Sony Xperia T3 - Тенок, точен, таман

Објавено на 15.08.2014 во Рецензија



Sony Xperia T3 - Тенок, точен, таман

Sony Xperia T3 е еден од многуте смартфони на јапонскиот бренд во средната класа кој ќе ве воодушеви со убав дизајн и многу тенко тело од само 7 милиметри со неколку квалитетни додатоци кои го доближуваат до премиум моделите. Sony Xperia T3 секако, има неколку компромиси во компонентите за да се добие пониска цена од високата класа и е спој на елеганција, солидни перформанси и огромен 5.3 инчен дисплеј со квалитетна слика.
 
 
 
Ексклузивно од промоцијата на Sony Xperia T3 во Белград
 
 
 
 
 
Дизајн
 
Дизајнот на Sony Xperia T3 е многу симпатичен и привлечен за око на прв поглед со убава изработка во висок стил, но му недостасува IP сертфикатот како кај останатите премиум смартфони кои се отпорни на оштетувања од навлегување на вода и прашина. Sony Xperia T3 има пластично тело кое е сосема удобно за држење во рака поради меката позадина, а исто така е зацврстено со метална рамка. Најголем недостаток на овој голем убавец се граничните линии над и под екранот кои се чини дека се превисоки и непотребни со што се допринесува за неговата гломазност иако телото е навистина тенко.
 
 
Дисплеј
 
Sony Xperia T3 може да се пофали со квалитетен 5.3 инчен IPS дисплеј кој работи на Triluminos технологијата која се користи и во плазма телевизорите на Sony за супер кристална слика, каде гледањето филмови и видеа ќе биде вистинско задоволство. Дисплејот има HD резолуција од 1280 x 720 пиксели, засилена со BRAVIA Engine 2 смарт алатката која ја анализира секоја содржина за да ја прикаже најидеалната комбинација на светлина, контраст, колорит, острина и прецизност. 
 
 
Слично како и останатите Xperia смартфони T3 нуди квалитетна репродукција на сите видови и степени на бои чиј израз некогаш е премногу топол и пренагласен но, тоа воопшто не пречи, напротив допринесува за побогато визуелно искуство. Видливоста од различни агли не е совршена бидејќи доаѓа до избледување на боите и сликата, но истото е во прифатливи рамки. Sony Xperia T3 ќе може комотно да го користите на отворено бидејќи рефлексијата на сончева светлина е сведена на минимум.
 
 
Хардвер и перформанси
 
Хардверските компоненти на Sony Xperia T3 го откриваат неговото вистинско лице, а тоа е дека е сепак, смартфон од пониска категорија со ограничени можности. На Sony Xperia T3 дефинитивно му недостасува поголема моќ бидејќи работи со само 1 GB RAM што не е лошо но, може да ве ограничи доколку сакате непречен мултитаскинг и постојана работа со апликации, игри и интернет сервиси. Qualcomm Snapdgragon 400 процесорот нуди стандардна моќ во оваа класа со четири-јадра и френкфенција на работа од 1.4 GHz. 
 
 
Меморијата од само 8 GB нема да ви биде доволна за сите слики, видеа и мултимедијални содржини, па затоа ќе треба да инвестирате во microSD мемориска картичка. Батеријата која има капацитет од 2500 mAh е солидна за секојдневна употреба, но со оглед на огромниот екран може да се очекува почесто да се дружите со полначот за постојано да имате енергија. Смартфон работи на сите речиси сите видови на мобилни и интернет конекции како W-Fi, USB 2.0. Bluetooth 4.0, NFC, Miracast и DLNA за поврзување со мултимедиајлни уреди и има компатибилност со 4G/LTE мрежа.
 
 
Камера
 
Sony Xperia T3 има 8 мегапикселна камера со Exmor RS мобилен сензор за обработка и процесуирање на слики. Можеби 8 мегапиксели ќе звучат скромно но, тие се сосема доволни за креирање на квалитетни слики и видеа каде може да го користите и додатокот HDR (High Dynamic Range) за поголема стабилност, острина и деталност. Интерфејсот на камерата на Sony Xperia T3 има богати опции со кои може да сликатe и снимате во најразлични услови на осветлување и да додавате различни ефекти. Еден од наједноставните сетапи е автоматското поставување на сцената со Superior Auto каде самиот смартфон одредува во која мера ќе го користи блицот и останатите елементи на камерата.
 
 
Заклучок
 
Sony Xperia T3 во одредени држави планирано е да се продава по цена од околу 450 долари но, во пакетот е предвидено да бидат вклучени смарт алката Sony SWR10 како и дополнителна заштитна прекривка кои одделно чинат околу 200 долари. На останатите пазари најверојатно купувачите ќе имаат можност да го купат само телефонот, па затоа се надеваме дека цената нема да надмине 300 долари со што ќе биде сосема прифатлив за оние со ограничен буџет. Најсилни адути на Sony Xperia T3 се прекрасниот дизајн кој иако не е водоотпорен привлекува со својата естетика, потоа има одличен дисплеј со напредна технологија и пристојна камера од 8 мегапиксели. Купувачите сепак, треба да ги земат во предвид и помалите можности на хардверот и батеријата кога ќе прават споредби со слични смартфони како Nexus 4, HTC One 610, Samsung Galaxy Grand Neo и LG G Pro 2.

Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: