзо извршување на задачите бидејќи се работи за добро оптимизиран софтвер. За складирање на вашите податоци и фајлови ќе ви бидат достапни 32 GB. За конекција се користи 4G LTE мрежата како и aGPS, Bluetooth 3.0, 802.11 a/b/g/n Wi-Fi и NFC. Во делот на софтверот ги добивате најновите алатки и сервиси како Nokia Maps, Nokia Drive, Nokia Music и уште многу други во пактетот на Microsoft Windows Phone 8.


Заклучок
 
Nokia Lumia 1020 e убедливо најмоќниот смартфон кога е во прашање технологијата на камерата со рекордните 41 мегапиксел. Nokia направиле одлична работа со компактниот дизајн па така овој смартфон е функционален и издолжениот дел на камерата воопшто не се забележува за разлика од најголемиот конкурент Samsung Galaxy S4 Zoоm кој повеќе личи на дигитален апарат а има и послаб капацитет со 21 мегапиксел. Освен камерата останатите функции на Nokia Lumia 1020 се идентични како и останатите Lumia смартфони што значи дека нема никакви хардверски подобрувања, но тоа се должи на политиката на Microsoft кој сеуште не го приспособи оперативниот систем Windows Phone 8 за работа со Full HD екрани и четири јадрени процесори. 


Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: