Samsung Galaxy S4 - Телефон над телефоните

Објавено на 08.09.2013 во Рецензија



Samsung Galaxy S4 - Телефон над телефоните

Помина подолго време од официјалното претставување на Samsung Galaxy S4, најочекуваниот смартфон годинава кој ја крена возбудата на огромно ниво. Чекањето на Samsung Galaxy S4 потсети на времињата кога постоеше истата возбуда за iPhone, и со цело право ја потврди моќта на корејската компанија која доминира во делот на продажбата и пласманот на своите останати Galaxy уреди.

За Samsung Galaxy S4 не треба да се даде посебен вовед освен што може да се констатира дека се работи за еден од најмоќните уреди на пазарот, со врвен харвер и огромни промени во софтверот кои до пред некој период се сметаа за футуристички.
 
 
Дизајн
 
Започнуваме со можеби ахиловата пета на овој телефонски бог, а тоа е неговиот пластичен дизајн. За споредба неговиот најголем непријател HTC One е целосно изработен од алуминуим, но тоа е само едната страна на приказната. Samsung употреби пластика од практични причини, повеќе заради техничките карактеристики, отколку од некаква естестска побуда. Како и да е и оваа пластична изработка има свој квалитет и не е голема пречка.
 
 
Втората забелешка е помалку бледиот и повторен изглед од неговиот претходник Samsung Galaxy S3 и тука нема никакви приговори, навистина Samsung можел повеќе да се потруди и да донесе понов и свеж дизајн, но сеедно. Промени има во функционалноста и овој смартфон е многу потенок со само 7.9 милиметри, како и со помали димензии од 136.6 x 69.8 mm во споредба со Samsung Galaxy S3 кој има димензии од 136.6 x 70.6 и дебелина од 8.6 mm. 
 
 
Тука мора да се спомене дека Galaxy S4 има поголем екран од Samsung Galaxy S3, а сепак има помали димензии што е огромен успех на инжинерите од Samsung. Понатаму, Samsung Galaxy S4 во споредба со HTC One исто така стои подбро кој има димензии од 137.4 x 68.2 x 9.3 mm, а е многу сличен со Sony Xperia Z, чија пак најголема предност е што има многу поквалитетна градба и е отпорен на вода и на прашина.
 
 
Екран
 
Galaxy S4 како и повеќето премиум смартфони поседува 5 инчен Full HD екран со резолуција од 1080 x 1920 пиксели и густина на пикселација од 441 ppi. Samsung продолжува со користење на Super AMOLED технологијата за дисплејот која има свои предности, но и недостатоци. Секако овој дисплеј е еден од најдобрите на пазарот и е вистинско уживање да се користи за сите прилики. Екранот има огромна деталност и воопшто не зе забележуваат малите проблеми со PenTile подреденоста на пикселите од претходната верзија.
 
 
Понатаму боите се прилично силно изразени што на некои малку ќе им пречи бидејќи го немаат природниот израз како кај LCD екраните, но затоа пак се фантастично квалитетни за гледање видеа и користење на мултимедијални содржини. За на крај треба да се истакне дека Super AMOLED не е еден од најсветлите екрани и може да има мали недостатоци при видливоста на отворено, но тоа е пречка која лесно се надминува.

Хардвер
 
Моментално Samsung Galaxy S4 е вистински рекордер кога се во прашање хардверските компоненти. Првата верзија работи на четири-јадрениот процесор Qualcomm Snapdragon 600, како и кај HTC One и Sony Xperia Z, но разликата е што овој процесор е за нијанса побрз со 1.9 GHz. Втората верзија наменета за европскиот и азискиот пазар работу на осум-јадрениот Samsung Exynos 5 Octa процесор и освен што е вистински ѕвер за перформанси ефикасно ја троши и батеријата. Понатаму хардверот е составен и од 2 GB RAM, Adreno 320 GPU, како и три понуди на внатрешна меморија од 16, 32 и 64 GB кои може да се надополнат преку microSD картичка. Смартфонот има батерија со капацитет од 2600 mAh.
 
 
Софтвер
 
Софтверскиот дел е  најинтересниот кај Samsung Galaxy S4 каде се применети еден куп нови опции, а дел од нив се навистина револуционерни. Сепак цената за бројните софтверски додатоци е платена со мала меморија, а некои експерти сметаат дека дел од нив се непотребни и само го забавуваат интерфејсот. Исто така има забелешки дека сите не функционираат подеднакво добро и може само да ве исфрустрираат. Во продолжение ќе се задржиме на поголем дел од нив.

Како најпривлечни се издвојуваат опциите во делот на забавата Smart Pause за гледање видеа и кога ќе го тргнете погледот самото видео се паузира, потоа Air Gesture за управување со смартфонот без допир, односно со замавнување на раката над екранот. Тука спаѓаат три опции Air Browse за движење низ интернет прелистувачот и меил клиентот на Samsung, потоа Air Jump и Air Call Accept. Овој дел го заокружува уште една опција Air View која со „лебдење“ над екранот ја открива содржината на одреден наслов, а особено примена наоѓа кај електронскиот магазин Flipboard. 

Понатаму како многу забавни опции се набројуваат и Samsung Optical Reader за скенирање на различни видови на документи во хартиена форма. Samsung Galaxy S4 поседува и IR светло кое преку апликацијата WatchON може да се претвори во целосно функционален телевиски управувач.
 
 
Доколку пак во близина има повеќе уреди може да ја користите опцијата Group Play која од првиот телефон ќе ја пренесе содржината за заедничко слушање на музика или гледање на видеа на сите останати поврзани телефони истовремено. Samsung воведе и опција за водење на здрав живот преку апликацијата S Health со која може да ги следите вашите физички активности и да воведете програм на исхрана, мерење на витални знаци и многу други додатоци.
 
 
Камера
 
Samsung Galaxy S4 има моќна камера од 13 мегапиксели а, на располагање ви се бројни опции кои ќе ви понудат многу забава и експериментирање со сликите. Новите опции во интерфејсот овозможуваат снимање со двете камери истовремено комбинирајќи ги снимките во едно видето со опцијата Dual shot. Опцијата Sound & Shot снима звук од 9 секудни додека правите слики, а потоа може да ги преслушате и прегледате снимките во галеријата. 

Drama Shot е одлична опција за правење на професионални слики бидејќи го фаќа секое забавено движење и на крај прави совршена комбинација. Cinema Photo е уште една квалитетна опција со која на сликата може да се додаваат различни елемeнти и анимации за подобар ефект. На крај ја споменуваме и алатката Story Album со која се прави колаж од слики, на кои може да оставате белешки и да ја раскажете целата приказна зад фото албумот.
 
 
Заклучок
 
Samsung Galaxy S4 без двоумење е еден од најдобрите смартфони кој сосема заслужено го добива целото внимание, а неговата популарност е причина за големиот пазарен успех. Воопшто не треба да се штедат комплименти за прекрасниот екран, за врвниот хардвер кој работи како подмачкан и секако одличната камера со огромниот број на додатоци со кои ќе имате многу забава. Тука мора да се истакне и дека Samsung навистина се потрудил да обезбеди голем број на софтверски алатки од кои ние ви претставивме само неколку. 
 
 
Сето тоа не го спречува Samsung Galaxy S4 да работи без никакви кочења, што значи дека има врвна оптимизација на софтверот. Тоа што пак на некој ќе му пречи е пластичниот дизајн, бидејќи најголемите конкуренти веќе се отидени чекор напред со водоотпорни стандарди и употреба на алуминиум. За други дизајнот нема да направи голема разлика бидејќи брендот на Samsung Galaxy S4 е доволен сам за себе. Тоа го докажуваат речиси сите тестови на перформанси каде убедливо на првото место е Samsung Galaxy S4, оставајќи ги зад себе останатите конкуренти. 
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: