Motorola Moto E - Смартфон за секого

Објавено на 01.06.2014 во Рецензија



Motorola Moto E - Смартфон за секого

Motorola Mobility помина низ многу транзиции во период од само две години, најпрво беше откупена од Google што овозможи финансиска стабилност но, гигантот очигледно не беше премногу заинтересиран за заеднички смартфони, па затоа неодамна ја продаде компанијата на Lenovo кој се уште не објавил како ќе ги искористи нивните капацитети.
 
 
Во овој период Motorola се посвети на купувачите со ограничен буџет лансирајќи два одлични уреди со многу достапна цена и таа политика е продолжена со најновиот Motorola Moto E кој чини само 130 долари и претставува редефиниција на ниската класа. Во овој смартфон се гледа потенцијал за целосно замена на обичните телефони кои се уште се продаваат, нудејќи нови технолошки опции кои ќе ви овозможат да ги користите сите апликации, игри и сервиси.
 
 
Дизајн
 
Смартфоните во најниската класа често доаѓаат со лош квалитет и слаба изработка, но тоа не е случај со Motorola Moto E кој нуди пристојна пластична шасија. Motorola Moto E е прилично удобен и лесен за користење со заоблени агли, но со нешто подебело тело од 12 милиметри и тежина од 142 грама. На предната страна под дисплејот е сместен звучникот, а на врвот слушалката, каде ќе забележите дека нема предна камера која е изоставена за да се заштеди на цената. Десно се сместени копчињата за регулација на звукот и вклучување/заклучување, microUSB влезот е на дното, додека на врвот е сместен 3.5 mm влез за слушалките и аудио додатоци. Motorola Moto E не ги поседува стандардните сертификати за водоотпорност, но затоа пак смартфонот има посебна заштита која му користи во случај на попрскување со вода или друга течност.
 
 
Дисплеј
 
Motorola Moto E се издвојува од ниската класа со нешто поквалитетен 4.3 инчен qHD дисплеј со резолуција од 540 x 960 пиксели што е за нијанса подобро од вообичаениот QWGA стандард. Видливоста на екранот која е примарна грижа на секој корисник е прилично задоволителна, па нема да имате никакви проблеми при сурфање на интернет, гледање на видеа, читање на текстови или играње на мобилни игри. 
 
 
Софтвер и интерфејс
 
Во делот на софтверот Motorola имаше благослов од Google да ја користи основната верзија на Android која е речиси идентична како и кај Nexus уредите со ветување дека навремено ќе добиваат надградби на системот. Како ќе се одвива овој договор во иднина е неизвесно, но Motorola остава впечаток дека знае како да направи одлична оптимизација на софтверот која дава врвни перформанси и со многу послаби компоненти.
 
 
Motorola Moto E работи на најновата верзија на Android 4.4.2 KitKat која речиси и воопшто да не е изменета. Motorola секако, има неколку свои софтверски додатоци како Motorola Migrate за пренос на сите податоци од претходен смартфон што сте го користеле и Motorola Alert за покажување на вашата локација во одредени случаи.
 
 
Хардвер и перформанси
 
Motorola Moto E има многу скромен хардвер составен од две-јадрен Qualcomm Snapdgragon 200 процесор со ARM Cortex-A7 архитектура и работен такт од 1.2 GHz, Adreno 305 графичка, 1GB RAM, 4 GB мемориски капацитет кој ќе биде неопходно да го надополните преку microSD картичка и батерија од 1980 mAh кој со вакви компоненти ќе може да обезбеди непречена работа од повеќе часа со едно полнење.
 
 
Сепак, и со овие спецификации Motorola Moto E се покажа како прилично потентен смартфон со навремено отварање на интернет страни, лесна транцизија низ менито, кратко време за вклучување и во еден директен тест со моќниот Samsung Galaxy S5 во истите категории покажа за нијанса дури и подобри перформанси. Тоа се должи на едноставниот интерфејс кој не e оптоварен со премногу инсталирани додатоци и сервиси. 

Камера
 
Како што веќе откривме смартфонот нема предна камера, што можеби ќе ги разочара зависниците од селфи фотки, но затоа пак има 5 мегапикселна камера која ќе ги покрие сите ваши потреби за фотографирање. Камерата може да слика во HDR и Panorama режимите, како и да правите слики додека снимате видеа. Тие се со максимален квалитет од 854 x 480 пиксели со стабилни 30 fps. Сликите и видеата секако, не се нешто премногу квалитетни но, довoлно за да ги споделите на Facebook.
 
 
Заклучок
 
Кога ќе ги сумираме сите впечатоци за Motorola Moto E може да оцениме дека се работи за навистина корисен и квалитетен смартфон во ниската класа кој по цена од само 130 долари може да биде одличен избор. Во сите категории Motorola Moto E има пристојни перформанси и воопшто не остава впечаток дека е играчка од телефон како кај другите производители кои за слични пари па дури и повисоки суми продаваат добро спакувано ѓубре. Motorola Moto E има пристоен дисплеј со добра видливост, високо оптимизиран софтвер кој добива навремени и брзи надградби, како и хардвер кој може да се справи со потешки задачи. Motorola Moto E е смартфон кој дефинитивно би сакале да го видиме низ продавниците во Македонија и може да биде одличен избор за евтината при-пејд понуда.
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: