HTC Desire 510 - Евтина работна сила

Објавено на 12.01.2015 во Рецензија



HTC Desire 510 - Евтина работна сила

HTC Desire 510 беше најавен есента минатата година како еден од најевтините смартфони со супер брза 4G LTE конекција и навистина е еден од ретките во оваа класа, но тој примат нема долго да го задржи. Сепак, додека дојдат новите модели на македонскиот пазар HTC Desire 510 е еден од смартфоните кои заслужуваат шанса бидејќи има пристапна цена од околу 200 евра без склучен договор, а мобилните оператори го нудат и за малку пари со склучен пост-пејд договор. HTC Desire 510 привлекува со неколку атрубити кои може да се најдат и во премиум класата, а страда од вообичаените недостатоци на евтините смартфони како што е дисплеј со послаба резолуција. Во нашата анализа ќе ги погледнете сите особености на HTC Desire 510 и полесно ќе донесете заклучок дали заслужува да го купите.
 
 
Дизајн
 
HTC Desire 510 го позајмува убавиот изглед од HTC смартфоните од премиум класата но, разбирливо е дека го нема истиот квалитет на градба, ниту рамката од алуминиум. Маската е изработена од цврста пластика и истата успева да ги надомести сите недостатоци, како и да го прекрие евтиниот и пластичен изглед, додека пак заобленоста на задната страна овозможуваат сигурно држење во раката без можност за лизгања.
 
 
Рамката околу екранот е помала во однос на поскапиот модел HTC Desire 610 што е голем плус во однос на компактноста, а неговите димензии изнесуваат 139.9 x 69.8 x 10 mm. На врвот веќе стандардно е сместено копчето за вклучување/отклучување, веднаш до аудио влезот од 3.5 милиметри. Десно е сместен леверот за регулација на звук кој лесно е достапен за прстите, но мал недостаток е влезот за мемориската картичка кој е сместен внатре во куќиштето под самата батерија.
 
 
Дисплеј
 
Како што споменав во воведот најголемиот компромис кај HTC Desire 510 е направен во дисплејот кој има ниска резолуција од само 480 х 854 пиксели што воопшто не го издвојува од останатите смартфони во основната понуда. Густината на сликата изнесува 208 пиксели на еден инч и видливоста не е премногу лоша, особено кога сте во затворени простори со добра осветленост на дисплејот и прецизни бои, но на отворено значително се забележува степенот на рефлексија на сончева светлина. 
 
 
Софтвер и апликации
 
Голем бонус за корисниците е обновениот софтвер кој е составен од најновата верзија на интерфејсот HTC Sense 6.0 каде се вклучени речиси сите новитети како и кај HTC One M8, како што се HTC Blink Feed менито за приказ на вести, информации, новости и известувања од социјалните и интернет сервиси, потоа HTC Weather за временска прогноза, HTC Zoe за креирање на видео колажи од омилените слики и посебен HTC интернет прелистувач. 
 
 
HTC Backup алатката исто така е вклучена и е прилично корисна бидејќи служи за потсетување на важните податоци и информации за смартфонот како лозинки, обележани интернет страници, пораки и други детали кои ќе ви притребаат во случај да дојде до пад на системот или друг софтверски проблем. Софтверот е управуван од оперативниот систем Android 4.4 KitKat и има одлична оптимизација, брзи транзиции и ефикасно ги имплементира сите елементи од менито. 
 
 
Хардвер и перформанси
 
Сетапот на HTC Desire 510 е одлично склопен бидејќи четири-јадрениот 64 битен Qualcomm Snapdragon 410 процесор брзо ги завршува сите операции и задачи и благодарение на дисплејот со пониска резолуција воопшто не е оптоварен. Хардверот е надополнет и со солидна Adreno 306 графичка, 1 GB RAM и 8 GB меморија која може да се надополни преку microSD картичка до 32 GB. Благодарение на 4G LTE конекцијата ќе имате супер брз мобилен интернет и пренос на податоци. Батеријата има капацитет од 2100 mAh кои се сосема доволни да го напојуваат смартфонот активни 8 часа со едно полнење.
 
 
Камера
 
Камерата со фиксен фокус од 5 мегапиксели воопшто нема да ве воодушеви и не ги дава посакуваните резултати дури и во оваа класа со слаба деталност и непрецизни бои. Во интерфејсот имате на располагање повеќе ефекти и режими на сликање кои колку толку го подобруваат впечатокот. Во описот на камерата ќе видите дека може да снимате HD видеа со резолуција од 1080p но, бројката не треба да ве излаже дека ќе добиете нешто поголем квалитет, а истото важи и за Fast HD режимот на снимање во забавена снимка со 60 кадри во секунда. 
 
 
Заклучок
 
HTC Desire 510 е привлечен телефон кој може да ве изненади и покрај тоа што доаѓа во ниската класа со скромен сетап на компоненти. Тајната на успехот на HTC Desire 510 е во брзиот 64 битен процесор кој се очекува да даде уште подобри перформанси откако ќе пристигне надградбата со Android 5.0 Lollipop. Хардверот и софтверот одлично се оптимизирани и графичките можности може да одговорат на сите предизвици, но недостатоците во камерата и дисплејот може да ве разочараат ако ги поставите вашите очекување премногу високо. Доколку сте подготвени да ги прифатите овие компромиси HTC Desire 510 може да биде вистински избор со цена од околу 200 евра.
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: