iPhone 6 Plus - Во клинч со големите момци

Објавено на 26.10.2014 во Рецензија



iPhone 6 Plus - Во клинч со големите момци

Apple под водство на Тим Кук конечно влезе во нова ера која ги надмина основните постулати на Стив Џобс и одлучи дека е време да нападне најсилно што може во борбата со конкурентите од Android со поголеми смартфони од 4.7 инчи, како и со досега најголемиот смартфон iPhone 6 Plus од 5.5 инчи. Сосема е јасно дека Apple сака да навлезе во фаблет сегментот, категорија која ја воспостави Samsung со ултра ефикасниот Galaxy Note 4. Со iPhone 6 Plus ќе бидат задоволени и потребите на многу iOs корисници кои сакаат голем телефон за да може да уживаат во мултимедијални содржини на одличен екран, како и да добијат повеќе алатки за организација и мултитаскинг. iPhone 6 Plus имаше потежок старт во САД и Европа, но затоа пак во Азија за само десетина дена достигна бројка од неверојатни 5 милиони примероци, што е одличен успех. Затоа се поставува прашањето дали навистина фаблетот на Apple вреди да се поседува и кои се неговите предности.
 
 
Дизајн
 
Apple повторно докажа дека е една од најпосветените компании кога е прашање естетиката и функционалноста на дизајнот со iPhone 6 и iPhone 6 Plus, кои се ултра тенки, изработени од алуминиум со прецизни линии, заоблени рабови за поголема удобност и прекрасен изглед. iPhone 6 Plus е вистинско чудовиште со димензии од 158.1 x 77.8 x 7.1 mm и тежина од 172 g. Промена има и во распоредот на функционалните копчиња, па така копчето за вклучување/заклучување е сместено на десната страна во средина со што е многу подостапно за притискање, додека пак леверот за регулација на звук и mute копчето кои се на левата страна се малку издолжени за полесно пронаоѓање и оперирање. Под екранот се наоѓа стандардното home копче во кое е вграден Touch ID скенерот за отпечатоци, на дното е сместен звучникот со влезот за lighting конекторот за полначот, а на врвот 3.5 милиметарски аудио влез. Во кутијата со iPhone 6 Plus се вклучени и слушалки што е убав подарок од Apple. 
 
Apple гази се пред себе - Продадени над 39 милиони iPhone 6 смартфони
 
Дисплеј
 
Целата идеологија на Apple од минатото дека смартфонот треба идеално да лежи во дланката е целосно напуштена, бидејќи големиот iPhone 6 Plus тешко ќе го управувате само со една рака и ќе треба време додека не ги научите сите функции за побрза активација. Затоа за големиот 5.5 инчен дисплеј Apple понуди скратено мени кое се појавува во долниот дел од екранот и сите икони и кратенки полесно ќе ги притиснете. Дисплејот на iPhone 6 Plus руши уште еден мит за Apple, а тоа е позната флоскула со Retina резолуцијата која овде е надмината со Full HD стандардот од 1080 х 1920 пиксели, со што се добива речиси совршена густина на сликата од 401 ppi, со силно изразени и прецизни бои, одличен приказ на контрастот, максимална осветленост од 574 нити која е доволна за справување со силна сончева светлина и рефлексија, како и солидна видливост од остри агли.
 
 
Софтвер 
 
iPhone 6 Plus работи на новиот оперативен систем iOS 8 чиј интерфејс не е премногу изменет и поставеноста на апликациите, менито, центарот за нотификации и кратенки е речиси иста, но со повеќе нови функции кои се многу корисни. Тука би ги навеле активните известувања кои може веднаш да ги активирате, на пример да возвратите на пораки, а воведена е подршка и за виџети со приказ на најнови информации. Spotlight е опција која го збогатува пребарувањето со резултати од различни извори како App Store, Wikipedia, а има подршка и за останатите пребарувачи како Google Search. Со Conitnuity може да ја продолжите работата на iPhone 6 Plus на друг Apple уред како iPad или iMac.
 
 
Со iOs 8 добивате и подршка за надворешни виртуелни тастатури, а промена има и во апликациите Siri гласовниот асистент кој има зголемен капацитет за организација, потоа во Messeges може да додавата различни податоци како споделување на вашата локација. Со Health апликацијата може да го организирате вашиот фитнес тренинг со следење на виталните функции, согорени калории, прогресот и други корисни алатки.
 
 
Хардвер и перформанси
 
iPhone 6 Plus е супер моќна машина благодарение на 64 битниот процесор A8 кој на сите бенчамрк тестови се прикажа во одлично светло и има речиси идентични перформанси како Samsung Galaxy Note 4, Nexus 6 и LG G3. Хардверот е надополнет со врвна графичка карта PowerVR GX6650 со подршка за најновите видео стандардни, надополнета со 2 GB RAM. Меморискиот капацитет на iPhone 6 Plus има почетни 16 GB, додека пак поскапите верзии доаѓаат со 64 и 128 GB меморија. Батеријата има капацитет за работа од 10 активни часа, благодарение на добрата оптимизација на софтверот и хардверот кој заштедува енергија.
 
 
Камера
 
iPhone 6 Plus е првиот смартфон на Apple кој ја користи технологијата за оптичка стабилизација на сликата која овозможува снимање на многу стабилни видеа без дисторзии во сликата и тонот со Full HD резолуција и 30 кадри во секунда. Камерата на iPhone 6 Plus има напреден интерфејс о контроли кои може рачно да ги управувате и сами да го одберете степенот на изложеност, баланс на бело, ISO квалитет, искористеност на блиц и други параметри. Во интерфејост се вклуечни и HDR режимот и HD панорама со поширок агол на опфатеност. Квалитетот на сликите и видеата е поставен на високо ниво и iSight камерата од 8 мегапиксели има забележлива промена во однос на претходните модели.
 
 
Заклучок
 
iPhone 6 Plus е остварување на сонот на многу фанови на Apple и не се сомневаме дека нема многу да се двоумат доколку сакаат да ја надградат својата мобилна опрема со нов моќен фаблет. iPhone 6 Plus е одлично креиран голем телефон, со дизајн привелчен за око, доволна цврстина и удобност со неверојатно тенко тело. Предностите на iPhone 6 Plus ги наоѓаме во врвната оптимизација на софтверот кој нема забележливи кочења и недостатоци, а истото може да се каже и за дисплејот, перформансите и камерата. iPhone 6 Plus како и останатите уреди на Apple нема за цел да руши рекорди со употреба на осум-јадрени процесори или 20 мегапикселни камери, но јасно е дека сите компоненти се врвот на ефикасноста. Најголема пречка за iPhone 6 Plus е цената која ќе изнесува околу 700 евра со што нема да биде најдостапен за сите, но тоа нема да биде пречка за традиционалните купувачи на Apple.
 
 

 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: