Samsung Gear 2 - Време е за промени

Објавено на 17.04.2014 во Рецензија



Samsung Gear 2 - Време е за промени

Samsung е еден од првите моќни брендови кој успеа да лансира модерен смартчасовник, откако анонимната компанија Pebble му покажа на светот каде ќе се движи трендот во мобилната индустрија. Првиот Samsung Galaxy Gear смартчасовник сепак, не воодушеви премногу бидејќи постоеше впечаток на избрзаност и ограничена функционалност, но главната цел беше остварена, односно Samsung го привлече вниманието кон себе. Сега, со подобрената верзија на Samsung Gear 2 може конечно да ги видиме вистинските можности на еден модерен смартчасовник и колку тој вреди да се поседува.
 
 
Дизајн и дисплеј
 
Визуелно часовникот не се разликува многу од претходниот модел и задржана е речиси истата коцкаста форма, но забележливи се многу суптилни промени на подобро. Samsung Gear 2 изгледа стилски модерно, привлечно за корисниците и има висока естетика која овој пат е за пофалба. Повторно доминираат впечатливи бои како портокаловата, додека пак ременчињата имаат повеќе дизајни, со пластична изработка и дополнителни метални елементи. 
 
 
Главната компонента на часовникот околу екранот е изработена од премиум материјали како стакло и метал и дава многу подобар впечаток на висок квалитет. Часовникот го поседува IP67 сертфикатот што го прави отпорен на вода и прашина и е многу важен стандард за секој корисник. Слично како и кај Samsung Galaxy S5 е употребен Heart Rate сензор за мерење на работата на пулсот, како и IR сијаличка за претворање на часовникот во далечински управувач. Samsung Gear 2 има 1.6 инчен AMOLED дисплеј со резолуција од 320x320 пиксели, а под него речиси до самото ременче е сместено и единственото физичко копче кое служи за навигација во менито.
 
 
Софтвер и интерфејс
 
Најголемата измена всушност се наоѓа во оперативниот систем Tizen кој е замена за Android и претставува прв смарт уред на Samsung кој ќе ја користи сопствената платформа, а тоа значи дека го напушта партнерот Google кој неодамна промовираше своја Android Wear платформа. Samsung на овој начин добива поголема контрола и ќе може самостојно да одлучува за присуството на апликации и ќе може подобро да го синхронизира работењето на Samsung Gear 2 со останатите смартфони.
 
 
Што се однесува до интерфејсот визуелно нема големи промени и главното мени има вообичаен распоред на иконите со приказ на времето и датата, како и три икони за активирање на камерата, педометарот и прилагодување на опциите. Корисниците навигацијата низ менито ќе ја вршат со допир на екранот и гестови на лизгање за промена на почетните панели. Внесот на команди се извршува и со говор, па така на овој начин може да ги користите S Voice и Voice Memo апликациите. 
 
 
Во листата на апликации се вклучени и речиси сите стандардни алатки како и кај секој смартфон. Тука би ги набројале Dialer и Contacts за пребарување на контактите кои ви се меморирани во смартфонот од каде може да воспоставите телефонски повик или пак да испратите СМС порака. Доколку пак ви пристигне СМС порака нејзината содржина може целосно да ја прочитате, но може да одговорите само со однапред подготвени пораки, а истото важи и за меил пораките кои се компатибилни со Samsung mailbox апликацијата.
 
 
Смартчасовникот работи на стенд-бај и екранот се активира само кога ќе детектира движење, како на пример кога ќе погледнете колку е часот, но сензорот е премногу чуствителен и при помало движење часовникот непотребно се активира, па доколку не сте задоволни од овој режим постои можност да ја исклучите auto-on опцијата. Кога сме кај движењето голем дел од функциите на Samsung Gear 2 се посветени на фитнес активностите кои може да ги организирате преку S Health апликацијата и другите корисни додатоци. Базата на апликации од надворешни извори се уште е ограничена, но од Samsung уверуваат дека се посветени на овозможување на поголем избор на нови и корисни сервиси.
 
 
Хардвер и перформанси
 
Samsung Gear 2 треба да се напомене дека во целост не може да функционира самостојно доколку не биде поврзан со главниот уред, смартфон или таблет и до овој момент единствено е компатибилен со поновите и поскапи уреди од Galaxy серијата. Тоа значи дека сите комуникациски операции се извршуваат исклучиво преку поврзување со смартфонот, а тоа се врши со Bluetooth 4.0 конекција и инсталирање на посебната Samsung Gear 2 Manager апликација.
 
 
Смартчасовникот работи на дво-јадрен Samsung Exynos 3250 процесор од 1 GHz, со 512 MB RAM и 3 GB мемориски простор за вашите фајлови и податоци. Батеријата има капацитет од 300 mAh и може да издржи работа од 4 до 5 дена со едно полнење, а се поврзува со USB кабел.
 
 
Камера и мултимедиа
 
Samsung Gear 2 има 2 мегапикселна камера со која може да правите слики и видеа со низок квалитет, кои колку толку имаат добра видливост, но не треба да очекувате премногу. Видеата достигнуваат HD резолуција од 720p и траење до 15 секунди, а сликите се со формат од 1920x1080 пиксели. Во делот на мултимедиата часовникот доаѓа со прединсталирани апликации за разгледување на слики и слушање на музика која може да ја префлите од смартфон или компјутер.
 
 
Заклучок
 
Samsung Gear 2 изгледа навистина привлечно и атрактивно и е еден од најдобро дизајнираните паметни часовници, но без оглед на доброто вклопување на новиот кориснички интерфејс преку Tizen платформата, може да се издвојат повеќе недостатоци. Смартчасовникот за разлика од конкурентите како Pebble и Sony Smartwatch 2 работи само со уредите од серијата Samsung Galaxy, а не и со останатите Android или iOs телефони или таблети. Понатаму Samsung Gear 2 речиси е нефункционален ако не е поврзан со главен уред, што секако е одлука на Samsung да се ограничи употребата и да се зголеми продажбата на сопствените производи кои се почесто ќе се продаваат како пакет.
 
 
Цената на Samsung Gear 2 од 299 долари исто така може да биде пречка за многумина, па дури и за сопствениците на Samsung Galaxy S5 или Galaxy Note 3, на кои е прашање дали им е потребен помошен уред, кој всушност повеќе ќе се користи како елегантен додаток. Крајната оценка за Samsung Gear 2 е дека се работи за уред со многу ограничена употреба и мал број на потенцијални купувачи, а доколку во иднина се намали цената и Samsung се одлучи да се отвори за широката побарувачка би добиле еден ефикасен смартчасовник.

Автор
 
Христијан Станоевиќ