Apple iPhone 5S – се што треба да знаете

Објавено на 14.09.2013 во Рецензија



Apple iPhone 5S – се што треба да знаете

Има еден нов iPhone. За да бидам целосно точен ќе кажам дека има два нови iPhone телефони. Но новиот iPhone 5S е предводник на сите телефони на Apple и тоа е најдобриот iPhone во моментот што може да се купи. Изгледа точно така како што iPhone 5 изгледаше минатата година, но со подобрени внатрешности и перформанси кои имаат за цел да го направат два пати побрз од неговиот претходник. Како најголем новитет е тоа што поседува скенер за отпечатоци.

Дизајн

Во поглед на дизајнот новиот 5S нема некои драстични измени во споредба со iPhone 5, освен намалениот број на икони на дисплејот и кружниот прстен околу „home“ копчето. Тој ја има истата алуминиумска конструкција, истата големина на дисплеј од 4 инча, и доаѓа во 3 бои (кои имаат исти тонови како и неговиот претходник) и тоа: црна, сива и златна.

Перформанси

Во поглед на неговите перформанси, може да се каже дека има значително подобрување. Тој го користи новиот 64-битен А7 процесор и работи двојно побрзо од неговиот претходник (40 пати побрзо од првиот iPhone). Тој работи на OpenGL ES 3.0 кој овозможува неговите графички способности да бидат импресионирачки.

 

Покрај А7 процесорот, новиот 5S користи и М7 сензорски ко-процесор кој континуирано ги следи движењата на корисникот. Негова цел е да „овозможи понапредна генерација од апликации за здравјето на корисникот“, односно користејќи ги информациите кои ги добива за движењето и активностите на корисникот да понуди повеќе информации на развивачите на апликации за здравје и фитнес програми.

 

Скенер за отпечатоци

Освен ова, новиот 5S има интегриран скенер за отпечатоци кој е вграден во „home“ копчето, кој во комбинација со апликацијата „Touch ID“ ќе нуди безбедност на сосема ново ниво. Со помош на оваа апликација ќе можете да го отклучите вашиот телефон само со едноставен допир на „home“ копчето. Сензорот има резолуција од  500ppi и опсег од 360 степени. Од Apple најавуваат дека апликацијата ќе памети отпечатоци од група на луѓе, односно оние на кои вие ќе им дозволите да го користат телефонот.

Камера

Значително е подобрена и камерата која сега користи двојно LED светло. Корисникот може да врши промена на интезитетот на светлината од двете светла, а со ваквите вариации можат да се добијат неверојатни 1000 комбинации за осветлување. Покрај ова, камерата останува на 8 мегапиксела, меѓутоа објективот на леќата е зголемен на f/2.2, а сензорот е зголемен за 15 проценти.

Воведена е нова автоматска стабилизација на сликите и нов „burst mode“ со кој може да се слини 10 фрејма во секунда, што претставува мошне импресивно. Доколку сликата повеќе слики наеднаш, телефонот ќе изврши анализа на истите и ќе ја избере оваа со најостра слика. Исто така 5S има и „slow-motion“ камера која поддржува до 120 фрејмови во секунда, а ќе може да снима и видео со HD квалитет од 720p.

Батерија

Батеријата на iPhone 5S може да издржи 10 часа разговор, 10 часа LTE сурфање, односно 255 часа во стендбај. Како додатоци на овој модел Apple ги понудија стандардните заштитни маски по цена од 30 долари, и нови кожени маски во 6 различни бои кои ќе се продаваат за 40 долари.

 

Заклучок

Цената на телефонот со договор во продавниците на AT&T, Verizon и Sprint ќе изнесува 199 долари за верзијата од 16 GB, 299 долари за верзијата од 32 GB и 399 долари за верзијата од 64 GB. Почетната цена на верзијата од 16 GB без договор во продавниците на T-Mobile ќе се движи од 650 долари па нагоре. Продажбата на овој модел ќе започне на 20-ти септември.

 

Ѓорѓи Грговски





Прочитајте повеќе: