Xiaomi MiPad - Таблет за народот

Објавено на 24.09.2014 во Рецензија



Xiaomi MiPad - Таблет за народот

Xiaomi е еден од најпрестижните кинески брендови кој во изминатите две години го доби епитетот азискиот Apple без оглед што двете компании имаат сосема различни стратегии, но на кинезите не им пречи оваа споредба и им помогна да се издвојат од останатите производители како Oppo, Gionee, Meizu и уште многу други. Xiaomi всушност започна со сопствен Android интерфејс наречен MiUI кој беше инсталиран од милиони корисници, па затоа следниот логичен чекор беше пласман на сопствен хардвер. Во нивната понуда се најде и првиот таблет Xiaomi MiPad кој слободно може да го сместиме во премиум класата но, со многу пониска цена од конкурентите. Станува збор за моќен уред со голема ефикасност, модерни компоненти и квалитетни додатоци, а во тоа можевме да се увериме во еднонеделното тестирање благодарение на HiComunications кои ни го отстапија Xiaomi MiPad.

Дизајн

На прв поглед Xiaomi MiPad наликува на iPad mini 2 бидејќи има 7.9 инчен екран и речиси идентична големина и димензии, со многу тенко и лесно тело. Неговите димензии изнесуваат 202 x 135.4 x 8.5 mm и тежи 360 g. Таблетот е изработен од пластика но, е прилично цврст и не дава израз на евтиност, добро лежи во раката и може лесно да го управувате. Под екранот се сместени три вградени копчиња кои се наменети за навигација низ интерфејсот и се означени како recent, home и back и овој дел од таблетот е нешто поголем и додава на неговата височина. 

 

Лините околу екранот се заоблени и задната маска е целосно вградена околу предниот панел што значи дека нема дополнителни елементи, ниту пак метална рамка која може да даде дополнителна цврстина но, најверојатно производителот сметал дека ќе биде непотребна и ќе пречи. Задната страна која е изработена од цврста пластика доаѓа во различни бои како бела, сина, зелена, жолта, розева и сива и тука се вградени два стерео звучницикои произведуваат чист и квалитетен звук, како и задна камера од 8 мегапикселикоја ретко се наоѓа кај било кој таблет. Љубителите на селфи фотки пак ќе може да ги прават своите омилени пози со изненадувачки квалитетна 5 мегапикселна камера со различни ефекти за прилагодување на сцената.

 

На врвот се наоѓа аудио влез од 3.5 mm, додека на дното е влезот за microUSB. Физичките копчиња се сместени на задната страна и се многу едноставни, тука се наоѓа копчето за вклучување/заклучување и леверот за звук и имаат многу рамна површина па некогаш ќе биде тешко да ги разгледувате доколку не гледате во таа насока. На левата страна се наоѓа влез за microSD мемориската картичка кој се отклучува.

Дисплеј 

Xiaomi MiPad располага со 7.9 инчен 2K HD дисплеј со резолуција од 1536 x 2048 пиксели и висока густина на сликата од 324 ppi со што е еден од најквалитетните во премиум класата и тоа може да го потврдиме бидејќи екранот има одлична видливост, силно изразени бои, прилагоден контраст и висок степен на осветленост со што ќе може да го користите во секоја ситуација. Гледањето на видеа, играњето на 3D игри и користењето на интернет сервиси и апликации е на врвно ниво бидејќи графиката ги задоволува сите стандарди.

 

Софтвер

Xiaomi MiPad работи на сопствена верзија на Android 4.4.4 KitKat која како што споменавме е наречена MiUI и е веќе на својата најнова верзија 6 и во овој случај е прилагодена за работа со таблет и има неколку функции кои се наменети за искористување на големата површина на дисплејот. Во MiUI нема листа на апликации туку се е сместено на панелите од почетното мени. Во централниот дел се наоѓаат инсталираните апликации, под нив се наоѓаат четири икони за пристап до сервисите кои најчесто ги користите, а на следните панели се додадени поголеми функционални картички и виџети како на пример калкулаторот кој нема потреба посебно да го отварате и може директно да правите пресметки на самиот панел со што во исто време имате увид и во останатите картички за правење белешки, музички плеер и часовник.

Менито Settings на левата страна ги прикажува сите можни прилагодувања во системот на таблетот, за дисплејот, конекциите, софтверот, управување со апликации, безбедноста, известувањата, синхронизација на податоцикако и уште многу други. Овде интерфејсот малкуналикува на iOs 7 и организацијата и распоредот на опциите е многу сличен, но со неколку сопствени додатоци за максимизирање на ефикасноста. Тука би ја вброиле опцијата за работа на батеријата во три режими на искористеност, синхронизацијата на различни кориснички сметки, избор на различни функции на вградените копчиња во интерфејсот како и можност за поставување на автоматско работење на одредена апликација или сервис според вашите навики и потреби.

Контролниот центар се активира со лизгање по екранот од врвот надолу и е поделен во два дела. Во едниот се прикажани сите икони за прилагодување на стандардните опции за осветленоста, конекциите, а сместени се и неколку дополнителни корисни алатки како копче за скриншот, reboot, исклучување на таблетот и брзо копче за синхронизација која ја споменавме претходно.

Во вториот дел се прикажани сите пристигнати известувања од социјалните мрежи и апликациите кои ги користите.Софтверот на Xiaomi MiPadпостојано се подобрува е еднаш неделно се лансираат нови надградби кои носат подобрувања на сите елементи и секако поголема ефикасност и подобра работа на батеријата.

 

Xiaomi има богата листа на апликации кои може да ги користите преку креирање на бесплата Xiaomi корисничка сметка, како на пример Micloud за складирање на фајлови, податоци и документи, MiTalk апликација за бесплатно допишување и испраќање на гласовни пораки која е достапна за iOs и Android, како и пристап до бесплатни видеа и песни кои повеќето се од Азија, но може да се најдат и содржини од САД и Европа. Основните апликации на Xiaomi MiPad како календар, e-mail, Broswer, Notes, Calendar, Explorer, Contacts и Gallery се одлични за користење, едноставни се за снаоѓање и имаат многу функции.

Хардвер

Xiaomi MiPad го користи популарниот четири+едно јадрен процесор Nvidia Tegra K1 од 2.2GHz кој работи на графичката Kepler технологија комбинирана со четири-јадрен CPU Cortex A15 и едно CPU Cortex A15 јадро кое работи во позадина и по потреба, односно овозможува поефикасна распределба на енергијата. Tegra K1 најмногу се фокусира на графичкиот перформанс со можност за гледање на 4К HD видеа, играње на многу напредни мобилни игри и супериорни резултати споредено и со можностите на PlayStation 3 или XBox 360.

Хардверот на Xiaomi MiPad е надополнет и со 2 GB RAM, додека меморискиот капацитет има верзии со 16 и 64 GB кои може да се надополнат со microSD картичка до 128 GB. Ние ја тестиравме верзијата со 16 GB од кои на корисникот му се достапни нешто повеќе од 12 GB меморија. Таблетот нема можност за поврзување со мобилна мрежа, а исто така недостасува и GPS локатор.

Од конекциите се достапни WiFi Ac dual band, Bluetooth 4.0, Bluetooth HID и USB OTG.Нашето време поминато со таблетот покажа дека може без никаков проблем да одговори на сите предизвици, од играње на новите 3D игри, па се до гледање на видеа во висока резолуција и работа со апликации.

Заклучок

Нема никаков сомнеж дека Xiaomi MiPad е еден од најинтересните таблети во високата класа со сите неопходни компоненти кои му даваат неограничени можности на корисникоти тешко да најдете сличен конкурент со истиот сооднос на моќ и ниска цена. Xiaomi MiPad има неколку мали недостатоци кои го одалечуваат од совршена десеткакако на пример недостиг на листа на апликации (тоа може да го додадете со инсталирање на друг launcher), но нивното управување може да го реализирате преку главното мени Settings. Системот е рутиран што значи дека сите Android ентузијасти ќе имаат слободни раце во прилагодување на софтверските параметри. Xiaomi MiPad е достапен на македонскиот пазар по цена од 16.990 денари и може да го купите од официјалниот застапник HiComunications на нивната веб страна www.hi.mk.

Автор

Христијан Станоевиќ





Прочитајте повеќе: