Samsung Galaxy Tab S 8.4 - Перфектен таблет

Објавено на 03.10.2014 во Рецензија



Samsung Galaxy Tab S 8.4 - Перфектен таблет

Samsung подолго време се обидува да го симне iPad од престолот во таблет конкуренцијата и досега лансираше неколку квалитетни уреди како серијата Samsung Galaxy Note, но конечно со Samsung Galaxy Tab S 8.4 може да се пофали дека има врвен производ на кој може сите да се потпрат при извршување на обврските, а не само таблетот да им служи за забава и мултимедијални содржини. Samsung Galaxy Tab S 8.4 е совршен таблет кој има беспрекорен дизајн, врвно визуелно искуство со дисплејот со 2K HD резолуција, моќен хардвер кој може да одговори на сите предизвици и напреден софтвер со неограниен број на можности за работа, организација и ефикасност.

Дизајн

На прв поглед таблетот потсетува на огромна и зголемена верзија на Samsung Galaxy S5 и тоа е поради употребата на речиси идентична шема во дизајнот, со тенки и прави линии, но со голема суптилност која му дава автентичност и сопствен израз. Предната страна кога се држи во вертикална положба дава впечаток дека пред вас има смартфон и затоа предната камера, копчето под екранот и сензорите имаат „телефонски“ распоред. Таблетот ја има истата перфорирана задна маска како кај Samsung Galaxy S5 која му дава удобност и стабилност на корисникот при држење и не се лизга од раката.

Galaxy Tab S 8.4 4G & Wi-Fi (Dazzling White)

Samsung Galaxy Tab S 8.4 е супер тенок и лесен таблет, има одлично скрoено тело кое лесно ќе го управувате, доволно мобилен за да го носите секаде со себе и да го користите во различни ситуации. Димензиите на Samsung Galaxy Tab S 8.4 изнесуваат 212.8 x 125.6 x 6.6 mm и ќе забележите дека единствено Sony Xperia Z3 Tablet Compact е потенок со 6.4 милиметри. Една од малите забелешки за конструкцијата е употребата на пластика, за разлика од iPad mini 2 кој има поиздржливи компоненти како алуминиум, но тоа не е голем хендикеп бидејќи Samsung Galaxy Tab S 8.4 е доволно цврст.

Дисплеј

Samsung Galaxy Tab S 8.4 е уникатен таблет кога е во прашање екранот бидејќи е еден од ретките со Super AMOLED дисплеј на пазарот, овој пат со значително подобра слика од претходните модели. Дисплејот од 8.4 инчи има 2K HD резолуција од 2560 х 1600 пиксели и густина на сликата од импресивни 359 пиксели на еден инч. Секако, главен адут е токму Super AMOLED технологијата која се чини дека Samsung постојано ја усовршува и добива многу подобри резултати од конкурентите со IPS LCD дисплеи во сите категории како осветлување, израз на бои, контраст, позадина и видливост од различни агли. Како надополнување Samsung обезбедува и три режими на работа на дисплејот AMOLED Basic, AMOLED Photo и AMOLED Cinema кои нудат различен тоналитет на сликата и самиот корисник може да одбере кој сетап на репродукција на бои најмногу му одговара.

Софтвер и интерфејс

За разлика од претходните серии на таблети овој пат Samsung се одлучи да го редуцира софтверот со најкорисните додатоци за забава и организација и го поедностави корисничкиот интерфејс TouchWiz кој претходно беше многу критикуван за бројните непотребни алатки кои ретко се користат. Софтверот на Samsung Galaxy Tab S 8.4 е ефикасен и се базира на оперативниот систем Android 4.4 KitKat кој му дава дополнителна прегледност, транспарентност и едноставност. Најдобри новитети во TouchWiz се SideSync 3.0 и PaperGarden. SideSync 3.0 е напредна апликација за поврзување со смартфон од серијата Samsung Galaxy S, со што може да ги пренесете телефонските повици на таблетот, да добивате известувања за нови SMS или e-mail пораки кои може да ги прегледате. Исто така може речиси целосно да ја пренесете работата на смартфонот на дисплејот на Samsung Galaxy Tab S 8.4. PaperGarden е нова апликација за приказ на информации, вести и забавни содржини во магазински стил.

Хардвер

Samsung Galaxy Tab S 8.4 е убедливо меѓу најмоќните таблети во премиум класата кој располага со импресивни хардверски компоненти составени од осум-јадрениот Exynos 5 Octa (1.9Ghz Quadcore + 1.3 Ghz Quadcore) процесор со Mali-T628MP6 GPU, 3 GB RAM, 16 или 32 GB вградена меморија со можност за надополнување до 128 GB преку microSD мемориска картичка. Таблетот ги исполнува сите најнови стандарди за конекција преку Wi-Fi, Bluetooth, GPS, MHL како и посебна верзија на таблетот со 3G и 4G LTE мобилна конекција. Батеријата на Samsung Galaxy Tab S 8.4 има капацитет од 4900 mAh која може да ја користите 10 часа при сурфање на интернет, да поминете 12 часа во гледање на видеа и 80 часа во слушање на музика,а може да ја примените и опцијата Ultra Power Saving Mode која нуди режим на работа само со основни апликации во ситуации кога енергијата е при крај. Како ретко кој таблет Samsung Galaxy Tab S 8.4 има 8 мегапикселна камера со висок квалитет на сликите и видеата со автофокус и LED блиц.

Заклучок

Samsung Galaxy Tab S 8.4 е дефинитивно таблетот кој заслужува големо внимание од јавноста бидејќи ги постигнува максималните ефекти во оваа категорија на производи. Продажбата на таблети е во стагнација бидејќи има заситеност од големата понуда која повеќе не е ексклузивна за Apple, па останатите конкуренти како Samsung и Sony се истакнаа со високиот квалитет. Samsung Galaxy Tab S 8.4 ќе ви послужи како одличен преносен компјутер, а добредојдена е и синхронизацијата со смартфон.

Перформансите на Samsung Galaxy Tab S 8.4 се на врвно ниво, софтверот конечно е оптимизиран до совршенство, а апликациите од Samsung и Play Store прилагодени за работа со таблет ќе ги задоволат сите ваши потреби. Цената на Samsung Galaxy Tab S 8.4 ќе биде пресудна во успешната продажба и таа е поставена на околу 400 долари што е за нијанса поевтино од iPad mini 2 и за тие пари добивате екстра уред.

Автор

Христијан Станоевиќ





Прочитајте повеќе: