Nokia Lumia Icon - Мобилна икона

Објавено на 16.03.2014 во Рецензија



Nokia Lumia Icon - Мобилна икона

Nokia Lumia Icon е последниот премиум Windows Phone 8 смартфон со кој беше заокружена новата серија на компанијата со која беа покриени речиси сите пазари и ценовни класи. Nokia Lumia Icon има неколку карактеристики кои го издвојуваат од останатите, како прво се работи за ексклузивен смартфон во понудата на американскиот оператор Verizon, а како второ е еден вид на најава за тоа што може да очекуваме од мобилниот оддел на Nokia кој сега е под водството на Microsoft.
 
 
Дизајн
 
Очекувањата за Nokia Lumia Icon беа навистина големи и фановите посакуваа некаква промена во дизајнот, надевајќи се на метална конструкција на што алудираа повеќе шпекулации, но и овој пат производителот се реши за сигурната формула, а тоа е градба на телото од цврст поликарбонат. Предноста на оваа засилена пластика е што дава дополнителна цврстина и сигурност, но од друга страна допринесува за погламазни димензии кои кај Nokia Lumia Icon изнесуваат 137 x 71 x 10 милиметри со тежина од големи 166 грама. 
 
 
Со ова ќе се согласите дека Nokia Lumia Icon е еден од „најбуцкастите“ смартфони на пазарот, додека конкурентите во оваа класа имаат далеку покомпактни телефони. Естетиката на смартфонот исто така нема премногу да ве воодушеви бидејќи го има оној досаден коцкаст изглед на постарите Nokia Lumia смартфони, а единствена светла точка е металната рамка која цврсто го држи телефонот. Распоредот на физичките копчиња е идентичен како и кај претходните модели, со единствена разлика што слотот за microSIM картичката лесно се отвора без потреба од клуч.
 
 
Дисплеј
 
Nokia Lumia Icon има OLED дисплеј со големина од 5 инчи во дијагонала и задоволува фактот што е еден од најквалитетните бидејќи поседува HD 1080p резолуција со високо квалитетни 441 пиксел на еден инч. Nokia Lumia Icon е смартфон кој може да се спореди по квалитет со сите останати конкуренти во премиум класата, а како дополнителна причина за пофалба на Nokia е употребата на ClearBlack технологијата која овозможува одлично прилагодување на боите, осветленоста, острината и приказот на деталите на високо ниво. 
 
 
Бидејќи AMOLED дисплејот се разликува од останатите LCD панели на Lumia смартфоните, главниот акцент е ставен на изразеноста на боите кои се многу живописни, а постои опција да го прилагодувате и нивото на нивната јачина. Од друга страна пак AMOLED дисплејот има мали проблеми со видливоста на отворено и тука ќе мора да ја поставите осветленоста на екранот на максимум и да работите во сенка вон директно изложување на сонце.
 
 
Хардвер
 
Nokia Lumia Icon работи на четири-јадрениот Qualcomm Snapdgragon 800 процесор со брзина од 2.2GHz, во комбинација со 2 GB RAM, 32 GB мемориски капацитет но, затоа пак недостасува microSD мемориска картичка што може да биде проблем за тие што сакаат да складираат многу песни, слики и видеа на својот смартфон. Батеријата на Lumia Icon има капацитет од 2420mAh што се чини дека е премалку за смартфон со екран од 5 инчи, но затоа пак оптимизацијата и помалите системски побарувања на Windows Phone 8 ќе допринесе за подолга употреба на батеријата.
 
 
Камера
 
Nokia Lumia Icon поседува 20 мегапикселна PureView камера со одличната апаратура составена од ZEISS оптика, широка f2.4 леќа, двоен LED блиц и оптичка стабилизација на сликата. Покрај одличната градба камерата е надополнета и со супер корисен и напреден софтвер подржан од апликациите Nokia Pro Cam и Nokia Camera.

Во софтверот ќе најдете огромен број на додатоци со кои може да ја прилагодувате сцената за сите надворешни услови, како и да поставувате различни ефекти и режими на сликање. Мал недостаток на камерата е што е потребно повеќе време за сликите да се сочуваат, па за следното сликање ќе бидат почекате 8 секунди. Одредени недостатоци се наоѓаат и во сликите во ноќни услови, двојниот блиц одлично си ја врши работата со осветлувањето, но затоа пак сликите имаат послаби тонови и детали.

Заклучок 
 
Nokia Lumia Icon се смета за смартфон кој дојде со задоцнување бидејќи премиум понудата на Windows Phone сферата беше ограничена со поскормни уреди кои ги немаа новитетите на Android, но сега тоа е надминато. Nokia Lumia Icon тешко е да се оцени со позитивна оценка поради недостатоците пред се во дизајнот кој не нуди нешто иновативно и напротив е прилично гломазен во споредба со ултра тенките и лесни Samsung Galaxy S4, HTC One и Sony Xperia Z1. Понатаму како мала негативност кај Nokia Lumia Icon се издвојува и недостигот на microSD мемориска картичка. 
 
 
Предностите на Nokia Lumia Icon се бараат во екранот со Full HD резолуција и моќната 20 мегапикселна PureView камера. Nokia Lumia Icon со оглед дека е ограничен само за американскиот оператор Veriozon нема да биде премногу интересен за европските корисници, но од него може да се согледа заложбата на Nokia за идните смартфони во премиум класата кои сигурно ќе добијат многу квалитетни екрани, моќни процесори, супер издржливи батерии и бескомпромисни камери, па токму затоа постои надеж дека финскиот бренд под водство на Microsoft може да се врати на патеките на успехот.

Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: