LG L Fino - Фин смартфон за 200 евра

Објавено на 22.03.2015 во Рецензија



LG L Fino - Фин смартфон за 200 евра

LG Mobile донесе голема свежина во премиум класата со супер смартфонот LG G3 како во делот на дизајнот, така и во делот на софтверот со голем број на новитети кои беа одлично прифатени од корисниците. Затоа LG одлучи да им овозможи и на купувачите во пониските класи да добијат квалитетен смартфон по пониска цена со неколку значајни додатоци превземени од LG G3. Меѓу нив е и смартфонот LG L Fino кој чини околу 200 евра во Македонија и за тие пари нуди солидни перформанси кои можеби нема премногу да ве воодушеват, но корисниците ќе знаат дека нема да останат на цедило.
 
 
Дизајн
 
LG L Fino како што веќе констатиравме има идеја да претставува поевтина верзија на LG G3 и тоа е делумно постигнато со заобленото тело на задната страна, додека пак маската наместо се метални елементи е заменета со квалитетна пластика која дава удобно чуство при држење во рака и сигурен фат без можност за лизгање. LG L Fino исто така нема никакви физички копчиња на рабовите и леверот за регулација на звукот како и копчето за вклучување се наоѓаат на задната страна. Единствена поголема забелешка на дизајнот на LG L Fino оди на сметка на неговата дебелина и тежина што малку зачудува, но тоа не е толки страшно бидејќи голем број на смартфони од оваа класа имаат слични димензии.
 
 
Дисплеј
 
LG L Fino нема премногу да ве воодушеви со IPS LCD дисплејот со ниска резолуција од 480 х 800 пиксели што мора да напоменеме дека веќе е застарен стандард во мобилната индустрија но, и понатаму упорно се користи во овие евтини смартфони. Сеедно, со дисплејот со големина од 4.5 инчи има густина на сликата од 207 пиксели на еден инч што колку толку е над најниските стандарди и овозможува доволен степен на видливост на деталите. 
 
 
Софтвер и апликации
 
Во најновата генерација на смартфони LG Mobile наместо Optimus интерфејс почна да користи обновен софтвер едноставно наречен LG UI кој нуди неколку новитети како LG Knock Code. Ова е една од омилените функции на LG L Fino која ви овозможува да го активирате смартфонот само со тапкање на екранот без притискање на копчиња. За оперативниот систем на LG L Fino е искорестена верзијата на Android 4.4.2 KitKat што и не е така лошо, но не треба премногу да се надевате дека ќе добиете надградба со Lollipop бидејќи смартфоните од оваа класа ретко добиваат постојана софтверска подршка. Што се однесува до самиот софтвер за пофалба е организацијата на LG UI 3.0 во сите елементи на заклучениот екран, главното мени, центарот за известување и брзи активации, изборот на виџети за информирање, како и различните визуелни теми.
 
 
Хардвер и перформанси
 
Со LG L Fino не би требало да се грижите за извршувањето на задачите бидејќи на располагање имате солиден хардвер предводен од четири-јадрениот Qualcomm Snapdragon 200 процесор од 1.2 GHz, Adreno 302 GPU, 1 GB RAM, 4 GB меморија која може да се прошири со уште 32 GB преку microSD картичка, потоа можност за работа со две SIM картички, како и Li-Ion батерија со капацитет од 1900 mAh. Со овој сетап без проблем ќе работите со апликации и интернет, а исто така ќе може да ги играте и новите 3D мобилни игри како акцијата Dead Trigger 2 без никакви кочења.
 
 
Камера 
 
Камерата од 8 мегапиксели е можеби најатрактивен додаток, барем на хартија со автофокус и LED блиц но, нема да ги добиете очекуваните резултати што се должи најверојатно на ограничениот процесор кој нема доволно моќ да ги „спроведе“ сите пиксели. Сликите преку ден со силна сончеа светлина имаат пристоен квалитет со задоволително ниво на деталност, но затоа пак видеата достигнуваат резолуција од само 480p што е недоволно. Предната камера има само 0.3 мегапиксели и не очекувајте премногу квалитетни селфи фотки бидејќи се забележува заматување и мала осветленост.
 
 
Заклучок
 
LG L Fino со своите спецификации и цена стои рамо до рамо со голем број од своите конкуренти и е еден од најдостапните смартфони на македонскиот пазар доколку ја разгледате понудата на мобилните оператори. LG L Fino може да биде добар избор во некоја пост-пејд понуда со ниска месечна тарифа на местото на голем број на смартфони од Alcatel и Samsung кои не ги задоволуваат сите потреби, но исто така треба да знаете дека со додавање на уште сто евра може да купите многу подобар смартфон на Sony или HTC. LG L Fino своите предности ги нуди во квалитетната изработка на телото и одличната оптимизација на софтверот и хардверот, додека пак најголеми слабости има во дисплејот и камерата.
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: