Nokia Lumia 630 - Влезете во шарениот Windows свет

Објавено на 22.06.2014 во Рецензија



Nokia Lumia 630 - Влезете во шарениот Windows свет

Nokia Lumia 630 е нов смартфон од Windows Phone 8.1 сферата кој припаѓа на средната класа со многу достапна цена, шаренолик изглед кој е наменет за помладата генерација на тинејџери, има добра оптимизација на софтверот и хардверот и една од најновите карактеристики е што има можност за работа со две СИМ картички. Nokia Lumia 630 треба да го повтори успехот на претходните модели од финскиот производител чиј мобилен сектор премина во Microsoft и сега со заеднички сили ќе се обидат да обезбедат поголемо пазарно присутво и да се издвојат од огромната евтина и помалку безлична понуда на Android телефони.
 
 
Дизајн
 
Тие што досега користеле Nokia Lumia смартфон или воопшто се фанови на финскиот производител се веќе добро запознаени со естетиката на дизајнот која ниту кај Nokia Lumia 630 не е променета премногу. Смартфонот има средни димензии, не е премногу гломазен ниту пак тенок со 129.5 x 66.7 x 9.2 mm и пристојна тежина од 134 грама. Nokia Lumia 630 е изработен од евтини материјали како пластика, но е добро склопен. Има голем избор на бои за маската и тоа бела, црна, зелена, портокалова и жолта, додека пак рамката околу екранот на врвот и на дното е премногу голема, што не соодвестува на 4.5 инчниот дисплеј.
 
 
Промена има во распоредот на физичките и функционалните копчиња кои сега повеќе не се наоѓаат под екранот, туку се вградени во новиот интерфејс на Windows Phone 8.1. Изоставено е и копчето за активација на камерата и странично сместени се само копчето за вклучување/заклучување и леверот за регулација на звукот.
 
 
Дисплеј
 
Nokia Lumia 630 има 4.5 инчен IPS LCD дисплеј со ниска FWVGA резолуција од 480 x 854 пиксели што е мало разочарување бидејќи во оваа класа овој стандард полека се надминува и стигнува барем до HD резолуција од 720p. Квалитетот на сликата не е фантастичен но, има добар израз на боите, особено на црните нијанси и силен контраст, додека пак видливоста од поширок агол е задржана на високо нивно и нема избледување на сликата. На отворено под директна изложеност на сонце неа поголема проблеми со видливоста бидејќи смартфонот поради употребата на ClearBack технологијата за намалување на рефлексија, но Nokia Lumia 630 нема опција за автоматско прилагодување на осветленоста која ќе мора да ја прилагодувате од контролниот центар.
 
 
Софтвер
 
Nokia Lumia 630 е еден од првите смартфони кои работат на најновата верзија на оперативниот систем Windows Phone 8.1 што е голема предност бидејќи софтверот е надграден со многу квалитетни додатоци. Еден од нив е Action Center кој служи за достава на сите известувања, како пропуштени пораки и позиви, e-mail пораки, нови информации од социјалните мрежи и останатите апликации кои ги користите. Во Action Center се поставени и неколку икони за брза активација и прилагодување на опции како Wi-Fi и мобилна конекција, осветленост на екранот и други за да не губите време и да влегувате во менито setings секогаш кога сакате нешто да промените. 
 
 
За прв пат е воведена и позадина на почетното мени Start Background која може да ја одберете по ваш избор но, со присуството на live ties иконите кои не се сите транспарентни ќе добиете еден мозаик изглед на позадината. Во софтверскиот пакет се вклучени и апликациите Nokia Cyan наменети за камерата, обработка на слики и видеа, добиавање на вести и информации, планирање на патување, Weather App за временска прогноза и уште многу други.
 
 
Хардвер и перформанси
 
Nokia Lumia 630 работи на четири-јадрен Qualcomm Snapdgragon 400 процесор од 1.2 GHz кој е речиси стандарден за средната класа и е надополнет со Adreno 3050 графичка карта, 512 MB RAM и 8 GB меморија со можност за надополнување преку microSD мемориска картичка до 124 GB. Со овие компоненти ќе може без проблем да ги завршите основните операции, да активирате и користите различни комуникациски или организациски апликации, како и да играте понови игри но, со помала хардверска побарувачка поради ограничените можности за мултитаскинг. 
 
 
Nokia Lumia 630 ја користи најновата верзија на интернет прелистувачот Internet Explorer 11 кој ги има сите модерни функции, a за поврзување достапни се HSPA+ мобилна мрежа со капацитет од 21Mbps интернет сообраќај, потоа Wi-Fi b/g/n, Bluetooth 4.0, GPS, а недостигаат 4G и NFC. Батеријата со капацитет од 1850 mAh можеби не дава преголема доверба, но може да издржи целодневна употреба со различни активности.
 
 
Камера
 
Nokia Lumia 630 e многу сиромашен телефон кога се во прашање камерите бидејќи му недостига предна камера за селфи и видео повици, додека главната камера има просечни 5 мегапиксели, нема блиц и е со многу мал сензор за процесуирање на сликите. Со камерата на Nokia Lumia 630 се прават колку толку добри слики при голема осветленост, деталноста на нив е добра но, затоа пак боите се многу бледи и за следното сликање во просек се потребни долги 6 секунди. Интерфејсот на камерата е за пофалба со многу квалитетни и корисни опции за прилагодување на сцената како баланс на бело за светленосните услови, рачно местење на фокусот, ISO квалитет и други. 
 
 
Заклучок
 
Nokia Lumia 630 е сигурно еден од најинтересните смартфони од евтината средна класа на Windows Phone 8.1 и секој што сака да се префрли на оваа платформа или пак има доверба во финскиот бренд може да го направи тоа за релативно ниска цена од 200 до 300 долари. Nokia Lumia 630 обезбедува најнова софтверска понуда со сите квалитетни додатоци во Windows Phone 8.1, потоа има дисплеј со пристојна видливост и хардвер кој е доволно опремен за завршување на различни операции навремено. Мали недостатоци се наоѓаат во камерата која нема да ве воодушеви и пластичниот дизајн кој повеќе дава впечаток дека се работи за телефон играчка, па затоа и очекуваме Nokia Lumia 630 најдобро да пројде кај помладата популација.
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: