HTC Desire 600 - Желба за повеќе

Објавено на 21.08.2013 во Рецензија



HTC Desire 600 - Желба за повеќе

HTC Desire 600 е нов смартфон во ниската класа кој може да ги заинтересира купувачите. Овој смартфон е добар спој на повеќе новитети на тајванската компанија HTC кои се превземени од HTC One како новиот кориснички интерфејс HTC Sense 5.0, но од друга страна му недостасува поголема компјутерска моќ која ќе ја комплетира сликата. Втората негова предност е што работи на две СИМ картички истовремено, што е одличен додаток за неговата функционалност. Во продолжение ќе поминеме низ сите негови аспекти кои ќе ни дадат појасна слика дали овој смартфон вреди да се купи.


Дизајн и Екран
 
Највпечатливо во изгледот на HTC Desire 600 е црвената алуминиумска рамка под која се наоѓаат двата звучника на врвот и дното со што смартфонот добива истакнат и впечатлив белег. Главната боја на маската е бела, а истата е изработена од пластика, но засилена со метална рамка која го држи цврсто смартфонот. HTC Desire 600 има екран со средна големина од 4.5 инчи и затоа не е премногу гломазен, напротив е удобен за држење во рака. За тоа придонесуваат и минималните димензии кои изнесуваат 134.8 x 67 x 9.26 mm, додека тежината изнесува 130 грама. Во однос на функционалноста на копчињата пречи тоа што главното копче за вклучување/заклучување коe и најмногу се користи се наоѓа на врвот на телефонот. 


 
Дисплејот на HTC Desire 600 со големина од 4.5 инчи е од видот Super LCD 2 со резолуција од 540 x 960 пиксели и густина на пикселација од солидни 245ppi. Секако ова не е причина за голема фалба, бидејќи е далеку под HD стандардот, но може да се каже дека квалитетот на сликата е добар, благодарение на солидната изразеност на боите и контрастот. Исто така со овој смартфон нема да имате никаков проблем со видливоста бидејќи екранот е добро осветлен што го прави соодветен за надворешна употреба под силна сончева светлина.


Софтвер
 
HTC Desire 600 работи на веќе застарениот оперативен систем Android 4.1 Jelly Bean иако оваа верзија не се разликува премногу од последните две, така што освен бројката нема ништо суштински да ви недостасува. Во принцип нема ниту премногу да го забележите чистото присуство на Android поради скинот на HTC,а тоа е најновиот интерфејс Sense 5.0, кој го има и нивниот најдобар смартфон HTC One. Ова е една од најголемите софтверски надградби кај HTC, а централниот изглед се базира на апликацијата BlinkFeed која има повеќе прозорчиња на која активно се мeнуваат сите видови на известувања, односно се ви е на дофат на еден панел од екранот. Прозорчињата и видот на инфромациите што ги добивате може да се прилагодуваат, но поважна е нивната функционалност и брз пристап што ќе ви овозможи одговорање на повик, СМС порака, коментар на Facebook, испраќање на меил и слични активности. 


Хардвер
 
HTC не се потрудил премногу околу хардверот на овој смартфон кој само привидно има добар впечаток заради четири-јадрениот процесор, но тој всушност е од најслабата серија на Qualcomm Snapdragon 200 со Cortex A5 технологија и за жал покажува многу слабости кои се одразуваат на вкупниот перформанс. 1GB RAM и гарфичката Adreno 203 не се доволни за да ја поправат целосната слика. За вашите податоци и фајлови се достапни 8GB вградена меморија. За сурфање на интернет може да ги користите двата прелистувачи HTC browser и Google Chrome.


 
Камера и мултимедиа
 
HTC Desire 600 има стандардна 8 мегапикселна камера со LED блиц, што значи дека не е искористена UltraPixel камерата како кај најновите смартфони на компанијата како HTC One. Корисниците ќе треба да се задоволат со помалку, но тоа не значи дека оваа камера е неквалитетна, напротив обезбедува добри слики и стабилни видеа со висок степен на изразеност на боите, контрастот и солиден аудио квалитет. За поголема забава се искористени одличните BoomSound стерео звучници, а на располагање ви се две мултимедијални апликации изработени од HTC и Google. Со нив може да ги користите речиси сите видови на аудио и видео фајлови.


Заклучок
 
HTC Desire 600 е интересен смартфон, но недоволно моќен за да предизвика поголемо внимание поради неговата висока цена. Според оваа анализа единствена предност на HTC Desire 600 е неговата двојна СИМ функционалност, додека пак најслаба страна е неговиот хардвер кој не ги исполнува очекувањата. Сите останати сегменти се во рамки на просекот, па така екранот со пониска резолуција и камерата од 8 мегапиксели нема премногу да ве воодушеват. 


Автор
 
Христијан Станоевиќ 




Прочитајте повеќе: