Samsung Galaxy Alpha - Алфа мажјак

Објавено на 04.12.2014 во Рецензија



Samsung Galaxy Alpha - Алфа мажјак

Ех Samsung, Samsung, кога само би ги послушал фановите и медиумите не би се нашол во оваа тешка состојба во која продажбата е падната на многу ниско ниво. Главна причина за малиот пад е неипресивниот Samsung Galaxy S5 кој ги разочара фановите бидејќи не понуди нов и поквалитетен дизајн составен од метални компоненти, а исто така не ги исполни очекувањата за поквалитетен дисплеј со Quad HD дисплеј.
 
 
Затоа мораше да побрза со пласманот на Samsung Galaxy Alpha кој е наменет колку толку да ги ублажи критиките и да го отвори патот за развојот во наредниот период. Samsung Galaxy Alpha одлично се вклопува во годинешнава премиум понуда со екстра тенко метално тело, фантастичен дисплеј и камера со врвен квалитет. Samsung Galaxy Alpha има повеќе атрактивни компоненти кои го сместуваат во самиот врв и е одличен предзнак за новата премиум серија на смартфони.
 
 
Дизајн
 
Samsung конечно го подобри квалитетот на дизајнот со Samsung Galaxy Alpha кој е прилично солиден со тенко тело , засилена алуминиумска рамка околу рабовите, прекрасни линии од страните со мала вдлабнатина на врвот, цврсти копчиња со минимална површина кои се лесни за пронаоѓање и пристискање, како и задна прекривка која и покрај тоа што е изработена од пластика има фина контура која ја прави удобна и сигурна за држење на телефонот во рака.
 
 
Samsung Galaxy Alpha има одлично скроено тело со димензии кои изнесуваат 132.4 x 65.5 x 6.7 mm, тежи сами 115 грама, а линиите околу екранот не завземаат голем простор што го прави екстра ергономичен. Под екранот се наоѓа стандардното Home копче во форма на круг, а покрај него се вградени копчињата back и recent.
 
 
Дисплеј
 
Дисплејот на Samsung Galaxy Alpha е екстра квалитетен со јасна и детална слика, како и со силно изразени бои и висок степен на контраст. Токму тоа е една од најголемите предности на Super AMOLED дисплеите која кај Samsung Galaxy Alpha доаѓа до полн израз. Дисплејот од 4.7 инчи располага со HD резолуција од 720 x 1280 пиксели што не е најимпресен дел од спецификациите на смартфонот, но тоа не е голема пречка бидејќи осветленоста, контрастот и репродукцијата на бои се на врвно ниво, а нема никакви проблеми со видливоста од поостри агли.
 
 
Софтвер и интерфејс
 
Samsung Galaxy Alpha го користи веќе стандардниот TouchWiz интерфејс кој во последно време доби голем број на критики поради огромниот број на софтверски додатоци и прилагодувања кои не се во голема мера корисни и само пречат во брзото одвивање на транзициите, одземаат внимание, а секако и го намалуваат просторот на меморијата. Тоа е делумно сменето кај Samsung Galaxy Alpha кој нуди неколку смарт опции за гледање на видеа и контрола со „воздушни“ гестови само со следење на движењето на раката или очите. 
 
 
 
Главните апликации кои ги обезбедил Samsung се S Health за следење на физичките активности, а одлично се користи и скенерот за отпечатоци од прсти. Потоа во менито ќе најдете и посебен Samsung прелистувач, S Voice за гласовно пребарување, Samsung апликации за повикувањe, SMS, e-mail и мултимедија и My Magazine апликацијата за приказ на најнови информации позајнмени од електронскиот магазин Flipboard. Додаден е и приватен режим на работа преку кој може да си ги заштите вашите фајлови и да ограничите пристап на други лица до одредени апликации, како Facebook кои имаат лични податоци. 
 
 
 
На почетниот панел може да ја активирата опцијата toolbox која откако ќе го притиснете прозорчето ќе ви прикаже повеќе икони за активација на камерата, интернет прелистувачот, калкулатор, нотес и други алатки за организација. Центарот за известувања е добро организиран и прегледен со големи фонтови за подобар преглед на сите новости, додека пак контролниот центар за брзи прилагодување е пренатрупан со еден куп на икони, од сите видови на конекции, звук, дисплеј, осветленост, алатката за штедење на батеријата Ultra Power Saving Mode, multi windows и уште многу додатоци. 
 
 
 
Хардвер и перформанси
 
Во хардверот на Samsung Galaxy Alpha не се направени никакви компромиси за смартфонот без никаков проблем да се доближи до премиум класата. Тоа го потврдуваат и резултатите на бенчмарк тестовите кои ги направивме каде е речиси на исто рамниште како и шампионот Samsung Galaxy Note 4. Корисниците ќе бидат сосема задоволни од брзото извршување на сите операции благодарение на екстра чипсетот Exynos 5 Octa 5430 со осум јадра, во комбинација со технологија Cortex-A15 од 1.8 GHz и Cortex-A7 од 1.3 GHz.
 
 
За графиката се грижи Mali-T628 MP6 GPU од најнова генерација, а за мултитаскинг обезбедени се 2 GB. Меморијата на Galaxy Alpha изнесува 32 GB, но поради минималистичкиот дизајн изоставен е слот за microSD картичка. Батеријата има капацитет од само 1860 mAh која на прв поглед изгледа пресиромашно, но за време на нашето тестирање смартфот издржи речиси два дена при нормална употреба, што најверојатно се должи на дисплејот со помал капацитет. 
 
 
Камера
 
Samsung Galaxy Alpha има невообичаена 12 мегапикселна камера која го нема истиот потенцијал како кај Samsung Galaxy S5 и Galaxy Note 4, но е сосема квалитетна за секојдневно правење на слики од интересни моменти. На располагање имате голем број на прилагодувања во интерфејсот на камерата на различни параметри на сцената, а добри резултати се добиваат при користење на HDR режимот на сликања. Може да снимате и квалитетни видеа со максимална 4К HD резолуција и HD аудио. 
 
 

Заклучок
 
Samsung Galaxy Alpha е без сомневање најдобро дизајнираниот смартфон на Samsung во последно време кој е само почеток на една сосема нова A серија со примена на метални елементи, тенка и цврста рамка, како и одлична ергономија, со што многу потсетува на iPhone. Смартфонот одлично се покажува во сите категории, особено со моќниот осум-јадрен процесор, а за напредните корисници огромната понуда на апликации, сервиси и трикови во интерфејост ќе биде добредојдена.
 
 
Samsung Galaxy Alpha има мал број на недостатоци кои не го расипуваат општиот впечаток на одлично изработен телефон, но штета е што дојде нешто подоцна годинава, кога повеќето го направија својот избор за нов телефон. Од друга страна Samsung не очекува рекорден број на продажба на Samsung Galaxy Alpha кој повеќе служи како доказ дека компанијата не го изгубила „моџото“ и дека во наредниот период ќе следат уште поимпресивни телефони.
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: