LG G2 mini - Мал чекор кон врвот

Објавено на 27.04.2014 во Рецензија



LG G2 mini - Мал чекор кон врвот

Новата категорија на мини смартфони на премиум моделите ја создаде Samsung кога за прв пат го промовираше Galaxy S III mini по што следеше одговор од страна на HTC, Sony и секако LG. Мини смартфоните треба да ви дадат чуство дека го имате истиот супер квалитетен модел но, со помали димензии иако најчесто истите не ги исполнуваат очекувањата. LG G2 mini е најнов во оваа серија и има неколку чудни околности кои го одбележаа.
 
 
LG G2 mini дојде дури четири месеци подоцна од премиум верзијата LG G2, а исто така е невообичаено голем за оваа категорија со екран од дури 4.7 инчи што го става под знак прашилник целиот концепт на смартфон во помало пакување. LG G2 mini е во секој случај интересен смартфон кој со цената од околу 350 долари може да се натпреварува во средната класа, но дали навистина го оправдува епитетот помал брат на фантастичниот LG G2 ќе дознаеме во продолжение.
 
 
Дизајн
 
LG G2 mini ги задржува речиси сите визуелни карактеристики на неговиот поголем брат со примена на новиот концепт без физички копчиња на предната страна кои сега се сместени на задната прекривка. Контролорот за звук и копчето за вклучување и заклучување се наоѓаат веднаш до камерата и според LG тука многу поприродно корисникот може да ги лоцира. За да не ви биде чудно што копчето за вклучување е на невообичаена позиција смартфонот може да го активирите со тапкање на екранот, а LG неодамна ја надгради оваа опција под име LG Knock Code, односно сега ќе имате можност да поставите безбедносна комбинација при отклучување која тешко се пробива.
 
Close window
 
Close window
 
Квалитетот на градба на LG G2 mini не на нивото како кај премиум верзијата и употребената пластика дава чуство на евтиност. Димензиите на смартфонот изнесуваат 129.6 x 66 x 9.8 милиметри што не е премногу евикасно за мини уред и исто така се забележува дека рамката околу екранот е нешто поголема од вообичаените стандарди на LG.
 
 
Екран
 
LG G2 mini 4.7 инчен IPS-LCD дисплеј со резолуција од невообичаени 540 x 960 пиксели и густина на сликата од 234 ppi. Со ваков степен на резолуција смартфонот оди за нијанса повисоко од WVGA стандардот но, чудно е зошто LG не вложил поголем напор за да се достигне многу поголем квалитет кој ќе задоволи со HD слика од барем 720p. Квалитетот на сликата воопшто не е за некоја пофалба, но генерално нуди добра видливост со малку послабо изразени бои, додека пак осветленоста на екранот од 334 нити е просечна. При употреба на смартфонот на отворено има поголема рефлексија, па затоа ќе треба да ја поставите осветленоста на максимум, додека пак видливоста од различни агли е сосема солидна.
 
 
Софтвер и кориснички интерфејс
 
Една од ретките позитивни карактеристики кај LG G2 mini е примената на најновата верзија на оперативниот систем Android 4.4.2 KitKat кој носи голем број на мали измени во интерфејсот и функционира одлично. LG како и секогаш употребува сопствен дополнителен софтвер наречен Optimus UI со промени во функционалноста и организацијата на менито и апликациите. Заклучениот екран има голем број на панели на кои на целата површина може да поставувате различни виџети, односно кратенки за апликациите. 
 
Close window
 
Смартфонот може да се заклучи со двојно тапкање на екранот во делот на менито кое е празно или пак на статусната лента, за да не досегате по копчето кое е сместено на задната страна. Еден од новитетите во софтверот е Guest Mode со што смартфонот има пристап до само пет основни апликации и оваа опција може да ја користите доколку имате мало дете за да не направи некаква штета. На почетниот екран LG исто така има свој интерфејс на кој се содржат различни информации и известувања, но доколку сметате дека не ви е потребно може да го исклучите.
 
Close window
 
Хардвер
 
LG G2 mini има основна верзија која работи на четири-јадрениот Qualcomm Snapdragon 400  Krait 200 процесор со брзина од 1.2 GHz комбиниран со Adreno 305 графичка картичка и 1 GB RAM. За перформансите со ваков хардвер може да се каже дека се пристојни, со повремени закочување и доцнења, но сосема соодветни за класата во која припаѓа смартфонот.
 
Close window
 
Втората верзија на LG G2 mini која има 4G LTE конекција работи на новиот чипсет на NVIDIA Tegra 4i Grey кој е релативно непознат за пошироката јавност. NVIDIA Tegra 4i Grey работи на четири R4 Cortex-A9 јадра од 2.3 GHz. Меморискиот капацитет изнесува 8 GB кои може да се надополнат преку microSD мемориска картичка. Од листата на спецификации најмногу се издвојува батеријата со капацитет од 2440 mAh која може да обезбеди повеќе часовна активна работа.
 
 
Камера
 
За правење слики и видеа искористена е 8 мегапикселна камера со LED блиц која е управувана од посебен интерфејс на LG каде се применети неколку додатоци за прилагодување на сцената, како и повеќе дополнителни ефекти за различни ситуации. Камерата може да се активира и со гласовни команди, заедно со неколку ефекти како HDR, Panorama, Time Catch и Dynamic Tone. Деталите и боите се на задоволително ниво иако се забележуваат мали недостатоци со осветленоста и острината. Видеата достигнуваат HD резолуција од 1080p со стабилни 30 фрејма во секунда, но и тука се забележуваат истите недостатоци.
 
Close window
 
Заклучок
 
LG G2 mini е смартфон кој за жал не ги исполнува очекувањата, па дури и не може да се нарече мини верзија на далеку поквалитетниот и поуспешен LG G2 кој минатата година беше еден од најпродаваните смартфони на пазарот и ги освои купувачите со врвните перформанси. LG G2 mini воопшто не се издвојува од смартфоните од серијата L или F на корејскиот бренд кои се наменети за ниската и средната класа и неговото име може само да ги збуни купувачите кои нема да го добијат потребниот квалитет.
 
 
Цената на LG G2 mini изнесува 350 долари со што LG се обидува да ја искористи популарноста на LG G2, но за возврат не нуди речиси ништо добро. Дисплејот има ниска резолуција која не достигнува ниту 720p, потоа хардверот е ограничен со многу послаби компоненти, а единствено 4G LTE верзијата може за нијанса да донесе поголем квалитет, но истата најверојатно ќе биде за 50 долари поскапа. За истите пари може да се купат многу поквалитетни смартфони од средната и високата класа, а за споредба Motorola Moto X кој е блиску до овие перформанси е многу поевтин со цена од околу 250 долари.
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: