Xiaomi Mi Note - Моќен оперативец

Објавено на 16.04.2015 во Рецензија



Xiaomi Mi Note - Моќен оперативец

Xiaomi се посигурно се докажува на мобилната сцена како еден од најатрактивните брендови од Кина кој има јасна визија за развој во наредниот период со се подобри и подобри смартфони. Xiaomi повеќе не е никакво изненадување и дебитант во мобилната индустрија кој се „закача“ со Apple туку бренд кој сака да покаже дека е способен да се натпреварува со најдобрите што сигурно ќе му успее со одличниот Xiaomi Mi Note.
 
 
Овој фаблет делува навистина моќно и импресивно уште при самото отпакување и првиот поглед на дизајнот веднаш ќе ви даде јасна слика за високата класа во која спаѓа. Xiaomi Mi Note е квалитетно изработен, располага со супер дисплеј и може да се пофали со врвна оптимизација на софтверот со што ќе немате никакви пречки при операциите. Во продолжение ви откриваме како помина нашиот тест со Xiaomi Mi Note и кои се нашите импресии од сите адути на големиот телефон.
 
 
Дисплеј
 
Xiaomi Mi Note доаѓа со 5.7 инчен Full HD JDI дисплеј и со овој степен на резолуција од 1920 х 1080 пиксели може да се пофали со врвна слика која е богата со силно изразени бои и балансиран контраст кој нема да ги замори вашите очи при гледање на HD видеа или играње на 3D мобилни игри. Дисплејот располага со густина на сликата од 386 пиксели на еден инч, па нема да имате никакви проблеми со читање и на најситните фонтови или пак прегледност на сите детали. Телефонот при нашата употреба на отворено одлично се покажа и во делот на осветленоста, па затоа не забележавме никаква рефлексија на сончева светлина и од екранот можеше да се гледа менито, иконите и сите елементи без проблеми.
 
 
Дизајн 
 
Дизајнот на Xiaomi Mi Note со сигурност може да се каже дека е полн погодок со симпатични линии и висока естетика која асоцира на престиж, ефикасност и премиум квалитет. Xiaomi Mi Note има компактно тело со димензии од 155.1 x 77.6 x 7 mm, а тежината од 161 gr. воопшто не се забележува. Повеќе детали за изгледот и дизајнот на Xiaomi Mi Note може да погледнете во нашето hands on видео каде ги оценуваме сите елементи на фаблетот.
 
 
Софтвер и интерфејс
 
Xiaomi Mi Note работи на посебниот android интерфејс MiUi кој нуди целосен редизајн на иконите, почетното мени, заклучениот екран и центарот за нотификации. Тука несомнено гледаме многу сличности со iOs, но за пофалба е високиот степен на оптимизација и брзата транзиција. Кога работите со голем телефон со екран од 5.7 потребна ви е опцијата за работа со една рака. Токму ова скратено мени се активира со лизгање од почетното копче кон лево или десно. Тука може да одберете екранот да се намали на 4.5, 3.5 или 3 инчи со што полесно ќе допрете со прстите и до најодалечените икони.
 
 
Со притискање на левото копче се активира мени за избор на позадини, додавање на виџети, како и преглед на сите панели со икони. Во центарот за контрола ќе најдете голем број на копчиња за регулација на конекциите, екстра контроли, како и лента за регулација на светлината на екранот. Xiaomi нуди и голем број на сопствени апликации како антивирус, сервиси за споделување на содржини и backup, како и голем број на прединсталирани игри.
 
 
Хардвер и перформанси
 
Xiaomi Mi Note има импресивна листа на спецификации со примена на најмодерните компоненти кои придонесуваат за перформанси на највисоко ниво. Фаблетот работи на четири-јадрен Qualcomm Snapdragon 801 процесор и се издвојува од голем број на кинески смартфони кои претежно користат Mediatek процесори кои се поевтини, но и со послаби перформанси. Xiaomi Mi Note на располагање има и моќна графичка карта Adreno 330 која овозможува врвни визуелни перформанси при гледање на HD видеа и играње на најновите мобилни игри со next gen графика. 
 
 
За мултитаскинг на располагање имате дури 3 GB што значи дека сите апликации кои работат во позадинa нема да доведат до никакви пречки врз актуелните операции, додека пак за вашите мултимедијални содржини имате 16 GB или ако тоа ви е недоволно може да го одберете и понапредниот модел со 64 GB. Xiaomi Mi Note за жал нема слот за мемориска картичка, па затоа се препорачува сите документи и фајлови да ги складирате на cloud сервисите кои се бесплатни. Со батеријата од 3000 mAh ќе добиете речиси два дена активна работа со само едно полнење, а благодарение на Quick Charge технологијата со соодветен полнач за само 30 минути ќе може да наполните дури 60 проценти од целокупниот енергетски капацитет на батеријата.
 
 
Камера
 
Xiaomi направи голем напредок со камерата која доаѓа со сензор од 13 мегапиксели со LED блиц, а голем бенефит има и од оптичкиот стабилизатор на сликата кој најдобро се покажува при снимање на видеа со постојан фокус и брзо стабилизирање на сцената. За фановите на добрите фотки самиот Xiaomi интерфејс ќе биде вистинско богатство бидејќи нуди голем број на ефекти и различни сетапи кои може рачно да ги прилагодувате, од ISO квалитетот, балансот на бело за различни периоди во денот, потоа може да ја прилагодувате изложеноста, како и да користите различни сцени. 
 
 
Меѓу нив е вклучен и Beauty режимот за селфи фотки и портрети, како и Panorama, Refocus, Delay Shutter, Highlight и Hand-hand twilight. HDR режимот може да го прилагодувате со повеќе степени, а истото важи и за блицот. Со камерата може да снимате и видеа во забавена снимка со HD резолуција од 16 кадри во секунда, како и Ultra HD видеа со 30 кадри во секудна. Тонски се снима на два стерео канали и звукот е квалитетен без големи шумови и дисторзии. За фановите на селфи фотки одлична вест е вклучувањето на квалитетна 4 MP камера со широка леќа од 1.3 инчи. 
 
 
Заклучок
 
Xiaomi Mi Note е дефинитивно еден од смартфоните кои сосема заслужено се наоѓа во премиум класата со врвни перформанси во сите категории. Дисплејот е бистар со квалитетна слика без никакви недостатоци, оперативниот систем Android е одлично прилагоден со MiUi интерфејсот и на располагање имате голем број на функционални и организациски апликации, додека пак самиот дизајн покажува на нов степен на иновативност, цврстина и елегантен изглед. Xiaomi Mi Note е идеален телефон за сите љубители на големите екрани од над 5.5 инчи бидејќи со него може целосно да го организирате вашето работно време, со поставување на потсетници, белешки и распореди. Со тенкото тело и компактните димензии воопшто не се забележува огромниот екран од 5.7 инчи, па затоа лесно ќе го носите Xiaomi Mi Note во вашиот џеб и брзо ќе може да пишувате пораки и да вопоставувате телефонски повици. За тестот на Xiaomi Mi Note мораме да им се заблагодареми и на Hi Communications кои ни го отстапија телефонот за да може да ги пренесеме сите наши импресии. Xiaomi Mi Note може да го порачате од нивната електронска продавница hi.com.mk.
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: