iPhone 5C - Не баш евтин iPhone

Објавено на 14.09.2013 во Рецензија



iPhone 5C - Не баш евтин iPhone

Apple го промовираше iPhone 5C кој е замислен како замена за iPhone 5, кој најверојатно ќе биде повлечен од продажба, а за тие што ќе сакаат вистинска надградба ќе им биде понуден iPhone 5S во кој се сконцетрирани сите промени. iPhone 5C долго време беше нарекуван евтиниот iPhone што донекаде е вистина, но тоа важи за договор склучен на две години, додека пак отклучената верзија на смартфонот ќе се продава многу поскапо по вообичаената цена од 500 до 700 долари во зависност од операторот и државата. 
 
 
Затоа Apple се соочи со голем број на критики бидејќи ја доведе јавноста во заблуда дека конечно лансирал смартфон од ниската класа кој ќе биде широко достапен за сите категории на купувачи. Претходно веќе напишавме целосна анализа на маркетинг стратегијата на Apple за замена на iPhone 5 со овој модел и зошто тоа не е правично, но во овој текст ќе се задржиме на анализата на перформансите и карактеристиките на  iPhone 5C.
 
 
Дизајн
 
Во однос на изгледот речиси и да нема никакви промени од претходникот iPhone 5, освен што се водедени нови бои, па покрај стандардните бела и црна се додадени маски со црвена, сина, жолта и зелена боја, а во зависност од бојата на маската може да поставите и позадина на екранот со истата тема. Промена има во материјалот на градба, па така овој пат Apple ја користи засилената пластика од поликарбонат, а смартфонот има целосна маска во така наречениот unibody концепт. Во внатрешноста е сместена метална рамка за зацврстување која служи и како антена. 
 
 
Пластичниот дизајн има свои предности а, тоа е поголемата издржливост на гребаници во однос на алуминиумот. Замената на алуминиум со пластика треба да ја донесе и потребната заштеда која Apple може да ја искористи за намалување на цената на iPhone 5C, но како што веќе анализиравме овој потег има голем број на недостатоци. Инаку димензиите на iPhone 5C се различни со ланскиот модел и тие изнесуваат 124.4 x 59.2 x 8.97 mm, што значи дека овој смартфон е за нијанса подeбел, а исто така е и потежок од iPhone 5 со 132 gr. Подреденоста на физичките копчиња е идентична, под екранот се наоѓа почетното „home“ копче, oд страните регулаторот на звук и сите портови за конекција.
 
 
Интерфејс
 
iPhone 5C ќе работи на новата верзија на оперативниот систем iOs 7, кој всушност е и најсветлата точка на Apple оваа година, бидејќи конечно го унапреди софтверот за кој долго време имаше критики дека е стерилен и заостанува зад Android. Промените во софтверот во голема мера се визуелни, односно е воведен поголем степен на персонализација и освежување кое го бараа фановите. 
 
 
Во функционалниот дел воведени се повеќе подобрувања кои се однесуваат на брз пристап до менито и опциите, а една од нив е Контролниот Центар, во кој најкористените подесувања се ставени напред и во центарот, а е достапен од било кој екран. Во iOS 7, само со едноставно лизгање од дното на екранот можете да имате побрз пристап до алатките како Wi-Fi, осветлувањето, Airplane начинот на работа, музичките контроли, и многу други. Сите новитети во интерфејсот кои се направени за полесен и побрз пристап може да ги прочитате од целосната рецензија на оперативниот систем iOs 7.
 
 
Хардверски компоненти
 
Во iPhone 5C е вграден стандардниот дво-јадрен Apple A6 процесор и како и секогаш Apple не сака да открива многу информации за неговите спецификации и ја користи веќе клише формулацијата дека овој процесор е двојно побрз од претходниот, што во овој случај значи дека iPhone 5C е двојно побрз од iPhone 4S. Покрај процесорот кој да бидеме искрени одлично се покажа кај iPhone 5 во сите категории, е вграден и 1 GB RAM за поголем мултитаскинг. Мала промена има во делот на батеријата која е поиздржлива со капацитет од 1508mAh, односно може да обезбеди непречена работа на смартфонот од 10 часа во разговор и 10 часа работа со вклучен Wi-Fi или пак 4G LTE мрежата. 

Камера
 
Главната камера е идентична како и на претходниот iPhone со сензор од 8 мегапиксели, но со поквалитетна градба, што значи дека се очекува минимално подобрување на сликите. Предната камера пак сега има HD резолуција што е одлично надградување за тие што воспоставуваат видео телефонски повици.
 
 
Заклучок
 
Овој смартфон е наменет за тие што ќе сакаат да купат iPhone по нешто пониска цена, а досега не поседувале уред направен од Apple. Тие пак што веќе поседуваат iPhone нема потреба да го купуваат iPhone 5C бидејќи тој не носи никаква надградба, затоа тука на сцена стапува iPhone 5S кој е наменет токму за тие што го сакаат најновото и најдоброто од Apple.
 
 
Инаку iPhone 5C ќе се продава по почетна цена од 100 долари за основната верзија од 16 GB, верзијата на iPhone 5C од 32 GB пак ќе се продава по цена од 199 долари и тоа важи за склучен двегодишен договор. По добиените критики за високата цена Apple најверојатно ќе склучи договори со операторите за намалување на цената со што би требало да се стигне до некој посакуван баланс од 350-400 долари за отклучената верзија на iPhone 5C.
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ
Автор: Aleksandar Stankov




Прочитајте повеќе: