HTC One M9 - Потценетиот е најопасен

Објавено на 18.07.2015 во Рецензија



HTC One M9 - Потценетиот е најопасен

HTC во последните три години се обидува да излзезе од сенката на Samsung и тоа полека им успева со новите премиум HTC One смартфони кои се истакнуваат со металните тела со импресивна изработка и моќните перформанси. Најновиот модел HTC One M9 ќе биде основната врз која ќе се креира оценката за HTC оваа година и за многу од фановите станува збор за фантастичен смартфон кој ќе ве освои со дизајнот и перформансите, како и со најновата 20.7 мегапикселна камера.
 
 
HTC One M9 доби и силен конкурент од Samsung Galaxy S6 Edge кој понуди нешто посвежо и атрактивно со заоблен дисплеј на рабовите, па ќе биде интересно да се следи како ќе се покажат двата смартфони. HTC One M9 има одлична можност да докаже дека е достоен смартфон и затоа ќе ги разгледаме сите неговите предности и недостатоци.
 
 
Дисплеј
 
HTC One M9 доаѓа со 5 инчен Super LCD3 дисплеј со Full HD резолуција од 1920 х 1280 пиксели и токму овој сегмент претпри најголем дел негативни критики бидејќи сите очекуваа Quad HD технологија. Сега на сите им е јасно дека меѓу двата стандарди нема огромни разлики во квалитет, но кога веќе сите конкуренти како Samsung, Lenovo, Huawei, ZTE, Xiaomi и останатите брендови лансираа Quad HD смартфон, се гледа дека HTC One M9 ќе заостанува зад нив. Тоа не значи дека неговиот дисплеј е слаб и неквалитетен, туку едноставно ќе имате чуство дека за вложените пари не сте добиле се што ви следува. За дисплејот на HTC One M9 може да се даде многу висока оценка бидејќи нуди врвна репродукција на бои, висок степен на деталност и нема никакви проблеми со осветленоста.
 
 
Дизајн
 
Веднаш штом го погледнавме и допревме новиот смартфон сфативме дека станува збор за фантастично изработен уред во кој е вложен голем труд и инжинерска иновација. HTC One M9 ја продолжува атрактивната понуда со метална конструкција составена од едноделна маска, а новитет е примената на дво-тонски бои на задната и предната страна кои имаат одличен отсјај. HTC One M9 е совршено склопен, но единствено изненадува дебелината од 9.6 милиметри што споредено со сите нови премиум смартфон е дури и премногу.
 
 
Физичките копчиња за вклучување и регулација на тон исто така се изработени од метал и се сместени на десната страна каде е полесно да се активираат, но нивната идентична контура може да ве збуни при притискање. Телефонот одлично лежи во рака и со балансирање на тежината од 147 грама која воопшто и не се забележува.
 
 
Софтвер и апликации
 
Како еден од најпозитивните новитети на HTC One M9 мора да се издвои редизајнираниот интерфејс HTC Sense 7.0 кој целосно се претопи во функциите на Android 5.0 Lollipop и Material дизајнот на софтверот. Тоа веднаш се забележува со флуидни транзиции низ менито без никакви кочења, додека пак самиот изглед на иконите, распоредот на менито, заклучениот екран и центарот за контрола е богат со прегледни бои и има сосема нова естетика. Главната софтверска алатка сега се нарекува HTC Sense Home која ги спојува сите новитети, вести, известувања од социјалните мрежи, во комбинација со вашите содржини, апликации и сервиси кои ги користите.
 
 
HTC Home виџетот ќе ја следи вашата активност и според локацијата ќе ви дава предлог за деловни или забавни апликации за користење. Во HTC Themes може да одберете голем број на нови визуелни теми, а со HTC One Gallery ќе може да ги организирате сите направени слики според личноста, локацијата или настанот. 
 
 
Хардвер
 
Како и повеќето брендови HTC оваа година беше принуден да се потпре на Qualcomm кој направи лоша работа со осум-јадрениот Snapdragon 810 процесор бидејќи на почетокот прегреваше при посложени операции, како на пример интезивно играње на мобилни игри. Проблемот беше решен со софтверска надградба, но евидентно е дека на резултатите на бенчмарк тестовите се далеку под Samsung Galaxy S6 со Exynos 7420 процесор.
 
 
Во секој случај HTC One M9 може да се пофали со врвни перформанси и може да се справи со сите предизвици надополнет со 3 GB DDR4 RAM и Adreno 430 графичка карта. Смартфонот има 32 GB основна меморија која може да се надополни до 128 GB преку microSD картичка. Батеријата на HTC One M9 има капацитет од 2840 mAh која за нијанса е поиздржлива од Samsung Galaxy S6, а е доволна за целодневна активна работа.
 
 
Камера
 
HTC претходната година мораше да ги трпи критиките дека ја утнал работата со 4 ultrapixel камерата која не ги исполни очекувањата, а сега ја премести на предната страна кај HTC One M9 за правење селфи фотки и HD видео повици, додека пак главната камера е заменета со нов сензор од 20 мегапиксели. Изгледа дека и покрај измените HTC One M9 не ги дава посакуваните резултати и сликите не се соврешени како кај Samsung Galaxy S6 и LG G4. 
 
 
Дел од проблемот беше решен со софтверска надградба и се подобри сензорот кој сега дава слики без изразување на зелени нијанси и замаглување, а со камерата најдобри слики ќе добиете преку ден со силна осветленост. Може на моменти да се забележат излбедени бои кои нема да ви се допаднат, но генерално сликите ќе бидат квалитетни. 
 
 
Заклучок
 
За добар дел од лошите резултати на продажба виновен е самиот HTC бидејќи има лош маркетинг со чудни реклами кои да бидеме искрени нема да пројдат ниту на азискиот пазар. Но, да ги тргнеме рекламите на страна, најголемиот проблем на HTC One M9 е неагресивниот пристап во промоција на новитетиte и истакнување на адутите. HTC One M9 се уште се смета за еден од најдобро дизајнираните телефони кој совршено „легнува“ во раката со мазно и тенко тело. 
 
 
Перформансите на HTC One M9 исто така се на високо ниво, иако има мало заостанување зад Galaxy S6 поради Exynos 7420 процесорот кој е недопирлив, но во реалната употреба тоа е речиси незабележливо, така што ќе може да ги користите сите апликации непречено, да играте нови игри и да сурфате на интернет. HTC One M9 е телефон со голем стил и може да ги освои купувачите во премиум класта токму на тој начин, со посебна естетика која го издвојува од останатите.
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: