Huawei P8 - Совршен изглед, моќни перформанси

Објавено на 07.07.2015 во Рецензија



Huawei P8 - Совршен изглед, моќни перформанси

Huawei постигна голем успех во Европа со P серијата на смартфони и се чини дека секој нареден модел е се подобар и подобар. Huawei P серијата во последните две години забележа голем напредок во пост-пејд понудата на операторите со прилично достапни цени и голема вредност за корисниците со врвни перформанси, како и висока естетика и квалитет на изработката. Сега доаѓа и Huawei P8, третиот смартфон во оваа серија кој покажува вистинска зрелост со најмоќната конфигурација и дизајн кој е доведен до совршенство со квалитетно тело од метални елементи. Huawei P8 е еден од најелегантните смартфони кои ќе ги најдете кај нас, а може да се пофали и со еден куп иновативни технологии кои ќе ви ја збогатат секојдневната работа.

Дизајн

Huawei P8 е еден од тие смартфони кој веднаш ќе го засакате на прв поглед и сигурно ќе го забележите неговиот дизајн кој се издвојува од конкуренцијата, со сопствен концепт и оригиналност, со неколку интересни детали кои ја прават целата разлика. Huawei P8 е фантастично изработен со квалитетна метална маска, лесен е за држење и е неверојатно елегантен. 

Задната страна е мазна и има убав финиш за поголема сигурност при управување. Телото е супер тенко со само 6.4 милиметри, а ефикасноста на дизајнот се гледа и во рамката околу дисплејот која е минимална со што се добива супер сразмер. Под дисплејот има три вградени копчиња за навигацина низ менито, а главните физички копчиња се наоѓаат на деснта страна со минималистички израз. Под нив се наоѓаат и влезовите за microSIM и microSD мемориска картичка.

Дисплеј

Huawei за P серијата се уште не прикажал интерес за Quad HD панели, но затоа пак успеал да го доведе до совршенство 5.2 инчниот Full HD дисплеј на Huawei P8 со совршена видливост, прекрасно изразени бои, висок степен на деталност и острина на сликата. Huawei P8 има одличен баланс на контрастот кој не доведува дисплејот да има бледи нијанси, па затоа ќе имате одлично искуство при работа со апликации, гледање видеа и играње игри.

Софтвер и апликации

Како и повеќето брендови од Азија Huawei развива сопствен кориснички интерфејс Emotion UI со неколку елементи кои се слични со iOS системот. Тоа најдобро се гледа во главното settings мени на Huawei P8 каде сите опции за смартфонот се подредени како кај iPhone, па затоа веднаш ќе се снајдете за параметрите кои сакате да ги прилагодите или пристапите.

Заклучениот екран е одлично организиран, од старт може да ја активирате камера или пак да влезете во менито за визуелни прилагодувања. Huawei P8 има голем број на гестови кои ќе ја поедностават и забрзаат работата. Со дијагонално лизгање ќе ви се појават сите панели на главното мени и ова е одлично за преглед на сите икони и виџети бидејќи Emotion UI нема централно место за сите апликации.

Со „чукање“ на екранот ќе направите скриншот, а со лизгање од дното кон врвот ќе се активира Google Now апликацијата со Voice Search. Emotion UI нуди и голем број на прединсталирани апликации како антивирус, интернет прелистувач, сопствен сет на организациски и комуникациски апликации и други сервиси кои функционираат одлично.

Хардвер и перформанси

Huawei P8 во голема мера се потпира на осум-јадрениот HiSilicon Kirin 930 процесор што покажува дека Huaweiима голема самодоверба во овој чипсет штом го користи во еден од водечките телефони. Хардверските капацитети на HiSilicon Kirin 930се поставени на врвно ниво и може да поднесат напреден гејминг со модерните 3D игри, да подржат активен мултитаскинг со брзо активирање на апликациите кои работат во позадина и непречени транзиции низ менито, благодарение на високиот степен на оптимизираност на интерфејсот.

HiSilicon Kirin 930 има 3 GB RAM, 16 GB меморија, како и понапреден модел со 64 GB, а ако тоа не ви е доволно вашите фајлови и документи може да користите microSD картичка до 128 GB која се монтира во слотот за вториот SIM. Huawei P8 како супер тенок телефон има мал компромис со просторот предвиден за батеријата, па таа има капацитет од 2680 mAh што ќе биде доволно за целодневна активна работа со едно полнење.

Камера

Голем труд е вложен во 13 мегапикселната камера која оптичка стабилизација на слика, автофокус, двоен LED блиц на задната страна, HDR режим на сликање и повеќе додатоци за ефекти на сликите кои се многу забавни и квалитетни. Сензорот има уникатен RGBW систем на пиксели со четири бои кој произведува слики со висока осветленост при силен контраст и богат израз на бои во услови на слаба осветленост без губење на нијансите или преголема изложеност.

Интерфејсот на камерата е едноставен и сите опции за прилагодување на сцената се веднаш на дофат. Еден од најзабавните додатоци е Light Painting кој ви овозможува во темни моменти со светилка да направите различни линии, цртежи и написи и сензорот на камерата ќе ги забележи на самата слика, што е прилично иновативен ефект.

 

HDR режимот на сликање дава длабоки детали во позадинските објекти на сликата со поизразени форми без притоа да го загрози квалитетот. Камерата може да снима Full HD видеа со 30 кадри во секунда при што стабилноста на сликата постојано се задржува со мали отстапки, а квалитетот на звукот во голема мера ги отстранува позадинските звуци на бучава. Предната камера со сензор од 8 мегапиксели е совршена за селфи фотки, а од голема корист ќе ви биде и широкиот агол на леќата за групни слики.

Заклучок

Huawei P8 е еден од смартфоните кои оваа година имаат реална можност да им се спротистават на веќе популарните iPhone 6 и Samsung Galaxy S6 со напредната технологија, како и посебниот белег на дизајнот кој дава високо квалитетно издание со тенко метално тело и погодена ергономија за секој корисник. Huawei P8 освен со убавото тело воодушевува со одлично прилагодениот софтвер кој ги има сите потребни елементи, од апликации за социјални мрежи и комуникација, до организациски алатки и игри.

Huawei P8 уште еднаш ја потврдува моќта на кинескиот бренд кој знае како да креира издржлив телефон со долгорочни цели и одговор на сите модерни предизвици. Токму поради тие елементи Huawei P8 ќе биде еден од најдобрите телефони за користење на мултимедијални содржини, како и многу забава и убави моменти со двете камери.

Автор

Христијан Станоевиќ

Автор: Aleksandar Stankov




Прочитајте повеќе: