Samsung Galaxy S5 - Кралот се враќа на тронот

Објавено на 10.04.2014 во Рецензија



Samsung Galaxy S5 - Кралот се враќа на тронот

Samsung Galaxy S5 е најозборуваниот смартфон во овој период што е сосема очекувано бидејќи корејскиот гигант доби моќен и лесно препознатлив бренд кај купувачите и фановите. Сепак, стартот на супер смартфонот Samsung Galaxy S5 не се одвиваше најдобро поради разочарувањето кај фановите кои очекуваа многу повеќе. Пред промоцијата кружеа атрактивни шпекулации за употреба на Quad HD дисплеј, осум-јадрен 64 битен процесор, како и промена на дизајнот со повеќе премиум материјали, а Samsung одлично ги искористи овие информации како бесплатен маркетинг без да ги демантира, со што се создаде лоша слика за смартфонот.
 
 
Moра да бидеме искрени прогнозите без премногу оптимистички и нереални. Сега кога се спушта прашината може без големи емоции да направиме анализа на Samsung Galaxy S5 и првите впечатоци се дека е добиен многу подобар модел од неговиот претходник со подобрувања во сите категории кои се врвот во мобилната индустрија. Во продолжение ќе може први во Република Македонија да го погледнете одблиску Samsung Galaxy S5.
 
 
Дизајн
 
Дизајнот на Samsung Mobile во последните две години стана премногу досаден и е еден од најголемите предизвици на инжинерите да смислат нешто ново, а притоа да ги одржат трошоците на производство на ниско ниво. Тој компромис е направен кај Samsung Galaxy S5 кој навистина има подобрувања, но не во квалитетот на градбата, туку пред се во стилот и се забележува една свежина во дизајнот. Маската на Samsung Galaxy S5 доаѓа во четири различни бои кои делуваат модерно, додека пак неговата задна прекривка има интересна конструкција со што се добива на удобност. Секако и овој дизајн не помина без критики, па HTC излезе со своја провокација и го спореди смартфнот со медицински фластер.
 
 
Главната иновација во дизајнот е со воведување на IP67 стандардот за отпорност на вода и прашина што ќе му дадат дополнителен квалитет на Samsung Galaxy S5 и ќе го доближат до Sony Xperia Z2. Телото на смартфонот е одлично скроено со димензии кои изнесуваат 142 x 72.5 x 8.1 mm со тежина од 145 грама и може да се оцени како практично, иако на пазарот има и многу потенки конкуренти. Под екранот се сместени трите вградени копчиња наменети за активирање на користените апликации, враќање назад и главното копче означено како Home кое ве враќа на почетниот екран.
 
 
Дисплеј
 
Samsung Galaxy S5 има 5.1 инчен Super AMOLED дисплеј со Full HD резолуција од 1080p наспроти очекувањата за Quad HD резолуција од 1440p. Без оглед што Samsung не отиде со оваа технологија може да се каже дека направил одличен избор бидејќи според најновите тестирања на DisplayMate тоа е смартфонот со најквалитетен екран. Quad HD дисплеите трошат премногу батерија и на екран од 5 инчи речиси и немаат поголема предност во однос на 1080p резолуцијата. Предноста на Samsung Galaxy S5 според DisplayMate лежи во RGB подреденоста на бои која дава многу природни и добро изразени тонови, а одлично се комбинирани и контрастот, острината и осветленоста. Дисплејот на Samsung Galaxy S5 има густина на сликата од одлични 432 ppi, видливоста од блиску е совршена, а истото може да се каже и за употреба на отворено под сончева светлина без проблеми со рефлексијата.
 
 
Heart Rate сензор
 
Во самиот смартфон се вклучени и поголем број на додатоци кои му даваат дополнителн квалитет, а еден од нив е секако сензорот за следење на работата на срцето, мерење на пулсот и анализа на физичките активности. Оваа функција е совршено надополнета со S Health апликацијата која ви дава голем број на податоци за тоа колкава должина сте поминале со педометар, колку калории сте потрошиле или внесле и служи како планер и статистички показател за сите рекреативни активности, па затоа спортистите со сигурност најмногу ќе го ценат овој новитет.
 
 
Скенерот не функционира секогаш перфектно и Samsung предупредува дека не се работи за одобрена медицинска опрема, па затоа добиените резултати не треба да ги земете во предвид доколку навистина имате здраствена состојба која бара такви мерења или пак водите посебен режим на вежби и исхрана.
 
Скенер за отпечатоци
 
Во почетното копче под екранот е сместен и скенерот за отпечатоци преку кој може да го отклучите смартфонот, а со него може да вршите и верификација на податоците при електронски трансакции со PayPal и се очекува во иднина компатибилноста на овој додаток да се зголеми и со друг вид на програми.
 
 
Разликата од скенерот поставен кај iPhone 5s е што тука корисникот е потребно освен да го постави прстот на екранот да изврши и гест на лизгање за да го отклучи смартфонот и може да регистрирате три различни отпечатоци. Доколку не сакате да го користите скенерот за отпечатоци Galaxy S5 може да го отклучите со вообичаена безбедносна лозинка.
 
 
Софтвер и интерфејс
 
Најголемите критики кон Samsung во минатото беа упатувани на адреса на популарно наречениот „Покемон“ интерфејс кој беше премногу сложен, шарен и содржеше безбројни непотребни додатоци. Очигледно Samsung ги послушал овие критики и кај Galaxy S5 промовираше сосема нов TouchWiz интерфејс кој е едноставен и одлично вклопен во оперативниот систем Android 4.4.2 заедно со неколку сопствени додатоци за поголема функционалност.
 
 
Променети се иконите во менито, виџетите на почетниот екран, како и кратенките за брз пристап кои се сместени во контролниот центар. Од Galaxy S4 се задржани смарт контролите за управување со смартфонот со воздушни гестови и смарт опции за мултимедиа, но кај најновиот модел воопшто не се ставени во преден план и Samsung се обидува да избегне од епитетот дека во интерфејсот нафрлува се што може да пројде.
 
 
Хардвер и перформанси
 
Samsung Galaxy S5 е еден од најмоќните смартфони на пазарот со фантастичен хардвер составeн од четири-јадрениот Qualcomm Snapdragon 801 процесор од 2.5 GHz кој е убедливо најквалитетен во класата. Смартфонот е опремен и со Adreno 330 GPU, 2 GB RAM, како и одлична батерија со капацитет од Li-Ion 2800 mAh која можеби не делува премногу доверливо, но затоа пак самиот софтвер содржи посебна алатка која максимално ја користи енергијата со што се овозможувба повеќе часовна активна работа. Galaxy S5 има верзии од 16 и 32 GB, но речиси 5 GB се резервирани за системските податоци, па затоа тие што имаат потреба од складирање на многу слики, песни и видеа најдобро е да инвестираат во дополнителна microSD картичка. Речиси на сите тестови за мерење на перформансите Samsung Galaxy S5 ги освојува првите места, а тоа сосема се потврдува и со реалната употреба на смартфонот кој веднаш ги завршува сите операции со што со сигурност може да се прогласи за еден од најефикасните Android уреди. 
 
 
Интернет, конекција и Download Booster
 
Samsung Galaxy S5 ги поседува сите речиси сите стандардни видови на поврзувања како што се Wi-Fi, Bluetooth, NFC, а исто така е еден од ретките смартфони кој може директно да се поврзе со USB 3.0 приклучокот. Мобилната конекција ги покрива сите видови на мрежи, како и најновиот LTE Cat5 стандард на 4G мрежа кој ќе може максимално да го искористите во Македонија штом операторите ќе ја воведат оваа услуга во својата понуда. За интернет прелистување на корисниците им се достапни Google Chrome и интернет прелистувачот на Samsung и без оглед кој и да го користите ќе добиете речиси идентични резултати.
 
 
Како новитет во интернет поврзувањето е вклучена нова опција наречена Download Booster која ги комбинира Wi-Fi и мобилната конекција за двојно поголема брзина која може да се искористи за симнување на фајлови со голем мемориски капацитет. Оваа опција се препорачува да ја користите во домашната Wi-Fi мрежа бидејќи јавните бесплатни Wi-Fi мрежи имаат ограничена брзина и нема да го добиете посакуваниот ефект доколку на пример симнувате игра со капацитет над 1 GB.
 
 
Камера

Samsung Galaxy S5 има 16 мегапикселна камера која доаѓа со значајни подобрувања, како во самата апаратура, така и во дополнителните опции во интерфејсот. Тука е применет нов вид на фокусирање кој често се користи кај дигиталните камери и се нарекува phase detection autofocus. Со оваа метода камерата се прилагодува на светлината која навлегува во сензорот и се овозможувба многу брзо фокусирање на објектите од неверојатни 0.3 секунди. Понатаму камерата на Samsung Galaxy S5 e збогатена и со бројни начини на поставување на сцената и додавање на специјални ефекти, а најкорисните од нив се поставени на главнотомени.

Новитет е опцијата Virtual tour со која се добива ефект на сцените во апликацијата Street View на Google каде може да ја регистрирате целата околина околу вас. Потоа се издвојува опцијата Selective Focus која ви овозможува да ја рефокусирате веќе направената слика со нагласување на предметот во преден план или во позадина. Видеата снимени со Samsung Galaxy S5 одржуваат стабилни 30 фрејма во секунда при Full HD 1080p резолуција, а постои и можност за уште поквалитетни 4K HD 2160p видеа, но за да проверите колку навистина се добри потребен ви е најнов монитор или телевизор кој подржува ваков степен на резолуција.

Заклучок

Рецензијата за Samsung Galaxy S5 ја завршуваме со нескриено задоволство од можноста да го тестираме можеби најквалитетниот и најмоќен смартфон на пазарот кој по сите проценки повторно ќе го освои врвот во Android сферата. Очекувањата за нешто спектакуларно ново можеби не се остварија, но реално Samsung Galaxy S5 е далеку подобар од неговиот претходник и Samsung повторно успеа да внесе значителна доза на иновации кои ќе ги привлечат купувачите. Скенерот за отпечатоци и Heart Rate сензорот се главните адути на овој смартфон, додека пак промените во софтверот и новиот „гламурозен“ дизајн се директно испочитување на желбите или подобро кажано критиките на корисниците. Што се однесува до конкуренцијата мора да се признае дека Samsung Galaxy S5 ќе има тешка задача да се спротистави на моќните Sony Xperia Z2, HTC One M8 и LG G Pro 2 кои сигурно ќе му се доближат на врвот и ќе ја намалат разликата во продадени уреди. За верните фанови на Samsung е најважно што ќе го добијат најдобриот смартфон што корејската компанија може да го понуди во овој момент и ќе уживаат во беспрекорниот Full HD екран, неверојатно ефикасниот хардвер, освежениот и поедноставен софтвер и секако квалитетната камера.

 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: