Samsung Galaxy Note 3 - Најмоќниот мобилен уред

Објавено на 13.11.2013 во Рецензија



Samsung Galaxy Note 3 - Најмоќниот мобилен уред

Samsung Galaxy Note 3 е третиот по ред фаблет на компанијата кој треба да го продолжи огромниот успех на неговите претходници. Пред три години Samsung лансираше многу невобичаен уред во време кога сите сакаа телефони со мали димензии и докажа дека оваа категорија има огромен потенцијал. Тоа што го разликува Samsung Galaxy Note 3 од останатите е дополнителната функција со S пенкалото кое работи одлично и со него многу полесно може да завршите одредени задачи. Samsung Galaxy Note 3 ги има сите предуслови за да го повтори пазарниот успех со најмодерни компоненти, одличен екран и бројни софтверски додатоци, па во продолжение дознајте ги сите предности на овој мега смартфон.

Екран

Samsung Galaxy Note 3 има поголем екран од своите претходници и тој изнесува 5.7 инчи со Full HD резолуција од 1080 x 1920 што го задоволува стандардот од 1080p за високо детална слика. Напредокот во однос на претходните верзии е очигледен, па така корисниците ќе бидат премногу задовoлни од можностите на дисплејот на Samsung Galaxy Note 3 кој има одлично распоредување на светлината, каде освојува и најмногу поени, но како и останатите Super AMOLED екрани има послаба изразеност на боите, каде на пример подобар е Sony Xperia Z Ultra кој има екран со најновата Triluminous технологија. Фаблетот HTC One Max е единствен од групата на најнови таблети кој има подобра осветленост од Samsung Galaxy Note 3, а во оваа трка се очекува да се вмеша и фаблетот на Nokia Lumia 1520.

Дизајн

Samsung Galaxy Note 3 e изработен од пластика како и повеќето премиум смартфони на корејската компанија, но овој пат се обиделе да го отргнат вниманието од негативните коментари со додавање на кожна обвивка на задната страна која освен стилски има и ефект на многу повисок квалитет на градба. Samsung Galaxy Note 3иако има огромен 5.7 инчен екран склопен е во многу помали димензии од неговите претходници, заради подобро искористениот простор и намалување на граничната линија околу екранот. Под него е сместено единственото физичко копче Home, а до него се наоѓаат две вградени капацитивни копчиња.

Димензиите на овој чудовишен смартфон изнесуваат 151.2 x 79.2 x 8.3 mm со што го добиваме еден од најпрактичните и најлесни фаблети на пазарот, а тежината од 168 грама е доволна за да не се чуствувате како да држите таблет во раката. Напротив Samsung Galaxy Note 3 e прилично удобен за држење, но за негово управување најдобро е да ги користите и двете раце. Во функционалниот дел на дизајнот има неколку стандардни решенија како сместување на регулаторот на звук странично, а спротивно од него е сместено и копчето за вклучување/заклучување. Новитет е употребата на microUSB 3.0 влезот со кого батеријата многу побрзо ќе се полни, а исто така се забрзува и преносот на податоци. За функционалното S пенкало има посебен слот, па така нема ни да го забележите неговото присуство.

Кориснички интерфејс

Како и кај сите смартфони на Samsung и тука ќе го најдете познатитот кориснички интерфејс TouchWiz Nature UX кој целосно го прекрива оперативниот систем Android 4.3 со свој начин на организација на менито, кратенките, контролниот центар и заклучениот екран. Тоа што е повеќе интересно за TouchWiz Nature UX е што е речиси целосно посветен на дополнителните функции кои може да ги извршувате со S пенкалото, како што се Air Comand, Multi Window и други, но и воопшто повеќе додатоци кои се пред се наменети за уред со голем екран како Samsung Galaxy Note 3 и токму тука лежи големата привлечност за купување на овој уред. Во продолжение ќе претставиме дел од нив, бидејќи останатите како Air View, Air Gestures, Smart Pause, Smart Scroll ги образложивме во рецензијата за Samsung Galaxy S4.

Air Comand

Air Comand менито се активира при употреба на функционалното S пенкало. Тука се прикажува мени со избор на пет опции за работа со пенкалото како внес на текст, Action Memo за забележување и сочувување на одредени податоци, Scrap Booker служи за селектирање на делови од веб адресите и внес по тагови, потоа S Finder која е слична алатка и служи за пребарување, како и Pen Window со приказ на најчесто користените апликации над работната површина во мали коцкички.

Multi Window

Multi Window исто така служи за мултитаскинг и работи со повеќе апликации истовремено благодарение на поделбата на екранот на две активни апликации или пак отворање на истата апликација два пати, што е многу практична за споредба на податоци и информации.

Хардвер

Samsung Galaxy Note 3 е еден од најмоќните смартфони на пазарот и претставува вистинска мобилна компјутерска машина. Фаблетот е опремен со најбрзиот четири-јадрен Snapdragon 800 со брзина од 2.3GHz, додека пак втората верзија на Samsung Galaxy Note 3 работи на осум-јадрениот Exynos 5 процесор со брзина на едно јадро од 1.9 GHz. Двете верзии може да се каже дека се релативно изедначени во перформансите, а воопшто Samsung Galaxy Note 3 ги освоени наквисоките поени на тестовите за мерења на можностите на смартфоните или т.н бенчмарк тестови. Тоа се должи и на фактот што Samsung Galaxy Note 3 е еден од првите смартфони кој работи со 3 GB RAM. Од останатите компоненти се издвојува и меморискиот капацитет со почетните 32 и 64 GB кои може да се надополнат со мемориска microSD картичка. За да работи оваа машина непречено се грижи батеријата со огромен капацитет од 3200 mAh. Eдинствен смартфон кој може да му се доближи во перформансите е одличниот LG G2.

Камера

Камерата на Samsung Galaxy Note 3 од 13 мегапиксели има BSI сензор и  дигитална стабилизација на сликата, подржана со LED блиц кој има нов додаток CRI (Color Rendering Index) за многу повисок степен на прецизност при репродукција на боите што го прави фантастичен за сликање во темни услови. Видео снимањето исто така е одржано на високи критериуми како стандрадните HD видеа со резолуција од 1080p и стабилни 30 или 60 фрејма во секунда што е огромен напредок. Со оваа камера се снимаат одлични видеа со висок степен на прецизност на боите, детали и осветленоста. Како интересен додаток е снимањето во slow motionкое достигнува досега рекордна резолуција од 720p HD со различен степен на забавување и брзина. Може да снимате и видеа со супер 4K резолуција со 3840 x 2160 пиксели, но овие видеа зафаќаат огромен простор и нема многу уреди на кои може да ги прикажете за да го видите целосниот ефект.

Заклучок

Samsung Galaxy Note 3 е одличен наследник на серијата на хибридни уреди на Samsung обезбедувајќи огромен напредок во речиси сите категории. Дизајнот не е премногу изменет, ное е доволно ефикасен и функционален за да се отстранат сите недостатоци на пластиката. Главниот напредок се содржи во внатрешноста на уредот кој ги поседува можеби најквалитетните компоненти во конкуренција на мобилната технологија, обезбедувајќи врвни перформанси. Корисниците најмногу ќе бидат задоволни од софтверските додатоци, апликации и сервиси, како и од можноста за работа со функционалното S пенкало што го прави Samsung Galaxy Note 3 убедливо најдобар производ на пазарот во категорија на хибридни уреди.

Автор

Христијан Станоевиќ

Автор: Aleksandar Stankov




Прочитајте повеќе: