LG G4 - Посимпатичен со моќна камера

Објавено на 19.06.2015 во Рецензија



LG G4 - Посимпатичен со моќна камера

LG Mobile успеа да му се доближи на Samsung во премиум класата со LG G3 кој доби огромни пофалби за ласерскиот автофокус на камерата, Quad HD дисплејот со кристално јасна слика и моќниот хардвер, но оваа година ќе биде многу потешко да се наметне и да му го земе приматот на Galaxy S6.
 
 
За да се избори го лансираше LG G4 кој делува како доволна надградба за изминатите 12 месеци со мали измени во дизајнот и неколку моќни адути како што е професионалната 16 мегапикселна камера која е прогласена за една од најдобрите кај било кој телефон. LG G4 не е совршен и има неколку недостатоци, како на пример му недостасува скенер за отпечатоци и процесорот заостанува зад Exynos 7420 на Galaxy S6, но е достоен противник со сопствен печат.
 
 
Дисплеј
 
Кога ќе бидете меѓу првите мобилни брендови со Quad HD дисплеј на пазарот тешко е да ги задоволите фановите постојано. Тоа LG го направи лани со LG G3 и оваа година може само да ги потсети дека истата технологија со неколку нови трикови е применета и кај LG G4 кој има попрецизен и поприроден израз на боите со нова матрица, силен контраст и максимална осветленост за да нема никакви рефлексии преку ден на сончева изложеност. Дисплејот на LG G4 навистина е фантастичен и ќе имате огромно задоволство гледајќи видеа во висока резолуција или пак трошејќи слободно време на некоја забавна игра. LG G4 доаѓа со поголем 5.5 инчен IPS Quantum дисплеј од својот претходник со совршена резолуција од 2560 х 1440 пиксели и неговата прецизност и прегледност е најголемиот адут во однос на останатите Quad HD конкуренти.
 
 
Дизајн
 
Естетиката многумина ја потценуваат но, изгледот на смартфонот е многу важен за лојалноста на фановите кои го сакаат најдоброто. Последиците од лошиот дизајн Samsung се уште ги трпи и се чини дека неговите конкуренти меѓу кои и LG не знаат тоа да го искористат на најдобар можен начин. За вкусови не може да се дебатира но, наш впечаток е дека естетиката на LG G4 нема да воодушеви многумина бидејќи не нуди ништо спектакуларно ново и оригинално. Единствена позабележителна промена е изборот на кожна прекривка на задната страна, но веќе нешто слично имаше и Galaxy Note 3 претходно. За LG G4 може да се дадат добри оценки само за компактноста на телото со мала заобленост и дебелина од 9.8 милиметри не доаѓа премногу до израз.
 
 
Камера
 
Камерата е убедливо најмоќното оружје на LG G4 бидејќи располага со совршена апаратура која многу експерти ја споредија со професионалните дигитални фотоапарати и може да се користи за добивање на фантастични слики. LG G4 има 16 мегапикселна камера со иновативна f/1.8 апаратура, скенер за бои кој ја анализира сцената пред да ја направите сликата за попрецизно бележење на деталите, автоматско поставување на балансот на бело, како и бројни команди за поставување на блицот, HDR режимот и останатите параметри.
 
 
Предната камера е исто така на ниво и фановите на селфи фотки ќе бидат презадоволни од сензорот со 8 мегапиксели, со широк агол за поквалитетни групни слики, како и правење на слики во серија за одбирање на најдобрата.
 
 
Хардвер и перформанси
 
LG Mobile се најде во лоша позиција со партнерот Qualcomm кој разочара многумина со ветувачкиот Snapdragon 810 процесор со осум јадра за кој имаше прогнози дека ќе биде супер моќен, но излегоа големи проблеми со прегревање. Тоа на своја кожа го осетија со LG G Flex 2 и затоа за LG G4 отидоа на посигурната, но и послабата варијанта со шест-јадрениот Qualcomm Snapdragon 808 процесор кој на тестовите за перформанси покажа послаби резултати од Samsung Galaxy S6 со Exynos 7420 процесорот.
 
 
Тука е можеби најголемата слабост на LG G4, но во реална употреба надоместува со подобрата оптимизација на софтверот, па затоа резултатите од бенчмарк тестовите не се најважно мерило. LG G4 е надополнет и со 3 GB RAM, 32 GB меморија која може да ја проширите преку microSD картичка, а батеријата со капацитет од 3000 mAh ќе биде сосема доволна за активна работа од десетина часа.
 
 
Софтвер и апликации
 
Големи пофалби за LG Mobile одат и на сметка на LG UX интерфејсот кој со секоја нова верзија е се подобар со побрзи анимации, полесна навигација и богати опции кои не доведуваат до кочење и непотребни додатоци. Софтверот на LG G4 навистина може да се пофали со висок степен на респонзивност, а сите маневри брзо ќе ги научите.
 
 
Промени има во апликацијата календар која го применува Material дизајнот и тука ќе може да ги бележите сите важни настани со потсетници. Нов додаток е и Event Pocket апликацијата каде може да поставите слики, белешки и работен распоред. Отклучувањето на екранот се уште одлично функционира со Knock Code каде не треба да притискате копчиња, а комбинацијата на допири ќе ве заштити од непосакувани отклучувања. 
 
 
Заклучок
 
LG G4 е навистина симпатичен смартфон кој ќе ве шармира со изгледот, но нема да ве воодушеви ако барате нешто премногу оригинално, свежо и ново. Дизајнот е добро склопен, со квалитетни компоненти и за неговата издржливост нема да се секирате. Во однос на неговите перформанси има многу повеќе предности отколку недостатоци, како што е прекрасниот дисплеј со совршена видливост, моќната камера која ќе ве претвори во професионален фотограф, а сосема солидни резултати има и во гласноста на звучниците и користењето на мултимедијата.
 
 
Малите недостатоци се наоѓаат во процесорот кој за напредните корисници ќе значи заостанување зад Samsung Galaxy S6 и моќта на Exynos 7420 процесорот. Сепак, прилагоденоста на интерфејсот кој постојано се подобрува може да му дадат мала предност на LG G4 кој ја заслужува својата шанса во премиум класата.
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ
Автор: Aleksandar Stankov




Прочитајте повеќе: