Sony Xperia Z3 Compact - Силен меѓу џиновите

Објавено на 06.10.2014 во Рецензија



Sony Xperia Z3 Compact - Силен меѓу џиновите

Sony Mobile одлучи на секои шест месеци да не почасти со нова серија на премиум смартфони кои стануваат се подобри, потенки, поефикасни и помоќни. Меѓу нив секогаш има загарантирано место за мини смартфон кој во никој случај не е мал, напротив изненадува со квалитетот. Sony Xperia Z3 Compact е новото продолжение на мини серијата кој е уште повеќе импресивен од претходните модели бидејќи е потенок и има помали димензии, но ги задржува сите напредни компоненти. Sony Xperia Z3 Compact за кратко време освои многу симпатии и на речиси сите тестови покажува врвни резултати, ние имавме можност да го тестираме во изминатиот период и целосно ги потвруваме овие тврдења, па да видиме што го прави овој мини смартфон специфичен и посакуван.
 
 
Дизајн
 
Во премиум класата речиси сите производители побрзаа да создадат што е можно поголеми смартфони, вклучувајќи го и Apple со новите iPhone 6 и iPhone 6 Plus. Но, Sony смета дека се уште има потреба од помали и моќни смартфони, па затоа Sony Xperia Z3 Compact е вистинско освежување. Овој модел има поголем екран од Sony Xperia Z1 Compact од 4.3 на 4.6 инчи, но ќе се изненадите кога ќе видите дека има речиси исти димензии, порадни намалување на рамката околу дисплејот која сега е минимална. Димензиите на Sony Xperia Z3 Compact изнесуваат 127.3 x 64.9 x 8.6 mm со што е потенок и полесен со 129 g. 
 
 
Xperia Z3 Compact има одлична градба на телото со примена на стаклени и пластични елементи, совршено лежи во раката и може удобно да се смести во џебот каде нема воопшто да го осетите. Маската доаѓа со различен избор на бои како портокалова и зелена кои се новитет, покрај стандардните бела и црна. Употребен е нов материјал околу рабовите опишан како „закривена течна рамка со рефлексија“ што му дава на смартфонот сјајен изглед кој веднаш се забележува. Xperia Z3 Compact дополнително е засилен со четири карбонски плочки на рабовите кои треба да спречат оштетувања доколку смартфонот ви падне. Да потсетиме Xperia Z3 Compact исто така е отпорен на оштетување од прашина и може да издржи под вода 30 минути на длабочина од еден метар со IP68 сертификат. 
 
 
Распределбата на влезовите и физичките копчиња е одлично решена, на десната страна се наоѓа копчето за вклучување/заклучување, леверот за регулација на звук, како и шутер за камерата. На левата страна се наоѓа влезот за nanoSIM картичка, мемориска microSD и microUSB кои се заштитени со прекривка. Смартфонот има и магнетен конектор за полнач кој се набавува посебно. На врвот е сместен аудио влезот од 3.5 милиметри, додека пак на предната страна се сместени стерео звучниците.
 
 
Дисплеј
 
Дека Xperia Z3 Compact е смартфон без компромиси потврдува уште еднаш со најквалитетниот дисплеј во оваа класа. Xperia Z3 Compact има 4.6 инчен IPS LCD дисплеј со HD резолуција од 720 х 1280 пиксели и висока густина на сликата од 320 пиксели на еден инч, засилен со TRILUMINOS технологија за распределба на бои, дополнителна острина и квалитетен контраст, а мора да се напомене и дека не троши премногу енергија што е одлично за издржливоста на батеријата. Sony е шампион кога е во прашaње ефикасноста на дисплеите и со Xperia Z3 Compact нема да имате никакви проблеми и пречки со видливоста од закривени агли, ниту пак под директна изложеност на сончева светлина бидејќи рефлексијата е минимална.
 
 
Софтвер и апликации
 
Смартфонот доаѓа со последната верзија на оперативниот систем Android 4.4 KitKat од кој се задржани сите позначајни функции и истиот е збогатен со корисничкиот интерфејс Xperia UI. Станува збор за одлична комбинација каде корисникот може лесно да го прилагоди почетното мени со повеќе панели на кои може да сместите многу икони и кратенки за апликациите, како и виџети со приказ на часот и датумот, временската прогноза, потоа картички за мултимедија за слушање на музика, гледање видеа и имате голем избор на позадини и различни теми за персонализација на изгледот.
 
 
Од новите апликации ја издвојуваме Stamina Mode за заштеда на батеријата кога е на низок процент со работа на неопходните сервиси. Нов додаток е и можноста за снимање на видео од работата на смартфонот без оглед во кое мени се наоѓате. Со Remote Play може да се поврзете со PlayStation 4 и контролот DualShock 4 и да ги пренесете игрите на дисплејот на Xperia Z3 Compact.
 
 
Хардвер и перформанси
 
Sony Xperia Z3 Compact не застанува ниту кога е во прашање хардверот кој е подеднакво моќен како и кај целосната верзија. Xperia Z3 Compact работи на четири-јадрен Qualcomm Snapdragon 801 процесор од 2.5 GHz, Adreno 330 графичка, 2 GB LPDDR3 RAM, 16 GB меморија која може да се надополни преку microSD мемориска картичка до 128 GB. Смартфонот се поврзува на најновата 4G LTE мобилна мрежа, како и со стандардните Wi-Fi, Bluetooth 4.0, GPS, NFC и FM радио.
 
 
Камера
 
Како и кај останатите премиум смартфони на Sony така и со „компактот“ добивате 20.7 мегапикселна камера која е една од најдобрите во конкуренцијата. Камерата има широка Sony G леќа од 25 милиметри со што ќе може да опфатите поголема површина, рекордно голем сензор од 1/2.3 инчи, има супер брза реакција на сликање од f/2.0, LED блиц, HDR, panorama и уште многу други додатоци како на пример AR ефекти. Камерата има и богат интерфејс каде може да прилагодувате различни елементи од сцената, но доколку сметате дека ви одземаат премногу време ви препорачуваме да ја користите стандардната опција Superior Auto која автоматски ќе ги прилагоди сите потребни параметри.
 
 
Заклучок
 
Sony Xperia Z3 Compact е екстра телефон кој се издвојува од денешните трендови на преголеми телефони со „набиени мускули“, бидејќи во секоја категорија има искористено доволно добри компоненти кои не ја преоптоваруваат батеријата, а корисникот ќе биде сосема задоволен. Употребата на HD дисплеј од 720p е сосема оправдана, како и помалата батерија од 2600 mAh која не треба да ве залаже бидејќи издржува повеќе од 10 часа, што е подобро и од шампионот Sony Xperia Z3 кој има поголема батерија од 3100 mAh но, е на второто место со околу 9 часа и 30 минути активна работа. 
 
 
Sony Xperia Z3 Compact е одлично дизајниран телефон, има супер камера, ефикасен софтвер и завидни перформанси, па затоа единствено цената од околу 500 евра може да биде поголема пречка да се најде во рацете на голем број на корисници.

Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: