Sony SmartWatch 2 - Паметно потрошено време

Објавено на 02.11.2013 во Рецензија



Sony SmartWatch 2 - Паметно потрошено време

Паметните часовници се најатрактивниот електронски производ во овој период бидејќи делуваат како нешто ново, напредно и привлечно. Сепак борбата меѓу производителите не е до толку изразена бидејќи технологијата на изработка сеуште не е во врвна фаза каде би ги добиле сите бенефите од еден мини преносен електронски уред кој се носи на раката, но сите го забележуваме потенцијалот. 
 
 
Свој паметен часовник лансираше и Sony кој всушност е еден од првите во ова област со уредот SmartWatch од 2010. Денес го имаме неговиот помодерен наследник, но тоа што сега ќе го анализираме е дали Sony SmartWatch 2 е доволно добар да се спротистави на останатите конкуренти.
 
 
Дизајн
 
На Sony SmartWatch 2 повеќе треба да се гледа како на класичен и скап часовник со многу модерни додатоци, отколку како на мини електронски уред со голем број на функции. Затоа и дизајнот на Sony SmartWatch 2 е направен во висок стил, со јасна коцкаста форма, удобно ременче и високо квалитетни материјали. Еден од изборите е засилен не`рѓосувачки челик во сребрена боја, а вториот избор е алуминиумска обвивка со црна и сива боја. 
 
 
Ременчињата исто така доаѓаат во повеќе варијанти, од кои првите две се изработени од кожа, додека има избор и од силиконски ременчиња во повеќе бои како жолта, розева, зелена и други. Часовникот Sony SmartWatch 2 се активира со само едно физичко копче, додека пак сите други функции се активираат со вградените копчиња во екранот, слично како кај интерфејсот на Xperia смартфоните. 
 
 
Уредот има тежина од 122 грама што и не е така малку за часовник, но не се чуствува премногу и е удобен за носење, особено со ременчињата изработени од кожа. Странично е сместен влезот за USB кој служи и за полнење на часовникот, а што е многу важно се работи за водоотпорен уред исполнувајќи го IP57 сертификатот.
 
 
Екран
 
Екранот на Sony SmartWatch 2 има големина од 1.6 инчи со резолуција од 220 x 176 пиксели. LCD екранот на допир нема висок квалитет на сликата и боите и острината се многу слабо изразени. Како што кажавме и на почетокот Sony не се трудел премногу да создаде мини мобилен уред, туку елегантен часовник со неколку дополнителни функции, па така екранот е доволен за основно користење без поголеми очекувања. Добра страна е што видливоста на отворено која е и најважна е поставена на високо ниво, па така нема да имате големи проблеми со рефлексија на светлината.
 
 
Кориснички интерфејс
 
Менито на Sony SmartWatch 2 е прилично едноставно подредено и наликува на листата на апликации кај Android смартфоните. Тука Sony внесол неколку основни сервиси и апликации како аларм, тајмер, но доколку навистина сакате да ги користите „смарт“ функциите треба да го поврзете со мобилен телефон преку Smart Connect апликацијата. Со неа може да добивате известувања на часовникот како што се повици, а благодарение на Bluetooth конекцијата повиците може да ги добивате на часовникот и да зборите преку слушалки. 
 
 
Понатаму Sony SmartWatch 2 ги исполнува сите предвидени задачи како примање на SMS пораки, email пораки и други кои може да ги прочитате во целосна содржина. Исто така ќе може да ги добивате известувањата од социјалните мрежи како Facebook и Twitter, но тука нема да ви се прикаже целосната содржина на известувањето, туку само сегмент.
 
 
Софтвер
 
Освен почетните можности на Sony SmartWatch 2 да служи како помошен уред нема да добиете преголем избор на додатни апликации кои се целосно прилагодени за самиот часовник. Тука ќе најдете неколку организациски алатки поврзани со потсетувања од календарот, потоа преглед на слики во галеријата, како и инсталирање на неколу апликации од страна на други производители, што е особено важно за натамошниот развој. Секако Sony најави дека работи на сопствени 400 апликации кои ќе бидат наменети за SmartWatch 2 и би требало да бидат достапни наскоро.
 
 
Перформанси
 
За жал слабостите се регистрираат токму во хардверските компоненти кои доведуваат до бавни перформанси и повремени кочења. Причината за тоа најверојатно лежи во ARM-Cortex M3 процесорот кој има брзина од само 200 MHz. Часовникот се поврзува со главниот уред преку Bluetooth 3.0 технологијата која овозможува брз пренос на податоци. На располагање е и NFC (Near Field Connection) поврзување кое е многу поедноставно и се прави со допир до главниот уред и троши помалку батерија. 
 
 
Влезот за microUSB ќе ви послужи за поврзување со сите видови на уреди и пренос на податоци и прилагодување на опциите, а исто така се користи за полнење на батеријата. Паметниот часовник на Sony со нормална употреба ќе треба да го полните најмалку два дена во неделата. Во овој дел Sony SmartWatch 2 е многу подобар од Samsung Galaxy Gear чиј најголем недостаток е батеријата која треба да се полни еднаш дневно.
 
 
Заклучок
 
Sony SmartWatch 2 има свои предности во однос на конкурентите како што е неговиот водоотпорен дизајн што е одличен потег за било кој часовник, потоа поврзувањето преку NFC што ја штеди батеријата, како и компатибилноста со Android смартфоните. Неговите недостатоци се што екранот има послаб квалитет од Samsung Galaxy Gear, но затоа е подобар од Pebble кој пак има црно-бел e-ink екран. 
 
 
Од друга страна пак му недостасува камера, микрофон и звучниците кои ги има Samsung Galaxy Gear. Затоа пак, Sony SmartWatch 2 е подобар во категориите на батерија и дизајн кои најверојатно во овој момент се пресудни бидејќи софтверските можности се премногу ограничени, а ниту еден производител не стекнал значајна предност. 
 
 
Sony SmartWatch 2 може да се пофали дека е компатибилен со поголем број на уреди, бидејќи најголемиот конкурент Samsung Galaxy Gear во овој момент работи со само пет смартфони од врвната Galaxy S серија. Цената на Sony SmartWatch 2 изнесува 200 долари и еден од најевтините функционални паметни часовници на пазарот, но таа сума е добиена по пат на повеќе компромиси кои ги наведовме погоре. Сепак може да се истакне дека Sony SmartWatch 2 успешно ја врши функцијата за која е наменет и е супер модерен паметен часовник.
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ