Samsung Galaxy Grand 2 - Смартфон за големи предизвици

Објавено на 12.05.2014 во Рецензија



Samsung Galaxy Grand 2 - Смартфон за големи предизвици

Samsung Galaxy Grand 2 слободно може да се дефинира како мини верзија на моќниот Samsung Galaxy Note 3, но само во визуелниот дел, бидејќи е применета истата задна кожна прекривка која е наречена Faux Leather, но всушност е изработена од пластика и е имитација на кожа со што се дава една нова естетика во Galaxy серијата. Samsung Galaxy Grand 2 е замислен како поевтин смартфон од познатиот бренд наменет за поголем број на купувачи кои имаат ограничен буџет и за цена од околу 350 долари добиваат сосема пристојни перформанси.
 
 
Дизајн
 
Како што веќе ја започнавме оваа рецензија најкарактристичен момент кај Samsung Galaxy Grand 2 е задната пластична прекривка која без оглед на изгледот го нема истиот квалитет како кај Samsung Galaxy Note 3, дава чуство на евтиност, но сепак го подобрува држењето и удобноста. Смартфонот и покрај името Grand поседува висока доза на ергономија овозможена од димензиите кои не се премногу гломазни и изнесуваат 8.9 милиметри во дебелина и тежина од 163 грама што е сосема пристојно за оваа класа.
 
 
Предната страна на Galaxy Grand 2 не е никаво изненадување и ваков дизајн сме виделе кај еден куп други смартфони на Samsung со заоблени агли и едно физичко копче под екранот во форма на елипса, а лево и десно од него се сместени двете вградени капацитативни копчиња кои се користат за враќање назад и активирање на опциите.
 
 
Дисплеј
 
Овој голем смартфон навистина ќе ве задоволи со ефикасниот 5.2 инчен LCD дисплеј со 720p HD резолуција од 720 х 1280 пиксели што е сосема доволно за телефон од оваа средна класа, каде најчесто добиваме смартфони со многу пониска QWGA резолуција. Дисплејот на Samsung Galaxy Grand 2 е одличен за читање на текстови, гледање на видеа и играње на 3D игри, со јасно изразени и живописни бои. Мали недостатоци има само при видливоста од поширок агол каде екранот ќе биде малку замаглен, додека осветленоста на дисплејот иако е навистина голема, при користење на отворено се појавува рефлексија од сончевата светлина, што може да создаде мали проблеми. Сепак, дисплејот го оценуваме како еден од најдобро вклопените елементи во Samsung Galaxy Grand 2 и е значително подобрување во средната класа.
 
 
Софтвер и интерфејс
 
Samsung Galaxy Grand 2 доаѓа со нешто постарата верзија на оперативниот систем Android 4.3 Jelly Bean надополнeт со интерфејсот TouchWiz кој ги нема најновите функции како Samsung Galaxy S5 но, се очекува во наредниот период да дојде до надградба на софтверот. Што се однесува до организацијата на менито Samsung Mobile нуди голема слобода на корисникот да одбере кои апликации и кратенки ќе ги стави во преден план, а во однос на функциите во менито за брз пристап покрај стандардните прилагодување за светлината на екранот, интернет и мобилната конекција, се додадени уште неколку нови. Ќе ка најдете и опцијата Multi Window која го користи големиот екран за приказ на две апликации истовремено, заедно со пакетот на S апликации како S Planner, S Voice и S Translator.
 
 
Хардвер и перформанси
 
Перформансите на Samsung Galaxy Grand 2 се одлично прилагодени со евтиниот, но функционален хардвер кој може да се справи со сите предизвици. Samsung Galaxy Grand 2 е опремен со четири-јадрениот Qualcomm Snapdgragon 400 процесор од 1.2 GHz кој е речиси неизбежен во новите смартфони од средната класа и досега одлично се покажа, па така ќе може брзо да сурфате на интернет, да користите мобилни апликации и играњето на новите 3D игри е без поголеми кочења со задржување на графичките перформанси благодарение на Adreno 305 GPU графичкиот чип.
 
 
Хардверот е надополнет со 1.5 GB кои се сосема доволни за извршување на поголем мултитаскинг, меморијата изнесува 8 GB и може да се надополни преку microSD мемориска картичка, додека пак батеријата го одржува системот активен околу десетина часа и има капацитет од 2600 mAh. Galaxy Grand 2 има три различни модели, почнувајќи од G7100 кој работи на една SIM картичак со HSPA мобилна конекција, потоа G7102 моделот кој работи на две SIM картички исто така со HSPA конекција и секако G7105 моделот кој покрај HSPA конекцијата може да се поврзе и на најновата и најбрза 4G LTE мрежа.
 
 
Камера и мултимедиа
 
Samsung Galaxy Grand 2 има 8 мегапикселна главна камера со авто-фокус и едно LED светло за блицот, додека пак предната камера од 2 мегапиксели ќе биде сосема доволна за правење на добри селфи фотки и воспоставување на видео повици.  Што се однесува до главната камера таа доаѓа со стандарднито софтверски пакет на Samsung во кој се вклучени додатоци за сликање како Panorama, Night, Sports, како и уште многу други опции кои може самите да ги прилагодувате како на пример ISO стандардот и балансот на бело за внатрешни и надворешни светлосни услови. Мал проблем се јавува кај фокусот кој бавно се поставува и треба да внимавате кога ќе се појави знакот на екранот со зелено веднаш да притиснете за правење на сликата за таа да не биде дефокусирана.
 
 
Слично е и со снимањето на HD видеата со 1080p резолуција, каде понекогаш се губи постојаниот фокус. Смартфонот има две апликации за слушање на музика, едниот мултимедијален плеер е на Samsung, а вториот е на Google Play Music, а исто така ќе бидете задоволни и од квалитетот на звучникот. За жал видеата од форматите Xvid и Divx не ги подржува видео плеерот, па затоа ќе треба да инсталирате некоја друга апликација како BS Player.
 
 
Заклучок
 
Samsung Galaxy Grand 2 е одличен уред од средната класа кој и порај малите недостатоци нема да ве разочара во ниту еден сегмент. Со овој смартфон ќе ги покриете сите потреби со добар и голем 5.2 инчен дисплеј, просечен хардвер кој си ја завршува работата и солидна 8 мегапикселна камера со која ќе правите слики од вашето опкружување. Единствен момент кој може да биде пречка за купување на Samsung Galaxy Grand 2 е неговата цена од околу 350 долари, бидејќи уреди со слични компоненти и спецификации може да најдете за помалку пари, особено од брендови како Alcatel или LG. Samsung како и секогаш го цени својот бренд, па затоа Galaxy Grand 2 е за околу 100 долари поскап од очекувањата, но ако сте фан на нивните производи  и доколку сакате токму ваков смартфон од средната класа кој има се што е потребно, тогаш цената нема да ви биде голем проблем.
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ
Автор: Aleksandar Stankov




Прочитајте повеќе: