Nokia Lumia 1520 - Летечкиот финец

Објавено на 24.11.2013 во Рецензија



Nokia Lumia 1520 - Летечкиот финец

Nokia Lumia 1520 е одличен смартфон кој припаѓа на новата категорија на хибридни уреди популарно наречени фаблети и конечно ни ја покажува вистинската моќ на финската компанија која се мачеше во последните неколку години пред се поради ограниченоста на Windows Phone платформата. Сепак, Microsoft по толку време ги овозможи промените во софтверот кои ја отвораат вратата за употреба на најквалитетните хардверски компоненти и HD екрани, со што Nokia Lumia 1520 може силно да се спротистави на конкуренцијата во Android сегментот. Во продолжение ќе ги погледнеме сите предности на овој одличен шест инчен хибрид кој може многу да им понуди на корисниците.

Дизајн

Кога е во прашање индустрискиот дизајн на Nokia досега не сме имале големи забелешки со оглед на тоа што финците вложуваат огромни напори за создавање на супер квалитетни и пред се издржливи уреди, а токму таков е и Nokia Lumia 1520. Освен со изгледот Nokia Lumia 1520 потсетува и на останатите смартфони од серијата со карактеристичен коцкест дизајн и употребата на цврстата пластика од поликарбонат. Смартфонот има јасно оцртани прави линии и нема преголеми изненадувања на аглите или пак од предната и задната страна.

Бидејќи се работи за фаблет може да очекувате еден огромен уред чии димензии налагаат користење со двете раце. Nokia Lumia 1520 има дебелина на телото од 8.7 милиметри што е сосема доволно за удобно држење и сместување во џебот, додека пак рамката околу екранот е сведена на 4 милиметри што не е меѓу најдобро скроените предни површини, спореден со еден LG G2 чии надворешни рамки речиси и да не се забележуваат. Понатаму димензиите на смартфонот се 162.8 милиметри во височина и 85.4 милиметри во ширина, додека неговата тежина изнесува солидни 209 грама. Ова споредено со останатите фаблети и не изгледа така премногу бидејќи има поголем екран од Samsung Galaxy Note 3 и HTC One max, додека во ова друштво единствено Sony Xperia Z Ultra се издвојува со екранот од 6.4 инчи.

Екран

Екранот на Nokia Lumia 1520 е своевидна авантура за финците бидејќи никогаш досега немале вака огромен телефон со големина на дијагоналата од 6 инчи. Тоа што е поважно е што Nokia обезбеди многу квалитетен  IPS LCD со висока резолуција од 1080 x 1920 пиксели која резултира со густина на сликата од 368 пиксели на еден инч, што секако е за голема пофалба. Како што споменавме и во воведот на Microsoft му требаше долго време за да го надгради софтверот за подршка на Full HD екрани но, подобро некогаш отколку никогаш. 

Корисниците со овој дисплеј ќе бидат премногу задоволни бидејќи ги поседува истите карактеристики како и врвните конкуренти и обезбедува висок квалитет на сликата со голем степен на деталност. Боите имаат многу природен израз, а исто така видливоста од различни агли е на завидно ниво. Осветленоста на екранот е исто така важен сегмент за нормална употреба на отворено, а таа е сосема доволна за де не забележува рефлексија на екранот од сончевата светлина.

Интерфејс

Nokia Lumia 1520 работи на најновата верзија на оперативниот систем Windows Phone 8 по извршената GDR 3 надградба која не донесе некои драстични визуелни промени, но го стори најважното односно, ги овозможи сите новитети како работа со моќни четири-јадрени процесори и Full HD екрани. Затоа оваа „механичка“ надградба нема да ве изненади премногу ако досега сте користеле Nokia смартфон бидејќи интерфејсот е речиси идентичен, освен тоа што на почетниот екран има шест колони во хоризонтала за сместување на кратенките до апликациите и иконите во т.н. Live Ties мени.

Овие икони може да ги прилагодувате со нивната големина, односно колкав простор ќе зафатат на почетниот панел, па така иконите за Facebook и останатите сервиси кои нудат поголем број на известувања ќе бидат поголеми. Исто така може да ги исклучите со допирање на знакот Х кој се наоѓа на аголот од иконата.

Софтвер

Nokia обезбедува голем број на софтверски додатоци во сите области. За интернет пребарување е прединсталиран Internet Explorerчија мобилна верзија функционира одлично и има голема брзина на интернет сурфање. Тука е и сервисот за пребарување Bing, кој освен за тоа служи и како личен асистент но, со ограничени опции, за разлика од Siri или Google Now. Nokia Drive e пак апликација која служи за навигација и насоки во сообраќајот, додека Nokia HERE нуди одличен приказ на мапи. За забавата е задолжена апликацијата Nokia Music која неодамна прерасна во Nokia MixRadio и со неа покрај слушање на музика може да слушате интернет радија и бесплатно да превземате песни од онлајн базата. За функционалноста и уредување на документи е инсталиран пакетот Office кој функционира идентично како и десктоп верзија со сите додатоци.

Хардвер

Nokia Lumia 1520 конечно може да се пофали дека работи на врвен хардвер составен од најбрзиот Qualcomm Snapdragon 800 SoC процесор со брзина 2.2GHz, заедно со Adreno 330 GPU графичката карта и 2 GB RAM за непречен мултитаскинг. Тука е неминовна и директна споредба со речиси идентичните смартфони од Android сегментот кои ги поседуваат истите компоненти, па може да се каже дека Microsoft сеуште има простор за подобрување, но бидејќи се работи за прв смартфон од ваков вид малите доцнења при транзицијата на менито и апликациите може да се простата. Телефонот има 16 GB вградена меморија, додека пак интернационалната верзија на Nokia Lumia 1520 има 32 GB меморија. Добра вест е што ако мислите дека тие не ви се доволни може да ги надополните со microSD мемориска картичка.

Камера

Nokia Lumia 1020 е апсолутно најдобриот камера-смартфон на пазарот и е креиран исклучиво за таа намена, но и овој модел може да се пофали со квалитетна камера која го надминува просекот. Тука е искористена PureView камера со сензор од 20мегапиксели, додека пак Nokia Lumia 1020 ја има рекордната камера од 41 мегапиксел. Добра вест е што Nokia Lumia 1520  има неколку подобрувања во апаратурата што значи зголемен капацитет за абсорпција на светлината со големиот 1/2.5” (25mm2) сензор. Исто така камерата е опремена со двоен LED, заднинска осветленост и најквалитетниот додаток оптичка стабилизација на сликта. За добивање на различни ефекти и сликање и снимање во секакви услови е употребена новата Nokia Pro Cam апликација која е досега една од најквалитетните и нуди многу забавни и корисни додатоци.

Заклучок

Факт е дека Nokia многу доцна се придружи на премиум класата со квалитетни смартфони и тоа доведе да западнат во огромна финансика криза и пад на продажбата. Главниот виновник е пред се Microsoft кој не успеа да обезбеди квалитетен оперативен систем, но овие проблеми полека се надминуваат, затоа добро е да се види дека Nokia сеуште е способна за борба во врвната класа. Nokia Lumia 1520 е нивниот прв фаблет, додека Samsung зад себе веќе има три одлични модели заклучно со фантастичниот Galaxy Note 3.

Сепак, Nokia има со што да се пофали, тоа е пред се 6 инчниот HD екран кој во повеќе тестови се покажа дека е досега најдобар на пазарот спореден дури и со напредниот Triluminus дисплеј на „чудовиштето“ Sony Xperia Z Ultra. Понатаму голем напор е вложен и во камерата која е вистински рекордер во оваа класа и има многу напредна технологија. Nokia Lumia 1520 речиси и да нема недостатоци, па ако погледнете поединечно ви сите категории како екран, дизајн, хардвер, камера и батерија има одлични перформанси, единствена пречка може да биде оперативниот систем Windows Phone 8 кој сеуште чека на надградбата која ќе се случи во текот на овие месеци.

Автор

Христијан Станоевиќ





Прочитајте повеќе: