Oppo N1 - Најиновативниот смартфон на годината

Објавено на 01.12.2013 во Рецензија



Oppo N1 - Најиновативниот смартфон на годината

Oppo N1 е можеби најголемото изненадувања за оваа година бидејќи отстапува од традиционалната шема на производителите од Кина нудејќи неколку новитети. Oppo е производител кој постојано докажува дека од оваа земја може да се создадат смартфони со врвен квалитет кои ќе понудат нешто уникатно, освен уреди со ниска цена во средната и ниската класа. Тоа ги зголеми и амбициите на Oppo кој со најновиот смартфон ќе се обиде да се наметне на светскиот пазар, а има и зошто.
 
 
Дизајн
 
Oppo N1 уште на прв поглед остава впечаток на свежина и необичност, а неговата големина на екранот од 5.9 инчи доволно говори за неговиот карактер. Оваа година е одбележана токму од мобилните уреди популарно наречени фаблети и борбата во оваа категорија е жестока, па затоа Oppo N1 може да се издвои како еден од подобрите и има свои атрибути со кои може да се пофали. Oppo N1 е цврст телефон изработен од засилена пластика од поликарбонат која го завзема речиси целото тело и истата е зацврстена со две метални рамки.
 
 
Смартфонот има димензии кои изнесуваат 170.7 x 82.6 x 9 mm со што е еден од најкрупните, а особено се забележува горниот дел каде е сместена ротирачката камера која завзема повеќе простор, но затоа пак нуди сосема нова употреба. На овој начин ќе добиете можност за сликање и снимање од сите агли и позиции и нема потреба да ја активирате предната камера која кај сите смартфони има далеку понизок квалитет од главната камера сместена на задната страна. Oppo N1 има супер квалитетна камера од 13 мегапиксели која во продолжение подетално ќе ја анализираме.
 
 
O-Click додаток
 
O-Click е апаратче во вид на клуч за автомобил со кој може од далечина да управувате со смартфонот на неколку начини. Најпрво O-Click додатокот се користи за активирање на камерата, а исто така со негово притискање може да го пронајдете смартфонот бидејќи ќе се активира алармот. O-Click се поврзува преку Bluetooth конекција и има мала потрошувачка на енергија.
 
 
Екран
 
Oppo N1 има одличен 5.9 инчен IPS LCD екран и е еден од најголемите на пазарот со Full HD стандрдот со резолуција од 1080 x 1920 пиксели. Квалитетот на сликата е неспорен бидејќи боите, осветленоста и деталите се високи изразени. Екранот е заштитен со Gorilla Glass 3 што треба да му даде отпорност од гребаници и оштетувања. Мал недостаток на дисплејот е што при употреба на отворено под директна сончева светлина се забележува поголема рефлексија и е малку потешко да ја гледате содржината.
 
 
Color кориснички интерфејс
 
Oppo направи повеќе измени во корисничкиот интерфејс кои на корисниците ќе им овозможат избор на голем број на визуелни промени, позадини, различни теми и приказ на распоредот на апликациите, кратенките и иконите. Oppo N1 работи на оперативниот систем Android 4.2 Jelly Bean, но врз него е нанесен посебниот Color UI интерфејс кој ја збогатува понудата на додатоци. Исто така Oppo склучи договор со Cyd за лансирање на посебна верзија на N1 смартфонот кој ќе биде прв со исталиран Cyangenomod интерфејс кој ќе се најде во продажба од декември
 
 
Бидејќи смартфонот нуди уникатна камера дел од интерфејсот е посветен на ротирачкиот модул па така на почетниот екран има одвоено посебен панел наречен Exclusive space наменет само за функциите на камерата што е одлично решение. Идејата е дека многу често ќе ја користите камерата, па затоа брзиот пристап до опциите од почетниот екран го зголемува нивото на ефиксност.
 
 
Втората корисна промена во интерфејсот е што при активирање на скратеното мени со лизгање од врвот кон дното се појавуваат огромен број на опции кои може да се активираат и прилагодат, наместо да влегувате во менито Settings и да ги барате поединечно во категории. Еден од најдобрите додатоци во ова скратено мени е приказот на сметката и колку сте потрошиле досега за повици, пораки и интернет.
 
 
O-Touch панел на допир
 
O-Touch панелот на прв поглед ќе ви остави впечаток дека се работи за скенер за отпечатоци на прсти, но неговата намена воопшто не е таква. Панелот на задната страна се користи за контролиње на апликациите и движењето низ менито со остварува со повеќе видови на навигација како со гестот на лизгање, двојно тапкање и истовремено притискање со повеќе прсти за активација на камерата и правење на слики. Овој додаток е навистина корисен особено кај голем уред како Oppo N1 бидејќи ви овозможува со палецот да го управувате предниот екран, додека со показалецот задниот панел на допир.
 
 
Хардвер
 
Oppo сепак направил мал компромис и тој се наоѓа во хардверот, но не е никаква пречка за севкупниот позитивен впечаток. Кај овој смартфон е употребен четири-јадрениот Qualcomm Snapdgragon 600 процесор со брзина од 1.7 GHz со Krait Adreno 320 GPU графичка карта што го прави втор по квалитет чипсет позади помоќниот Qualcomm Snapdgragon 800 процесор. Секако тоа не го прави инфериорен Oppo N1 кој функционира одлично при извршување на сите операции, со мало задоцнување при играњето на 3D игрите кои најдобро се покажуваат кај Snapdgragon 800 процесорот. 
 
 
Смартфонот има 2 GB RAM што е и повеќе од доволно за непречен мултитаскинг, додека пак меморискиот капацитет изнесува 16 и 32 GB, но за жал без можност за надополнување преку microSD картичка. Oppo N1 неодамна ја освои и титулата за смартфон со најиздржлива батерија, откако на повеќе тестирања го освои првото место победувајќи ги Motorola Droid Maxx, LG G2 и iPhone 5s.
 
 
Камера
 
Најголемата предност на 13 мегапикселната камера на Oppo N1 е што таа може да ротира 220 степени од својата оска и лесно може да ја насочите во повеќе насоки. Сепак, квалитетот на сликите и снимените видеа не е премногу импресивен и потпаѓа во просечните камери. На сликите им недостасува поголема деталност, а понекогаш боите се премногу изразени. Камерата има многу вградени функции кои ќе ви овозможат да сликате во различни услови за да го добиете најдобриот перформанс, а исто така има опција за автоматско прилагодувања но, резултатите не се секогаш задоволувачки. Апаратурата на камерата има големина од f/2.0 составена со седум оптички елементи и двоен LED блиц. 
 
 
Заклучок
 
Oppo N1 е еден од најитересните смартфони годинава кој се издвојува од премиум класата со неколку невобичаени додатоци. Главната порака на Oppo N1 е иновацијата и кинезите навистина успеале во тоа, обезбедувајќи доволен број на новитети за да го привлечат вниманието на купувачите. Неговите компоненти се речиси идентични како и кај повеќето водечки смартфони годинава и со Oppo N1 нема ништо да ви недостасува. Oppo N1 е достапен за порачување во неколку европски земји по цена од околу 450 евра без склучен договор, а токму со овој уред од декември компанијата планира да го освои глобалниот пазар.
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: