Sony Xperia Z2 - Моќ, елеганција, ефикасност

Објавено на 08.04.2014 во Рецензија



Sony Xperia Z2 - Моќ, елеганција, ефикасност

Sony Xperia Z2 е новиот премиум смартфон на најдобриот јапонски производител кој се обидува со сите сили да се пробие во високата класа и да се наметне кај купувачите кои во изминатите години довербата, а со тоа и парите ги даваат пред се на Apple и Samsung.  Sony Xperia Z2 ja продолжува истата философија на понуда на врвни компоненти спакувани во супер квалитетен дизајн отпорен на вода и прашина, заедно со моќна 20 мегапикселна камера и одличен 5 инчен Full HD 1080p дисплеј.
 
 
Sony Mobile е бренд кој ги натера конкурентите да понудат сличен дизајн во своите премум модели, но колку нивниот знаменосец може да избие на прво место зависи од повеќе фактори, како што е маркетинг стратегијата и пред се цената. Во продолжение ексклузивно први во Република Македонија ќе имате шанса одблиску да се запознаете со овој прекрасен смартфон кој сигурно ќе ве освои на прв поглед.
 
 
Дизајн
 
Sony наметна пеколно темпо со лансирање на премиум смартфон на секои шест месеци, па така се поставува многу тешка задача за воведување на нешто ново и револуционерно во секој нареден модел. Кај Sony Xperia Z2 нема преголеми разлики од претходните два смартфони, но очигледни се подобрувањата во сите категории вклучително и дизајнот. Sony Xperia Z2 е многу поефикасен, поудобен и полесен за држење, а чуството на премиум дизајн и овој пат е задржано. Речиси целата задна прекривка е изработена од стакло што го одвојува од останатите смартфони, а предната страна ја красат модерни линии кои му даваат посебен карактер, додека пак алуминиумската рамка дава дополнителна цврстина и сигурност. 
 
 
Импресивноста на ефикасниот дизајн кој дури е подобар од претходните модели е уште поголема ако се земе во предвид дека е применет поголем 5.2 инчен екран. Димензиите на Sony Xperia Z2 и покрај оваа промена не се нарушени и изнесуваат 146.8 x 73.3 x 8.2 mm со тежина од 163 грама што е одлично за секој корисник. Да не заборавиме Sony и со Xperia Z2 продолжува со примена на високите стандарди на заштита од потопување во вода, па така со смартфонот може да отидете на нуркање во рок од 30 минути без да настанат никакви оштетувања. 
 
 
Странично е поставено главното копче за вклучување и заклучување на екранот во форма на топче кое лесно ќе го забележите и има одличен фидбек на притискање, под него се наоѓа леверот за регулација на звук, како и специјалното копче за брзо активирање на камерата.
 
 
Влезовите за microSIM и USB портот се наоѓаат под една заштитна лента за да не навлезе вода, а спроти нив се наоѓа посебен влез за microSD мемориската картичка која исто така е заштитена со капаче кое лесно се поместува. На левата задна страна се наоѓа и влез за безжичниот полнач кој се прицврстува со магнети.
 
 
Дисплеј
 
Дисплејот на Sony Xperia Z2 не само што е поголем од неговиот претходник со 5.2 инчи туку има и значително подобрување во перформансите. Кај Sony Xperia Z2 е искористен LCD дисплеј зајакнат со Live Color LED технологијата која е надополнување на претходните Triluminos и X-Reality Engine додатоци. Се работи за најновите достигнувања во прилагодување на боите на екранот, кои овде се силно изразени, потоа осветленоста на екранот која овозможува голема видливост при различни ситуации исто така е подигната на повисоко ниво, а сето тоа е постигнато со многу поголема енергетска ефикасност, односно помало трошење на батеријата. Sony Xperia Z2 има 5.2 инчен Full HD 1080p екран со резолуција од 1920x1080 пиксели што резултира со густина на сликата од солидни 424 ppi.
 
 
Софтвер
 
Во делот на софтверот Sony Mobile се обидува да ги одржи опциите и изгледот на менито што е можно поедноставни и поблиски до оригиналната верзија на Android 4.4 KitKat. Токму корисничкиот интерфејс Timescape UI е еден од најдобро компонираните бидејќи нуди прекрасни визуелни додатоци, одлично дизајнирани позадини и теми кои може самите да ги прилагодуватe, додека пак делот на функционалноста и додатниот софтвер многу брзо и лесно се совладуваат, па така во секое време ќе знаете што каде се наоѓа и како да го активирате. 
 
 
За подобар мултитаскинг е понудена опцијата за брза активација на апликациите кои најчесто ги користите и тие се сместени во лента која се вклучува со лизгање на екранот од лево кон десно. Timescape интерфејсот е многу попрегледен и поедноставен отколку TouchWiz интерфејсот на Samsung Galaxy S4 кој е претпрупaн со голем број на опции, a една од предностите e и SocialLife алатката за брзо споделување на сите слики, информации и содржини со пријателите на социјалните мрежи.
 
 
Хардвер
 
Sony Xperia Z2 е вистински ѕвер за перформанси бидејќи е опремен со најквaлитетен хардвер кој може да се најде во овој момент. Смартфонот работи на четири-јадрениот Qualcomm Snapdragon 801 процесор кој достигнува брзина на операциите до 2.3 GHz, заедно со супериорната Adreno 330 GPU графичка карта и рекордни 3 GB RAM. Понатаму на корисниците им се достапни и 16 GB меморија, кои може да сe надополнат преку microSD картичка, додека пак батеријата со капацитет од 3200 mAh ќе ви овозможи непречена работа, слушање музика гледање на видеа и сурфање на интернет од повеќе часа со едно полнење.
 
 
За поврзување се присутни стандардите Wi-Fi, USB 3.0, Bleutooth 4.0, NFC како и мобилна 4G или 3G конекција за супер брзини за интернет сообраќај. Речиси на сите мерења на сајтовите за перформанси Sony Xperia Z2 ги освојува првите места со идентични резултати како и најдобрите смартфони на пазарот. Sony Xperia Z2 може да го поврзете и со Dualshock контролер за PlayStation.
 
 
Камера
 
Sony Xperia Z2 ja поседува моментално најдобрата камера на Sony Mobile со 20.7 мегапиксели, f/2.0 апаратура и унапредена G леќа за сензорот. Со претходните модели на Sony Mobile имаше одредени проблеми во процесирањето на сликите кои добиваа чудна пикселизација и губење на деталите, како и мали проблеми со LED блицот, но тие се појавија само кај одреден број на примероци и oд компанијата објаснија дека се свесни за недостатоците кои сега се целосно надминати. 
Кај Sony Xperia Z2 не се забележуваат никакви недостатоци во овој поглед и сите слики кои ги направивме во различни режими на камерата дадоа фантастични резултати, висока деталност, одлична репродукција на боите и острина, додека пак видеото има стабилни 30 фрејма во секунда при HD резолуција од 1080p. 
 
 
 
Во интерфејсот на камерата ќе најдете многу корисни и забавни додатоци со кои може да сликате во секаков вид на осветлување и најдобро е самите да ја прилагодувате сцената, блицот и сетапот на леќата, но доколку ве мрзи може да го користите Superior Auto модот. Како најинтересни опции се издвојуваат Background focus за рефокусирање на сликата откако ќе ја направите, снимање на 4K видеа со Ultra HD резолуција, директно поставувaње на видеата на социјалната мрежа Vine, како и додавање на објекти од моделот на пренесена реалност и забавување на снимката. 
 
 
Заклучок
 
Sony Xperia Z2 со сигурност може да потврдиме дека е еден од најдобрите смартфони кои сме ги тестирале досега и сме премногу задоволни од перформансите во сите поединечни категории. Со Sony Xperia Z2 ќе бидете воодушевени од супер квалитетниот 5.2 инчен Full HD 1080p дисплеј кој е многу подобар од претходните модели и ги надоместува сите помали недостатоци. Понатаму во делот на хардверот Sony Xperia Z2 може да се пофали дека е еден од најмоќните и најсупешни смартфони со што корисникот добива врвни перформанси. Камерата од 20.7 мегапиксели ќе ви се најде во секаква ситуација за овековечување на моментот и со правилен сетап на опциите ќе го извадите максимумот. 
 
 
Навистина е тешко да се најдат поголеми забелешки кај Sony Xperia Z2, па ако сме премногу пребирливи би рекле дека квалитетот на звучниците е добар но, недостасува повисок степен на тоновите, а исто така добро би било Sony Mobile да размисли за вклучување на сензор за следење на физичките активности на корисникот, како S Health на Samsung, но ова е недостаток само за оние кои спортуваат или редовно рекреираат.
 
 
Цената на Sony Xperia Z2 се очекува да изнесува околу 35.000 денари без склучен договор слично како и Samsung Galaxy S5 и токму меѓу овие два модела се очекува вистинска битка во премиум класата. Sony Xperia Z2 ќе биде одличен избор за тие што сакаат премиум дизајн, симбол на јапонската естетика кој се издвојува од конкурентите, како и бескомпромисен смартфон за сите предизвици.
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: