HTC One mini 2 - Малите се најопасни

Објавено на 10.11.2014 во Рецензија



HTC One mini 2 - Малите се најопасни

HTC и оваа година продолжи со зголемување на понудата со мини смартфон кој ги има истите визуелни карактеристики како поголемиот премиум модел HTC One M8 и е наменет за тие кои го сакаат одличниот алиминиумски дизајн но, во помало пакување со нешто пониска цена и секако за нијанса поскромни компоненти. Во оваа категорија HTC One mini 2 се издвојува со прекрасниот изглед но, е за една класа послаб од Sony Xperia Z3 Compact кој апсолутно ја освојува титулата најдобар мини смартфон. Сепак, HTC One mini 2 е поинаку замислен и нема цел да се натпреварува со најмоќните туку да им овозможи на купувачите со ограничен буџет слично премиум искуство, па да видиме колку HTC успеал во намерата.
 
 
Убав на бато
 
HTC One mini 2 на прв поглед е речиси идентичен како и поголемиот „брат“ HTC One М8 со истиот unibody концепт, односно со целосна изработка на маската во еден дел, што придонесува за поголема ефикасност на дизајнот, висок степен на ергономија и удобност при држењето и ракувањето, како и уникатен изглед кој се издвојува од останатите конкуренти. Димензиите на HTC One mini 2 се малку поголеми од тоа што би го очекувале кај еден „мини“ смартфон и најмногу изненадува дебелината од 10.6 милиметри. 
 
 
Тука е направен компромис за да се сместат поквалитетни компоненти во внатрешноста како 13 мегапикселна камера и батерија со капацитет од 2000 mAh кои подоцна ќе ги анализираме. HTC One mini 2 се издвојува со квалитетното цврсто тело од алуминиум и дебелината нема да ја осетите бидејќи смартфонот удобно лежи во раката. Уште еден бонус се стерео звучниците HTC Boom Sound сметени на предната страна кои обезбедуваат врвен аудио квалитет. На располагање ви се три бои на маската златна, сива и сребрена кои изгледаат совршено.
 
 
Мал но, прегледен
 
HTC One mini 2 има помал дисплеј од 4.5 инчи што е необично да се каже бидејќи да потсетиме iPhone 5s од пред една година имаше големина од само 4 инчи, што доволно говори за понудата меѓу iOS и Android. HTC One mini 2 располага со LCD 3 дисплеј со HD резолуција од 720 х 1080 пиксели што резултира со солидна густина на сликата од 326 ppi и без оглед што не го исполнува Full HD стандардот од HTC One M8 е сосема доволно за квалитетна репродукција на бои, висок степен на деталност, одлична видливост под остри агли и на отворено под силна сончева светлина, бидејќи рефлексијата е сведена на минимум. 
 
 
Софтвер и апликации
 
HTC One mini 2 ги исполнува сите норми кога е во прашање модерен и надграден софтвер со бројни корисни додатоци и алатки. HTC One mini 2 работи на најновата верзија на корисничкиот интерфејс HTC Sense што значи дека ги нуди сите новитети како HTC BlinkFeed лаунчерот за почетното мени со голем број на информации, вести од светски медиуми, приказ на известувања од социјалните и интернет сервиси, како и детали за временската прогноза. Целокупниот дизајн и функции на HTC Sense се за пофалба бидејќи е лесен за користење, брзо ќе ги научите сите кратенки и дополнителни менија за прилагодување, а на располагање имате повеќе икони и виџети. HTC Sense одлично се вклопува и во оперативниот систем Android 4.4 KitKat, со контролниот центар кој служи за приказ на нотификации и пристап до скратеното мени каде може да ги активирате и прилагодите мобилните и интернет конекциите и да ја следите работата на батеријата. 
 
 
Хардвер и перформанси
 
Како и повеќе смартфони од средната класа во 2014 година HTC One mini 2 го користи четири-јадрениот Qualcomm Snapdragon 400 процесор од 1.2 GHz кој досега покажа солидни перформанси, но кај овој модел посакуваме нешто поголемо и за нијанса помоќно иако и со овој капацитет на чипсетот нема да останете изневерени при извршување на задачите. Хардверот на HTC One mini 2 е надополнет со Adreno 305 GPU, 1 GB RAM, 16 GB меморија која може да се надополни со microSD мемориска картичка до 128 GB, како и фиксна Li-Po 2110 mAh батерија која е сосема доволна за одржување на потребите на смартфонот, со просечна работа од 16 часа разговор во 3G. На тестовите за мерење на перформанси сосема очекувано HTC One mini 2 заостанува зад моќниот Sony Xperia Z3 Compact, но е подобар од директните конкуренти Samsung Galaxy S5 mini и LG G2 mini. Во делот на конекции присустни се Wi-Fi 802, Bluetooth 4.0, NFC, microUSB 2.0, MHL, како и 4G LTE мобилна конекција за супер брз интернет сообраќај. 
 
 
Мерак за селфи и позирање
 
HTC One mini 2 ќе ги исполни сите желби на новата генерација која е се позависна од социјалните мрежи на кои секојдневно се објавуваат многу слики. HTC One mini 2 има одлични камери, предната е идеална за селфи фотки со 5 мегапиксели и можност за снимање на HD видеа од 720p, додека пак главната камера од 13 мегапиксели е совршена за бележење на сите интересни моменти во вашето секојдневие. HTC One mini 2 е еден од смартфоните кој треба да го добие новиот софтвер за камерата HTC Experience промовиран во селфи рекордерот HTC Desire Eye, со голем избор на прилагодувања на сцената и дополнителни ефекти и режими на сликање. 
 
 
Заклучок
 
HTC One mini 2 е одличен мини смартфон кој ќе ве задоволи со квалитетниот дизајн и цврсто тело од алуминиум, прегледниот дисплеј со HD резолуција, обновениот софтвер кој ги нуди сите новитети во организацијата и работата со апликации, како и солиден хардвер кој без поголеми кочења и проблеми ја врши својата работа. Камерата како што може да заклучите се голем адут и речиси ниту еден смартфон од мини категоријата не е на истото ниво на квалитет. Главен недостаток на HTC One mini 2 е повисоката цена која се плаќа за самиот бренд и фактот што е изработен според истиот калап како и HTC One M8, па затоа соодносот на висока сума и исплатливост не е најдобар и за слични пари може да се најде квалитетен смартфон од кинеско потекло. Во секој случај HTC One mini 2 ќе биде одличен избор за сите што сакаат цврст и удобен смартфон со големина под 5 инчи.
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: